Runner-descending-titov-vrv

„GO BEYOND YOUR LIMITS“ – Сања Николовска Најдовски

Уште од дете спортував рекреативно, сакав да одам на тренинзи, да учам нови работи. На осумнаесет години почнав да возам велосипед на планина, возев скоро на секоја тура во Македонија, понекогаш се пријавував и на трки во хоби категорија. Прв пат почнав да трчам во 2015 година, прва трка на 5км – Скопски Маратон, пробував да изгубам некое кило. Во исто време колешка од факултет – Кате (тери) – ми кажуваше дека оди на планински трчанки, за мене тоа беше невозможно, тешко ми беше трчањето на кеј, не можев да замислам да трчам на планина. Полесно ми беше со велосипед, а и некако повеќе километри можев да поминам, повеќе места да видам.

biking-at-the-mountain

Така мислев се додека еден пролетен ден на Водно во 2016 година ме сретнаа колешката која беше член на ТРЕКС и останатите девојки од тимот кои ме разубедуваа да се пријавам на Крали Марко Треилс – планинска трка која ја организира ТРЕКС во Прилеп. После некој месец решив дека сакам да пробам да се подготвам за трката која е во должина од 31км со 1850 D+ искачување, сакав да видам дали можам да издржам. Подготовките траеја отприлика три месеци, со дотогашното мое „искуство” во трчање сакав само да ја завршам трката. И успеав. Една година подоцна станав и член на клубот ТРЕКС. Со нив знаеме да си направиме убави заеднички дружби и тренинзи на Водно и планините во земјава па и надвор. Секогаш трчанките се полесни со друштво, иако има и денови кога сакаш да си ја избистриш главата и да трчаш сам, само ти и твоите мисли.

На почетоците на планинското трчање мотивацијата за тренинзи не беше на високо ниво, особено во зимските месеци. Најмногу трчав за да можам да јадам што сакам и кога сакам, на крајот на денот за пиво. Но, со тек на време како почнав да правам повеќе тренинзи на планина, најчесто на Водно, се повеќе се заљубував во овој спорт.  Научив да уживам во сите временски прилики и неприлики, секако со голема почит кон планината,  и со голема доза на внимание кога треба да се повлечам поради временските услови. Планинското трчање ми стана пасија, секојдневие. Чувството на слобода, детска радост и насмевка која ти ја дава планината е непроценливо. Можност да бидеш далеку од секојдневните обврски, а блиску до себе. Сакам да трчам на нови места и да откривам нови патеки. Уживам во деновите поминати во природа, на планина.

Бидејќи имам натпреварувачки дух, некако само по себе си дојде да се пријавувам на трки. Секоја планинска трка е посебна приказна. Најдраго ми е кога ќе се надминам себеси, кога сум подобра од претходниот ден. Ултра дистанците се многу интересни, тука не е важна само физичката туку големо влијание има и психичката спремност. На овие дистанци имаш време и да погрешиш и да се поправиш, да се мразиш и повторно да се засакаш, да патиш и да уживаш истовремено. Обично секој си има свое мото кое го води низ трките и животот. Моето мото е “GO BEYOND YOUR LIMITS”. Осознаваш работи кои не си ги знаел за себе, учиш за некои нови емоции, нови перспективи.

Запознаваш нови луѓе, со различни животни приказни, а сите на едно место, со иста цел, да ги поминеме сопствените лимити. Признанијата и резултатите се само дел кој го добиваш поради вложениот труд, време и тренинзи. Лесно е кога ќе ја исполниш зацртаната цел и мотивацијата расте, но има моменти кога едноставно не можеш да ја достигнеш целта, можеби желбата е поголема од моменталната спремност, можеби се уште не си дораснат за предизвикот или едноставно не бил твој ден. Наместо тоа да те уништи, треба да го разгледаш проблемот од сите страни, да ја согледаш грешката за нареден пат да не ја повториш. Со секој километар повеќе растеш како човек, расте издржливоста, желбата за успех и тоа се пресликува и во секојдневниот живот.

Пред трка фокусот секогаш е на храна, хидрирање и добар одмор (барем два, три дена). Значи или лесно трчање, возење велосипед, а некогаш и само лежење. Сепак јас не сум професионален спортист и секогаш претпочитам да си го слушам телото и моменталната желба за тренинг. Некогаш ако има договорено добра дружба и трчанка тоа не се одбива поради трка. Мојата професија е графички дизајнер во маркетинг агенцијата Априори Комуникации, така што првиот дел од денот го поминувам во канцеларија, а другиот дел го организирам според домашните обврски, спортот и дружбата со пријателите. Немам некоја тренинг програма, повеќе сум “go with the flow”, во зависност од тоа колку доцна ми завршил претходниот ден, некогаш трчам/возам пред работа, но најчесто тоа го правам после работниот ден. Иако за време на карантинските денови трчав на изгрејсонце и сфатив колку е поубаво будењето во раните утрински часови, со трчање и со тишината на планината. Денот ти започнува со повеќе енергија и позитивна мисла, посталожено можеш да се справиш со предизвиците кои ги носи истиот.

sanja-at-race

За секој спорт, а особено за планинското трчање и ултра дистанците, каде што е потребно повеќе одвојување на време во текот на денот за тренинг, многу е важна и поддршката од дома, од најблиските, особено партнерот. Важно е тие да ја сфатат вашата пасија кон спортот и што тој значи за вас. Со добро менаџирање на време и силна волја се може да се постигне без многу откажувања, се разбира постојат приоритети за кои сами одлучуваме.

За најголем успех до сега би издвоила најверојатно првиот маратон 42,2 км Скопски Маратон 2016 година, првата планинска трка Крали Марко Треилс 31 км, најдолгата дистанца за мене Ултра маратонот на Истра 110 км со 4400 D+, Триатлонот во Белград ТРИ каде што има пливање 1,9 км; возење велосипед 90 км и трчање 21 км, трка на асфалт 6h – 63,5 km (државен рекорд), минатогодишното 1-во место на Водно-Матка треил маратонот 42 км со 3200 D+ и Еверестингот годинава. Оваа година имав и обид за трчање на Западната Македонска Трансверзала како предизвик кој за жал не го исполнив, дел поради недоволна спремност, дел поради насобран умор. Се надевам ќе се има време и сила за уште многу наредни проби. Следна цел се Пелистер Ултра-Tреил на средина од август и Охрид Ултра-Треил на средина од септември. А понатака еден ден можеби и UTMB. Тоа е планински ултра маратон, треил настан на кој учествуваат многу светски тркачи. Се одржува на Алпите и поминува низ Франција, Италија и Швајцарија. Најдолгата трка на овој настан е 171км со 10 000 D+. Успешно ја имаат завршено веќе неколку наши тркачи.

Низ животот секој човек е инспирација на свој начин. Инспирација ми се сите кои имаат истрајност, љубов, страст кон нешто. За да успееш треба да се вложиш, но и да уживаш во процесот. Секој ден труди се да бидеш подобар од претходниот, прави го она што го сакаш и уживај во секој момент кој ти го пружа планината.

Најважно е што планината не учи на многу работи кои ни помагаат низ животот, не учи да бидеме подобри луѓе, погрижливи еден за друг, почовечни.

Останете во добро здравје, чувајте се, уживајте во спортот и природата, трчајте со сопствено темпо низ животот, не се споредувајте со останатите и одете го вашиот пат. Секој се соочува со различни предизвици и различни животни ситуации, не се потценувајте и не ги потценувајте другите. Трчајте, планината ве чека, БЕЗ ОТКАЖУВАЊЕ

mountain-runners-at-night

Автор: Сања Николовска Најдовски

beyond-the-results-logo

Трнливиот пат – Игор Димовски

“Животот е канвас платно, се што ќе насликате на него ќе биде рефлексија на делата што сте ги оставиле”

Почетоците со пливање ги направив во 1984 година. Тогаш всушност секое дете беше „приморано“ да излезе надвор да игра, да се дружи, спортува или да се занимава со уметност, не како денеска затворени дома, дигитализација, деформитети. Близината на базенот Карпош до домот, мојата мајка Љиљана, се главните причини да се запишам на часови по пливање. И почнав, научив да пливам (да плутам над водата). На шест години не само што научив да пливам, туку почнав да учествувам и на натпревари. Тоа беа повеќе детски трки, кои сепак за мене беа многу значајни. Во нив ги стекнав првите искуства, кои подоцна ми беа од голема корист за оние вистински пионерски трки во кои се тркавме за медали и дипломи. И токму кога на почетокот помислив дека ова може да биде старт на една успешна кариера, доживеав малер. На скијање на Пониква ја скршив ногата и беше од типот на повредата, за моја несреќа, да морам подолг период да паузирам и да останам на „суво“. Но сето тоа не ме обесхрабри, а влегувањето во вода откако го извадив гипсот ми дојде како корисна рехабилитација. По извесно време заборавив на повредата и влегов во полн тренажен процес, ја подигнав формата и продолжив да се натпреварувам.

Специјалност ми беше грбниот стил, во кој бев побрз од некој пливачи кој се натпреваруваа во слободен стил. Инаку од двете дисциплини во грбна техника на 100 и 200 метри, подобри пласмани имав на подолгите патеки (уште оттогаш како да се назираше мојата перспектива како пливач на долги патеки), иако меѓу моите другари и тренери бев претпознатлив како „Иџе Брзиот“. Успесите и пиедесталите во грбниот стил се редеа, покрај соборување на републичките рекорди во пионерска категорија, бев државен шампион во пионерска категорија на територијата на Југославија 1990/91 година. По осамостојувањето на Македонија, како по ред ги соборував рекордите во истата техника и во двете делници, како во кадетска категорија така и во постара категорија (младинска и сениорска), и тоа ме однесе на првите позначајни натпревари балкански првенства од каде се враќам со медал, европските првенства во Прага и Женева, каде го подобрив времето на националниот младински и сениорски рекорд и резерва во Б-финале. 1997 година бев единствеиот универзитетски претставник на Универзијадата во Сицилија, Италија, и кога се беше како по книга и ветувањето за испливано време на 200 метри грбно под 2 минути и 10 секунди, дека ќе ме однесе на престојното светско првество во Шведска, се соочив со најголемата препрека. Испливав време кое беше за неколку стотинки од олимписката норма 2.07.53, но не бев во тимот од сеуште неразјаснети причини за мене (дури сега сфаќам, немаше кој да ме потурне, како што всушност функционира системот и до ден денешен, за жал). И така, семејство како за невоља се растури, незаитересираност на клубот (од финансиски аспект) и многу други причини ме натераа да се најдам во голема дилема што всушност понатаму. Тотално надвор од спортската магија беше тоа период на животна егзистенција, брачни води, основање на семејство…Снежана, Иво-Јован и Матео.

2004-та година, на својот 26-ти роденден си посакав, да се вратам на спортските навики, натпревари, победи. Толку ми фалеше сите тие години, и на големо изненадување се појавив на стартот во Свети Наум (Охридскиот маратон). Запливав, ги минував километрите и не само што допливав до целта туку и бев осмопласиран. Така моето име не само по таа 2004-та година, туку беше на списокот помеѓу многу  врвни учесници маратони од целиот свет и во следните неколку години на Охридскиот маратон, маратоните во Аргентина (Најдолгиот маратон во светот 88 км. Таму водата е црвеникава и едноставо не можеш да видиш што се има во неа. Само од кажувањата на оние пливачи кој веќе имаа искуство и настапиле на оваа трка, можеше да се заклучи дека се наоѓам пред големо искушение. Иако се чувствував некако исплашено, сепак во мене се роди вера и некоја сила кои ме тераа храбро да влезам во неизвесата трка и да ги совладам сите стапици на реката Парана, а колку е таа полна со чуда најубаво зборуваа предупредувањата од домаќините, кои ни порачуваа не сега, туку по трката да го посетиме познатиот музеј на флора и фауна во реката Парана), Италија (монденскиот Капри – Наполи), Грција, Бугарија, Србија, Хрватска…

Желба на секој пливачки маратонец е еден ден да го преплива Ла Манш. Каналот што го дели југот на Англија со северот на Франција. Уште многу одамна тој е предизвик за стотици маратонци ширум светот да дојдат и да се впуштат во борбата со брановите и непредвидливите студени како мраз водени струи кои некогаш можат да бидат и фатални. Затоа секој кој ќе се осмели да дојде на Ла Манш и да му се спротивстави на неговата неверојата сила, заслужува огромна почит. Голема благодарност до Општина Карпош со која успешно се реализираше овој прескап проект. Датумот 02.08.2010 вечно ќе ме потсеќа на тоа големо животно искуство, победата над водата која ви ја заледува крвта, сопствената психа која сака да ги урне соништата во тој момент, струењата кој доаѓаат буквално од сите страни, плимата која ве запира и ве остава да пливате вечност во едно исто место. Какви и да беа препреките, колку и да беше силна водената струја, јас бев сигурен во себе и никогаш не се предадов, не се откажав од тој сон и го препливав Ла Манш. Искуство кое е незаборавно, подвиг кој ми ја отвори вратата на Клубот на Македонските Спортски Легенди (благодарност до Зоран Михајлов легендарниот спортски новинар, кој за сето време ја известуваше македонската јавност од прва рака). По ова и со поголема самодоверба и желба, се редеа победи на маратоните во Грција, учество на светските маратонски купови итн.

Во 2015 година за жал бев приморан да работам и егзистирам надвор од границите на својата татковина, во Обидинетите Арапски Емирати, Дубаи. Се најдов пред момент на отварање на непознатата дотогаш за мене врата на ново спортско доживување. Телефонскиот повик во раните утрински часови од постариот син Иво-Јован дека ќе почне да се занимава со триатлон. Пријатно ме изненади и некако ме натера да се замислам и да ја отворам и таа врата на непознато дотогаш за мене. Но, дека се работеше за спорт кој е олимписки уште веднаш љубопитно почав да се информирам се повеќе. Па така и овојпат се нафатив напорно да работам, тренирам и натпреварувам. Како и во пливањето, така и во триатлонот го правам тоа со огромна љубов и желба за стопроцентен успех. Бев сигурен во себе, не се плашам повеќе од предизвиците и препреките, гордо и успешо се соочувам. Но, и овојпат не поминуваше без препрека, сакав да бидам триатлонец, но немав велосипед, па морав да позајмувам само за да можам да се натпреварувам (благодарност до Иван Михајловски и Петар Георгиевски-Камиказа). И така 2019-та година станав државен шампион оставајќи ги зад себе многу поискусните и помладите натпреварувачи. Учествував на балканскиот шампионат во Истанбул каде го зазедов можеби и највисокото 5 место во историјата на триатлонот во Македонија.

Како годините минуваат, се поголема желба ми е да го споделам целото мое искуство на помладите генерации, да ги научам и стекнам со вештини, со кој не само ќе ме наследат, туку и да бидат во најмал случај многу подобри од мене. Мојата желба не е само да бидам најуспешен македонски спортист со титула државен шампион во два олимписки спорта, пливање и триатлон. Туку ќе се потрудам мојата колекција на медали, трофеи и награди да ја збогатам за уште еден медал и тоа од Балканското триатлон првенство (исто како и во пливањето), токму таа боја и недостасува на моето канвас платно.


Автор: Игор Димовски

logo-beyond-the-results

evgenij-pop-acev-cover

Животот е маратонска дисциплина – Евгениј Поп Ацев

Уште од мал сакав да се занимавам со спорт, но ми требаше време и неколку промени за да решам сериозно да се бавам со пливање. На почеток, многу краток период ,започнав со пливање, потоа да се префрлам на гимнастика неколку години, за на крај повторно да се вратам на пливањето. Интересно е што мајка ми беше гимнастичарка, а татко ми пливач, па некако потсвесно може сум сакал да одам по нивните стапки, плус некако беше популарно во тоа време да се спортува нешто. Дури и групно се договаравме со другарите да почнеме спорт заедно. Така на почеток беше еден вид на хоби, дружба и водење на здрав живот, но полека станував се попосветен и почнав посериозно да тренирам, да се откажувам од другите хобија и слободните викенди. После некое време ми се појави желба да напредувам и натпреварувам па така полека, но сигурно пливањето стана мој стил на живот. Веќе на 11-12 годишна возраст 6 дена во неделата одев на базен, а за викенд и по два пати дневно. Некако ме привлече тој начин на живот, одењето на базен, натпреварите, начинот на тренирање и сфатив дека тоа ме прави среќен и дека пливањето е спортот со кој сакам да се занимавам.

Со секој натпревар, изминат тренинг циклус, покрај тоа што се стекнуваш со пливачко искуство, туку и созреваш како личност. Почнуваш да си ги препознаваш сопствените јаки страни, но и слаби, си го осознаваш сопственото тело како фунционира, што му одговара што не, кога треба да одмориш, а кога да додадеш „гас“. Така после многу трки и првенства сфатив дека маратонското пливање како дисциплина е нешто што ми одговара и во кое највеќе уживам. Токму затоа и победата на Охдирскиот маратон е нешто на кое сум посебно горд бидејќи тоа за мене е посебна трка пред домашна публика и чувството да се победи на трка која си ја гледал секоја година од дете на телевизија или на прситаниште е нешто посебно. Сепак секој резултат што ќе го постигнеш (без разлика дали е победа или не) си има посебно значење и носи посебни емоции.

Како одминуваа годините и градењето на кариера, така и целите што си ги поставував пред мене беа се поголеми и поголеми. Но и притисокот што самиот си го наметнувам станува исто така поголем, особено на трките на кои што ќе проценам дека имам големи шанси за победа. Ваквиот начин на фунционирање ми помага да останам фокусиран дури и тогаш кога работите не одат по планот. Сепак на маратоните претставуваат трки на долги патеки и има простор за корекција, но треба да се има ладна глава, да нема паника и полека да работиш на тоа да се вратиш во трката. Искуството ми покажало дека не секогаш ќе успееш во тоа, ќе има трки кога нема да можеш да го дадеш најдоброто од себе си и едноставно нема да успееш во она што си го планирал и очекувал. Секако ова знае да биде разочарувачко, особено ако се работи за маратон за кој е од голема важност и за кој си посветил многу тренинзи, но не смее  да те исфрли од колосек. Затоа поддршката од најблиските и позитивното размслување ми помагаат да останам во „игра“.

Секогаш сум имал голема поддршка од моето семејство, и мислам дека тоа е една од најбитните работи за успешен спортист. Без нивна константна подршка од кога сум почнал да пливам (повеќе од 20 години) можеби не би бил каде што сум сега. Тешко е да се биде професионален спортист и да се биде посветен на сите обврски, бидејќи тренинзите одземаат од 6 до 7 часа на ден 6 дена во неделата, плус многубројни патувања, немање можност за одмори, дури и кога одиме на одмор мора да тренирам. Но секогаш се наоѓа баланс, со добра организација на денот и секако важно е разбирањето кое го имам од мојата фамилија. Откако сето тоа ќе стане навика, после лесно се остварува. Покрај намаленето време кое може да го поминам со семејството, пријателите и од пред година и пол ќерка ми, друго од што сум се откажал е стоматологијата. Тоа е мојата професија, но се надевам дека во иднина ќе надополнам се. Така да цената можеби изгледа голема, но лично сметам дека се исплати.

Повредите исто така се составен дел од спортот, тешко ми е да не мислам на тренинзите и натпреварите што ги пропуштам, едноставно имам грижа на совест, дури и ако е мала настинка. Чувството на беспомошност е многу фрустрирачко, но се фокусирам на оздравување и да не избрзам да се вратам на тренинзите, зашто тоа може да ја отежни ситуацијата и потоа да правам поголема пауза од тренинг.

Спортот има големо влијание врз мене поготово поради тоа што е мој начин ма живот повеќе од 20 години. Имам големи придобивки: создавање на здрави навики, дисциплина која ми помага и во секојдневните обврски надвор од пливањето, сум видел и прошетал многу места низ светот, различно познанства, мотивации, емоции, чуство на исполнетост …. се тоа го носи спортот и затоа сите го сакаме. Мислам дека спортот не прави подобри луѓе, поисполнети и со подобри навики. Тешко е да кажам како би ми бил животот без пливање но сигурен сум дека пливањето има позитивно влијание на мојот живот и на работите кои би можел да ги постигнам на професионално поле. Да се биде трикратен Гранд При севкупен победник и три години во први 6 на Светски Куп. Поготово што минатата година во иста сезона ги направив тие резултати во ГП и СК е голем успех за мене, но секако дека имам и поголеми цели и планови за следната сезона како Олимиските Игри. Годините полека ме газат и секако понекогаш и размислувам дека ќе дојде и тој ден да се пензионирам, но сеуште не сум решил кога ќе биде тоа. Уште чуствувам дека може силно да тренирам и сум уште жеден за високи спортски резултати и дека сеуште не сум го дал својот последен „збор“. Фокусот го барам во добриот резултат и промоција на мојата држава, кој преставува голема сатисфакција за самиот себе најпрво но и за блиските.

Кога почнав со овој спорт не знаев многу што да очекувам и до каде ќе стигнам. Примарно ми беше да спротувам и да се дружам, но како навлегував подлабоки во спортот апетите и мотивацијата ми растеа и со тоа и мојата посветеност. Не знаев отсекогаш дека ќе бидам маратонски пливач, но верував и работев да бидам добар пливач. Ако сакаш нешто да бидеш или да постигнеш мораш да веруваш во себе и да работиш на тоа напорно, обично треба многу време да се оствари но на крај се остварува.


Автор: Евгениј Поп Ацев

beyond-the-results-logo

Проектот „7 summits“- Илина Арсова

Три недели по враќањето од студениот Антарктик, веќе нестрпливо размислувам и планирам за следна цел и дестинација. Веројатно споменот на неизмерна среќа која ја доживувам секојпат на висина, во опкружување на пејзаж од кој запира здивот, е она што постојано ме тера да го правам ова дотолку што сите останати животни работи, навики и потреби се помалку битни и второстепени. Многумина ми велат „Ајде сега доста е“, „Одмори малку“, „Ги искачи сите планини“ и т.н., но сега е моментот на најголема мотивација што треба да се искористи ако сакаме да се надградуваме. Сега е моментот кога човек може да напредне наспроти рекреативното одржување на исто ниво со години. Среќна сум со постигнатото, што конечно заокружив една мисија која ми била предизвик веќе десетина години, но мислам дека можам да постигнам повеќе во поглед на сопствените можности. 

Сепак реалноста  е малку поинаква. По враќањето од искачувањето на врвот Винсон, како и после секоја поголема планина, веднаш ме навасаа болките во колена со кои си имам мака години наназад. Имам пад на слухот и зуење во ушите кое по секоја експедиција се зголемува. Тоа е нешто како расипан фрижидер кој постојано и без престан ви бучи во ушите. Условите на кои го изложуваме нашето тело, со денови и ноќи на студ, ветер и редок воздух, полека но сигурно се одразуваат врз општата здравствена состојба. Тоа е сметка која доаѓа со камата после повеќе од две децении (и повеќе од пола живот) посветен на авантуристичките и екстремни спортови. Свесна сум дека треба време за опоравок, а потоа од ново спремање за што и да следи. Трпението игра огромна улога и е многукратно решение.   

Овие ситуации не се добредојдени во процесот на себе – мотивација. Излегувам на јавни средби, со мојата приказна успевам да инспирирам и мотивирам многубројна публика, додека потоа поминувам низ сешто за да себеси се мотивирам и да се вратам во колосек. Веќе трета година не можам да скијам, а богами ни да одам без потребните инекции и нтервенции. Докторот беше скептичен и дали дотука ќе можам да истраам и да ја комплетирам мисијата за 7-те врвови. 

Но, веќе сме големи и размислуваме по рационално (барем понекојпат). Како да најдеме најбезболно решение за да постигнеме резултат, а притоа да заштедиме енергија и најбитно да ја подобриме физичката кондиција и состојбата на телото. Кога сфатив дека на колената повеќе им прија пливање и точак, целосно ја искористив својата позиција во Охрид и предизвикот за тренинг го насочив кон триатлонот кој секоја година се случува токму во Охрид. Тоа беше добар момент за мене да најдам мотив и да тренирам во деновите кога сум презафатена со работа. Толку се вљубив во новиот спорт што продолжив да тренирам и по завршување на триатлонот. Го избегнував трчањето, а се задржав на останатите две дисциплини. Тоа верувам до некаде ми помогна за да закрепнам и да го вратам фокусот кон „7 врвови“. Пливачката сезона наменски ја продолжив, верувајќи дека студената вода ќе ми помогне подобро да го поддржам студот кој ме очекува на Антарктикот. Во 2019 та пливав некаде од Март до Ноември, со тоа што во постудените месеци не се задржував предолго во вода. Во редовните летни месеци гледав да пливам барем по 2 км во денот. Внимавав на исхраната и одев на вежби за дишење, со мојата учителка од „Арт оф Ливинг“. Есента веќе многу подобро се чувствував и заминав на подготовки во Италија каде работев како волонтер, качував и планинарев. Знаев дека сум подготвена за да заминам на Анатрктикот сепак остана мала доза на неизвеснот од акумулираниот страв од студот, бидејќи ми требаа речиси три години да се опоравам од смрзнатините добиени на Аљаска во 2016-та година. Сето тоа исчезна кога со рускиот Иљушн слетавме на поларното копно. Веднаш се вљубив во новото сценарио и сите сомнежи исчезнаа. 

Велат дека Антарктикот е еден вид снежна пустина. Тоа е и најсувиот континент со многу мала влажност и количество на врнежи. Но, оваа година ги почувствувавме климатските промени. Заврна многу снег што предизвика и огромни лавини. Постоеше можност експедицијата вондредно да заврши без успех, заради голема опасност од лавини. Врвот Винсон технички не е многу сложен, но е доста оддалечен и суров заради својата изолираност.  И покрај тоа што Винсон го нарекуваат помалото братче на Денали, од претходно си имав научено дека не смеам да потценам ниту една планина, така и овојпат и пристапив со голема почит. Бевме мал тим од вкупно шест души. Секој учествува во транспорт на опремата, храната, шаторите и кујнската опрема. Дел од теретот е распределен во ранци, а дел влечеме на санки. За разлика од Хималаите или Андите, овдека немаме помош од носачи и целата опрема ја транспортираме сами. Навикната сум да носам товар бидејќи уште од мала го правам тоа. Кога имав 14 години со сестра ми се тркавме на Водно. Татко ми еден ден ни стави по 7-8 големи камења во ранецот и ни рече: „Ај сега да видам како ќе трчате“. Тоа ми стана навика и почнав да го носам ранецот полн со камења секој ден кога одев на Водно. Грешката што ја направивме бидејќи тогаш не знаевме, е дека подобро ќе беше само нагоре да тренирав со терет, а надолу да одев со празен ранец. Барем тоа коленава ми го велат денес.  

Искачувањето на највисоките врвови на сите 7 континенти се смета за светски високогорски предизвик. Од аспект на високогорско достигнување и во рамки на овој проект постои натпревар и тоа: кој бил најмлад, кој најстар, кој најбрзо ги искачил и т.н. А, според мене најголемо достигнување имаат оние  десетина луѓе, кои се искачиле без користење на додатен кислород на Монт Еверест.

Мојата приказна за 7-те врвови е малку поинаква бидејќи како еден ликовен уметник во секој еден од тие врвови јас наоѓав инспирација да создавам и творам, а потоа и да споделам разни креативни проекти кои непрестано извираа од мене. Таму некаде меѓу врвовите се роди идејата за хостелчето „IKAR Hut“ во кое денес живеам и со голема љубов споделувам дел од моите искуства, таму добивав енергија за кога ќе се вратам да се расправам со властите и да го поддржувам еколошкиот активизам за зачувување на Охридско. А секако дека таму некаде, односно  токму по симнувањето од Чимборацо, се роди и идејата за документарниот серијал Herstory.pro, мојот последен проект посветен на жените во спортот. Како спортско достигнување среќна сум што половина од овие врвови успеав да ги реализирам во своја организација и без водич, што е многу почист пристап во планинарењето.   

Оваа мисија траеше нешто подолго време од предвиденото и токму затоа беше вистински предизвик да се истрае до крајот. Имено Аконкагва ја искачив соло, во 2011-та година, кога сеуште не размислував дека еден ден ќе ги качам сите 7. Истата година со партнерот Илија го искачивме Ама Даблам, за мене една од најубавите планини во светот. Тоа беше можеби и првиот крстопат дали ќе го одберам патот на 7-те континенти или пак ќе се насочам кон искачување на по технички врвови кои особено ме привлекуваа (Матерхорн 2010, Ама Даблам 2011 и повеќе долги насоки во Казахстан и Азија во 2009). Таа желба сеуште тлее и истата потреба ја задоволувам со редовно тренирање и качување карпи дома и во околните земји. Качував спортски насоки секаде каде што можев, но качував и долги, класични алпинистички насоки на Матка, Демир Капија и на Доломити. Во 2012-та година организирав мала група на Килиманџаро (во чест на мојата мајка која беше доктор на нашиот тим), истовремено се борев да ги обезбедам потребните средства за искачувањето на Монт Еверест кој дотогаш беше и главната цел. Монт Еверест конечно се случи во 2013-та година и тоа беше прекрасно чувство, достигнување на еден сон, национален успех и себенадминување. Се вљубив во височините каде се чувствував сосема комотно. Но веднаш по искачувањето се родија нови цели, а една од нив беше и да ги завршам  7 те врвови бидејќи веќе бев речиси на „пола пат“. Така продолжив по патот на 7-те континенти, во 2014-та следеше Елбрус, каде повторно заминав сосема сама и како новитет за македонското високогорско скијање се спуштив на скии во телемарк стил. Во 2015 – та со мојот другар Филип Василески заминавме на подготовки на Хималаите и самостојно во алпски стил го искачивме врвот Мера од 6476 м. каде јас повторно се искачив и спуштив во телемарк стил и со тоа го поместив личниот рекорд во високогорско скијање. Ова беше всушност и подготовка за Денали, што следеше во 2016 та година. Во иста комбинација со Филип, јас на скии (до 5000 м), потоа заедно во наврска, во сурови услови успеавме да го качиме врвот од 6195 м, како највисок на северно американскиот континент. Можам да го издвојам Денали како еден од потешките, особено заради тоа што бевме во самостојна режија и без никаква логистичка поддршка освен нашиот пријател метеролог кој постојано не снабдуваше со добра прогноза преку пораки на сателитскиот телефон. Денали е и единствениот врв во низата од 7, кој го искачив од втор пат после обидот со Надир и Иле во 2012 кога достигнавме висина од околу 5100м. 

2017 и 2018 година излегов од континуитет со 7-те врвови најмногу заради немањето на средства за последните два кои беа и финансиски нај предизвикувачки. Тие години тренирав на други планини кои можев да си ги дозволам во сопствениот буџет. Искачив уште неколку 6000-ки во Перу и Еквадор каде работев како волонтер, но и се насочив кон мојата друга љубов, спортското качување и се трудев да ја подобрам техниката и нивото на карпата. 

Конечно во текот на 2018 година, Агенцијата за Млади и спорт ги препозна напорите на Федерацијата за планинарски спортови како и моите лични заложби кон проектот 7 врвови, и одлучи да не поддржи. Така, крајот на 2018 година заминав во Западна Папуа, и точно на почетокот на 2019 година го искачив врвот Пунџак Џаја, 4884 метри, највисок врв на Австралија и Океанија.  Благодарение на поддршката од АМС, ФПСМ, мојот клуб Трансверзалец, Спортско качувачката федерација, но и многу други анонимни спонзори, 2019-та година, започна и заврши со добри вести од планините и конечно нашата земја доби свој прв женски претставник на 7-те врвови на сите континенти. А сега да качиме нешто за душа, или евентуално да го препливаме Охридско… Како и да е сонувајте и патувајте, животот е авантура!


Автор: Илина Арсова

logo-beyond-the-results

Посветеност, истрајност и решителност – Стојан Поповски

Мојата спортска приказна и кариера започнува многу одамна (далечната 1990-та година), на 6 годишна возраст се запишувам во пливачкиот клуб „Студент“. Како поминуваа месеците и годините сфатив дека во овој спорт можам да бидам конкуретен што и го покажав на неколку локални натпревари. Позитивен пресврт и голем мотив беше интернационалниот пливачки митинг во Ноис (Германија) каде на само 9 години освоив две сребрени медали со одлични резултати во дисциплините 50м. делфин (37,85сек.) и 50м. слободно (35.76сек.). Потоа следуваа и многу победи и титули како најдобар поединец во категории млади, стари пионери и кадети каде најдобрите резултати ги постигнав во дисциплините на 200м / 400м / 1500м слободно како и 50м / 100м / 200м. делфин.

Паралелно со пливањето секогаш бев љубител на велосипедизмот а уште како дете бев зависник од адреналин, па качувањата на падините на Водно ги користев само за да можам да уживам во брзите спуштања надолу, нормално без за тоа да знаат моите родители бидејќи сето тоа почна кога немав полни 10 години со челичен велосипед од 20кг. без никаква суспензија.

Следуваше период на голема и долга стагнација во пливањето, сите мои врсници и конкуренти почнаа да ме поминуваат скоро на сите натпревари, физички беа доста помоќни, веќе оформени спортисти за таа возраст, а јас некако останав назад, низок по раст, килограмите и покрај посветеното тренирање се таложеа, а и со постигнатите резултати во тие години некои тренери мислеа дека нема ни да мрднам нагоре од проста причина што периодот на стагнирање траеше веќе со години. Па се чудеа како наоѓам мотив толку посветено да тренирам и максимално да се оддавам на секој тренинг без оглед што резултатите ни малку не одеа кон подобро. Можеби тука некаде сфатив дека таа негативна страна на тапкање во место ме направи исклучително психички посилен во однос на сите мои врсници, а исто така и од оние постарите, бидејќи имаше пливачи кои со многу помалку стагнирања многу брзо се откажуваа, а мене тоа ми беше само мотив плус што во понатамошната триатлон кариера, слободно можам да кажам, дека и до ден денешен е моето најслино оружје. Оружје благодарение на кое сум успевал да победувам и големи трки и да правам резултати во периоди кога можеби и не сум бил толку физички спремен за тие натпревари. Психата е едно големо чудо кога ќе можеш барем малку да ја запознаеш, а уште поголемо кога ќе почнеш да ја користиш. Годините стагнација како и таложењето на килограмите ме мотивираа веќе и посериозно да поминувам километри со мојот велосипед и да почнам и со рекреативно трчање. Требаше уште некоја година посветеност во таа природна борба со мојот организам и потоа настана онаа добитна комбинација, голема физичка спремност со минимална процентуална застапеност на масно ткиво во организмот.

bike-riding-on-triathlon

За триатлонт од секогаш знаев како спорт, но никогаш не помислив дека некогаш ќе се бавам, уште помалку па дека долги години ќе бидам и национален шампион. Тогашните медиумски покритија не нудеа многу, единственото нешто што беше достапно беа само некои годишни ретроспективи од големи натпревари, светски и континентални првенства, а јас секогаш бев воодушевен на нивната психофизичка спремност и моќ.

swimming-on-triathlon

Во 2002 година дознав дека и во Македонија постои триатлон федерација која организира натпревари кои се бодуваат за националните ранг листи, дури и дека имаме триатлон репрезентација која веќе зад себе има и официјални настапи на меѓународни натпревари. Бев импресиониран и веднаш одлучив да се пријавам. Во 2003 година се одлучив да настапам, освен моето пливачко искуство, влегов во нешто сосема ново и како да претчувствував дека тоа е вистинскиот спорт за мене. Како јуниор бев најдобро рангиран, а вкупно го освоив 3-то место. Тоа беа импровизирани делници во кои, ако може така да се каже, некако повеќе шанса се даваше на велосипедистите и атлетичарите. Бев изненаден од бројот на учесници, а и од топлината на луѓето инволвирани во организацијата на тие натпревари, како и од стручниот тим на раководството на чело со основачот на триатлонот во Македонија, Ѓорги Кузмановски. Човек кој има премногу направено за овој спорт во нашата земја, а беше и мој тренер.

Од тогаш па натаму започнувам со сериозни тренинзи, со насочени програми кои ми донесоа да станам 16 години последователно апсолутен национален шампион. Покрај националните титули и настапите на националните првенства во триатлон и дуатлон вкупно остварени натпревари овие години веќе го надминува бројот 100, од кои преку 40-тина европски и светски купови, балкански првенства, 4 европски и 4 светски првенства.

triathlon-macedonia

Секоја завршена трка е драга на свој начин, покрај убедливите победи на националните првенства би ги издвоил константните добри резултати на сите балкански првенства на кои сум учествувал, секогаш во најдобрите 5 триатлонци во елитна категорија, победа на европскиот куп на Малта на мали земји, сребрен медал на интенационалниот триатлон куп на Ада Циганлија во Белград, 30 место на светското првенство во Будимпешта (Унгарија), 19 место од 84 натпреварувачи на европскиот и светски куп во Аланија (Турција),  29 место од 73 натпреварувачи на европскиот премиум куп во Лимасол (Кипар) итн. Во 2004-та година на европскиот куп во Сапанџа (Турција), се запознав со селекторот на бугарската триатлон репрезентација, Емил Стојнев кој го забележа квалитетот и резултатите иако бев само 1 година во овој спорт и несебично ми понуди соработка, тренинзи, програми, тренинг кампови во секое време со нивната репрезентација, која во основа ја има познатата стара добра и сурова руска школа, нешто што ми беше од огромно значење и големо искуство не само спортско туку и животно.

Како минуваа годините резултатите беа забележани и од „Македонскиот Олимписки Комитет“ кој несебично ме помагаше и промовираше во потенцијален олимспики кандидат за Лондон 2012, а во соработка со „Олимпсики Комитет (ИОК)“ и „Светската Триатлон Федерација (ИТУ)“ станав и интернационален стипендист заедно со уште само 7 триатлонци, селекција направена од вкупно 94 апликанти од целиот свет врз основа на постигнати резултати на претставници од мали земји. Кратко потоа бев пратен на 3 месечни професионални подготовки во Соединетите Американски Држави, во тренинг центарот и базата на Американскиот национален триатлон тим во Колорадо Спрингс. Тоа беше едно поинакво функционирање и друга димензија на професионално усовршување кое се базираше на многу анализи и усовршување преку најсовремени методи во сите три спорта. Целото тоа искуство со врвни стручњаци, тренери, доктори, нутриционисти, психолози, физиотерапевти, спортисти кои функционираат професионално на највисока нога е нешто кое не ви помага само во спортот туку и надвор од него, ве прави богата и стабилна личност која има основа да се носи со разни предизвици и во приватниот живот, како полесно да се справувате со разни кризи, падови и други несакани ситуации, нешто кое колку и да сте материјално моќен едноставно не можете да го купите со пари.

Од пред неколку години одлучив да се пренасочам и во т.н долги триатлони или познати во јавноста како „IronMan“. Целта ми е моја спортска кариера која веќе влегува во својата 30-та година да ја заокружам со најдобар резултат и во овие делници, поточно да бидам единствен македонец кој ги има постигнато најдобрите резултати во се што негува триатлонот, тргнувајќи од спринт делници, олимписки триатлон (резултати и рекорди кои се уште не се срушени), па се до „IronMan“. Показател дека тоа можам да го направам се веќе постигнатите резултати во „Half IronMan“ делниците кои претставуваат и најдобри резултати, а исто така имав и два обиди и во најдолгите делници кои за жал беа неуспешни, првиот поради технички проблем, вториот поради повреда на задната ложа. Ситуација која ме натера добро да размислам, да се стабилизирам и физички и психички и да пробам да направам повторен обид да дојдам до саканата цел. Верувајте жртвата е огромна, енергијата, финасиите одат во друга димензија, сепак е спорт кој е многу скап, еден од најскапите по вложување во опрема по авто-мото спортовите.

Сето тоа сите години наназад без поддршка на моите родители ќе беше невозможно, тоа се огромни суми на пари кои прашање е на време кога ќе згаснат доколку се нема спонзори, нешто кое кај нас оди многу тешко, да не речам е невозможна мисија. Родителите ми беа не само главни спонзори туку и логистика на секој можен начин за што сум им бескрајно благодарен, најмногу поради тоа што сум се изградил во стабилна личност на која и се пружило шанса да има многу животни лекции, многу убави моменти и спомени, премногу пријателства и многу искуства во многу земји низ светот.

Од пред неколку години како фамилијарен човек исто така имам и голема поддршка од мојата сопруга на која често и кинам нерви особено кога „исчезнувам“ и долго ме нема дома, како и од мојата ќерка која иако има само 2 и пол години веќе ми е главна поддршка скоро на сите „indoor“ тренинзи кои ги обавувам за време на зимскиот период од првата до последната секунда.

Дополнителна отежителна околност е и тоа што во нашата земја да си дозволите да се бавите со било каков спорт потребно е да работите, бидејќи и до симболични суми за материјална поддршка патот е многу трнлив, па така и во мојот случај работам две работи за да можам да егзистирам и да се надевам на 1 или 2 старта во годината нешто за некој кој брка резултат, а не завршување на трка за подвиг е навистина смешно и инфериорно особено што целата моја спортска кариера сум ја поминал професионално, натпреварувачки со голем број на стартови и желба и жед за натпревар со светски имиња. Односот кон тренинзите е крајно професионален но со самото тоа што немате доволен број на натпревари кои претставуваат најдобар тренинг, автоматски сте и натпреварувачки надвор од ритам. Голем проблем претставува и опоравокот од тешките и долги денови помината во тренинзи. Доколку некој пред некоја година ми кажуваше дека опоравокот и времето за одмор ќе ми бидат потешки дури и од самите тренинзи и покрај тоа што сум одличен менаџер со време ќе го направев луд, но биле сосема во право.

running-on-triathlon

Покрај триатлонот и сите негови пропратни елементи, како дипломиран филолог, предавам германски јазик и исто така од неодамна сум тренер во триатлон клубот „Triogy“ и веќе три години сум селектор на македонската триатлон репрезентација. Голем љубител сум на моторите и со тоа успевам некако да ги задоволам моите адреналински потреби. Пасија ми се и авионите и како несуден пилот од дете летам на домашни симулатори

И на крај можам да кажам дека сето ова и покрај тоа што е многу голема жртва, кога некогаш се враќам години наназад често сум немал време ниту сила да можам секојдневно да се дружам и да излегувам, но за тоа воопшто не сум се покајал ама ниту еднаш од проста причина што ми се пружеле многу прилики да запознавам многу луѓе, да прошетам низ многу земји и делови на светот, нешто кое со секојдневно излегување и журкање би било невозможно, па затоа во ниту еден момент не сум се покајал. Напротив повторно би го избрал истото. Чувството кое ве обзема откако ќе се искачите на највисокото место на пиедесталот или направите резултат кој со години за генерации останува недостижен и за него многу други тренираат и се стремат да го подбрат е чувство за кое вреди да се тренира и вложува, не би можел со зборови да го опишам. Најдобро е кога се доживува на свој грб.

Токму затоа во можеби во најдобрите години за овој спорт, спорт кој бара исклучително голема спортска зрелост и психичка и физичка во наредните години ќе се обидам да направам се како и секогаш до сега да направам најдобар резултат и во онаа најдолга триатлон делница, „IronMan“ потоа слободно да можам да се „пензионирам“.

motivation-bike

Автор Стојан Поповски

logo-beyond-the-results
finish-line-biking-winner

После дождот доаѓа сонце – Никола Лефков

Спортот е моја пасија уште од детството. Како и секое второ дете, мојот прв спорт со кој се занимавав беше фудбалот. Дедо ми беше возач на комбето на играчите кои не живееа блиску до Илинден. Тој ме мотивираше да почнам да тренирам, а исто така и другарите од школо, бидејќи сите тренираа фудбал во тој момент. Убаво беше додека траеше, сеуште имам убави спомени и другари од тие денови. Но, тоа не беше за мене. По ова искуство, ми се пружи шанса да останам во фудбалот. Имав 14 години и имаше отворен конкурс за фудбалски судии. Ги положив сите тестови, физички и теоретски, а со тоа добив категорија на фудбалски судија. Тогаш почнав да заработувам и ми беше супер. Еден ден, татко ми во двор паркираше велосипед. Кога ми ја кажа цената, мислев дека не вреди да се потрошат толку пари за еден велосипед.

Во маало сите зборуваа колку им се допаѓа велосипедот, а јас заборавив дека воопшто го имам. Не го ни пробав. По неколку дена решив да возам до Ајватовски рид, инаку место за рекреација во Илинден. Почуствував нешто што дотогаш не ми се случило. Не можев да се качам на угорнината. Морав да туркам за да успеам да се качам. Тоа ме предизвика и започнав секој ден да тренирам заедно со тако ми. Возевме од дома до манастирски комплекс во Дељадровци и назад по угорнините. Некогаш сакав да скратиме, да се вратиме по рамниот дел назад, но татко ми беше многу строг и не ми дозволуваше да го фатиме полесниот пат. Еден ден, случајно го испуштив глицеринот на предната кочница. Тогаш се јави првата моја потреба да барам сервис. Побарав на интернет и го најдов сервисот „Бајкстоп“. Кога отидовме со татко ми да го оставиме точакот на сервис, татко ми и Џими се препознаа. Работеле заедно во некоја фирма. Џими ни посвети време и почна да ми раскажува како постојат трки, како тие имаат свој тим и дека доколку сум заинтересиран можам да се приклучам. Во тој момент не бев заинтересиран но помина некој период и јас повеќе навлегов во велосипедизмот и почнав да се интересирам за трки. Тогаш го побаравме Џими, кој не упати во „Енерџи“ и така јас со уште двајца велосипедисти, станавме нова група која сака да се зачлени во клубот. Во првата година кога сакав да се тркам, не ја добив својата шанса во вистинско светло. Во тој момент во поискусните членови проценија дека треба да се натпреварувам во категорија хоби, иако според годините требаше да се натпреварувам во категорија јуниори. Цела 2015 година ја поминав во хоби. На првата трка не се покажав многу добро, но се покажав најдобро од сите нови членови. Со текот на времето, го променив велосипедот и ги следев трендовите што се важни за да напредувам. До крајот на годината неколку пати успеав да се качам на подиумот, но морам да напоменам дека на последната трка во Гази Баба успеав да го детронизирам најдобриот хобист на сите времиња во Македонија. Тоа беше клучниот момент кога го видоа мојот потенцијал. Во текот на зимата, се организираа групни тренинзи во мојот клуб „Енерџи“, јас таму возев со мојот планински велосипед. Во тој момент, клубот ми излезе во пресрет и ми понудија друмски велосипед за подобро се подготвам за наредната сезона. Додека тренирав во текот на зимата, друмскиот велосипед ми ја врати гладта за напредок. Се чуствував многу побезбедно, возев многу побрзо, истражив нови предели за тренинг што претходно не ги знаев. Се најдов во една ситуација каде што не знаев кој пат да го фатам. Дали да продолжам со планински велосипедизам, а друмскиот велосипед да го користам за тренинг или да биде обратно. Сезоната почна и јас почнав паралелно да се тркам и во планински и во друмски. Иако инвестирав пари и труд во планински велосипедизам, бев повеќе среќен додека поминував време на друмскиот велосипед. Во еден момент, бев прво пласиран на ранг листата на друмски велосипедизам и на планински велосипедизам. Дојде трката државно друмско ридско првенство. Во тој момент клубот „Вело М“ беа непобедливи, а на таа трка јас успеав да ги победам и да станам државен ридски првак во категорија сениори. Тука ја направив одлуката да продолжам само со друмски велосипедизам.

По оваа трка, работите за мене стануваа се подобри во поглед на велосипедизмот. Победував трки, имав самодоверба, но се јави и потребата од подобра конкуренција. Во тој момент ме побараа на позајмица за трка со повеќе етапи надвор од државава. Од клубот „Енерџи“ ми дозволија да заминам на трката и да се натпреварувам за друг клуб, со цел да напредувам. Тоа беше одлично искуство за мене и научив многу. Дури и два пати успеав да завршам трето место на етапите. Годината ја завршив и како победник на ранг листата во нашата држава, односно на 18 годишна возраст успеав да ги победам искусните сениори, иако ова за мене беше прва сезона во друмски, а и прва сезона во сениори. Тогаш добив понуда од клубот „Вело М“ да продолжам да се натпреварувам во нивниот клуб и ми пружија шанса да се натпреварувам повеќе на меѓународни трки. Во тој момент ништо друго не ми беше важно, само сакав да возам што повеќе трки. Во договор со претходниот клуб, на смирен и културен начин одлучивме дека за моја подобра иднина подобро е да најдам клуб што повеќе ќе се натпреварува на меѓународно ниво.

Започна сезоната 2017 и во февруари заминавме на една од подобрите трки на кои сум учествувал „Tour of North Cyprus“. Тогаш за првпат се почуствував како вистински професионалец, имаше многу екипи од повеќе држави, прејака конкуренција, нешто што дотогаш го имав видено само на „Eurosport“, сега го гледам во живо и уште подобро, јас учествувам. По три незаборавни етапи, успеав да се пласирам на 44то место во генерален пласман. Искуството што го стекнав таму и ден денес ми користи. По неколку победени трки во Македонија, добив повик од репрезентацијата да учествувам на трка „Белград – Бања Лука“. Многу добра трка, моментално најдобро категоризирана на Балканот. Бидејќи трката се одржуваше почеток на мај сите бевме прилично летно облечени, но таков студ и дожд имаше, што до ден денес повеќе не сум измрзнал. Беше супер трка, се чуствував многу добро, имав доста искуство за да знам дека треба да се возам напред. Знаев дека можам да направам најдобар резултат што дотогаш го имав направено и се случи пад во кој за жал учествував и јас. Во тој пад скршив клучна коска, но кога отидов во болница во Теслич ми рекоа дека се е во ред. По 1 недела сеуште имав оток и деформитет на рамото. Не обрнував внимание и заминав на следните трки „Tour of Albania UCI 2.2“ и „Tour de Serbia UCI“. Едвај ги завршив трките. Исто така се чуствував и на државните првенства. Во тој момент иако никој не ми веруваше на болката што ја чуствував, заминав на испитувања и имав што да слушнам. Морав итно да направам операција за да не ми се исушат лигаментите. По операцијата, еден месец бев надвор од тренинг. Во тој период Александар Панов ми помогна многу, ми ја врати мотивацијата за натпреварување и тренинг преку сите делови што ми ги подари. Посилен од кога и да е, заминав на трка во Грција. На финалниот спринт завршив на 7мото место што во тој момент, за мене тоа не беше максимум, но се задоволив од ситуацијата. До крајот на годината ги победив сите трки во Македонија. Интересен е фактот што таа година победив трка во Косово баш на денот на мојот роденден. Сезоната помина и почнаа подготовки за нова.

Во наредната сезона, почнавме исто од „Tour of North Cyprus“, па навака се одеше по планот, напредокот беше видлив. Во тој момент дури и станав подобар и работата стана посериозна отколку што замислував дека ќе биде. Она што ми остави впечаток во тој момент е што бев голем тимски играч, односно на поголемиот дел од трките работев за тимот и возев за друг. Мојот успех не ми беше во план туку ми беше важен тимскиот успех. Добив шанса да учествувам на Европско првенство во Чешка. Тоа беше големо искуство за мене кое ми предочи дека за светски успех, мора многу работа и разбрав дека ниту јас, ниту некој што го познавам не е блиску до тоа. По европското првенство, се случи несакан пад на тренинг и јас повторно се здобив со повреда. Втор пат скршив клучна коска. Поучен од претходниот пат, не чекав воопшто и уште истиот ден закажав операција, но бидејќи докторите не ја сфаќаат оваа повреда како итен случај, не ме оперираа веднаш. За мене сезоната беше готова, но јас си имав обезбедено прво место на ранг листата заради добро извозената сезона пред падот.

Сезона 2019 е мојата најлоша сезона. Пред да почнам со подготовките, размислував дали воопшто вреди да продолжам да се уништувам себе си, бидејќи ова го правам исклучиво заради лично задоволство. Се што досега сум потрошил во велосипедизмот, опрема, припреми е платено од страна на моите родители, а не е малку. Во тој момент и добив понуда за работа кај мој другар. Започнав да работам, но неможев да се пронајдам себе си. Тоа не бев јас, едвај тренирав по 5-10 часа неделно бидејќи паралелно на работата и тренингот, бев редовен студент. Пред почетокот на сезоната, престанав да работам и решив дека ќе се натпреварувам и понатаму, бидејќи тоа ме прави среќен. Продолжив да возам заради себе, едноставно тоа сум јас. Џина, мојата девојка, исто така одигра клучна улога во останувањето на велосипед со поддршка и мотивација од нејзина страна. Секако успеав да победам повеќе трки во Македонија, а имав и неколку подиуми во Бугарија. Исто така, повторно успеав да станам победник на ранг-листата во Македонија. Сепак не сум задоволен како се одвиваше оваа сезона, но морав да се посветам и на други работи во животот. Веќе  не ми се допаѓаше атмосферата во клубот. Многу работи ми се разјаснија, пробав неколку пати да го сменам нивниот став и да ги променам работите, но не успеав. Тие јасно ми дадоа до знаење, дека не се плашат доколку престанам да се натпреварувам и дека не сум возач само јас. Тоа за мене беше доволно и решив да си ја побарам среќата на друго место, и покрај тоа што не успеав лесно да ја добијам исписницата и да станам слободен возач.

Сега, кога веќе подготовките за 2020 се во тек, би ми било чест да споделам дека мојот прогрес ќе го продолжам во „ВК Оксижен“ од Скопје. Во моментов имам најдобри услови за тренинг и за прв пат во мојот живот имам личен тренер кој се грижи за мојот напредок. Се надевам дека ова ќе биде мојата најдобра сезона до сега, бидејќи после дождот доаѓа сонце. Благодарам на сите оние кои што имаат било каков удел во моите досегашни успеси, а благодарам и на оние кои ми правеле пречки, бидејќи без нив немаше да научам дека нешто можам и да направам сам.


Автор: Никола Лефков

Од другата страна на авантурата! – Владимир Вуксановиќ

42 лета и зими планетава ме трпи и помага да се најдам во прашањето што мајка барам кога газам врз неа и уште многу поинтересното: Како и зошто сум дошол? На страна oд тоа со биолошкиот процес на креирање и создавање. По убедување сум човек, а по професија дете (или обратно беше?). Со двете се гордеам. Моите пробуваа да ја доближат природата до мене, на многу начини. Секој викенд надвор, во природа. Секое лето на море, без телевизор, секако. Зимото беше за скијање-рекреативно.

Еден од моментите кои беа пресвртнина кај детево, нешто околу 16тото лето, беше Аеро Клуб-от. Денес пробувам да им доловам на студентите дека, со тие тукушто наполнети 16 лета на планетава, Ѓоре (инструкторот) нè пушти да „лашираме“ -прв самостален лет, без инструктор во кабината. За денешните родители, кои се (сме) резултат на блесавава транзиција на Балканов, не е баш сфатливо, дека на тие години, нивните деца можат сами да летаа. Нo, за воља на вистината, можат, само треба да им се побуди интересот, да им се дозволи и секако да се најде вистинскиот даскал, во кој ќе имаш доверба. Којзнае како му било на нашиот даскал, кој требаше да направи одлука за да летаме самостојно (сем, што косата му побелуваше се повеќе, со секоја група на обучени пилоти).

Аеро клубот беше, медиум кој ми дозволи да ја запознаам планината. Првото престојување на Чеплес, еден од моите денешни пријатели, ми посочи теорија: -„Бидејќи првпат доаѓаш на планинарење, една од двете опции ќе ти го насочат односот кон планината. Првата: нема повеќе никогаш да дојдеш на планина. Втората: планината ќе биде дел од тебе, засекогаш!“ Теоријава, премина во доказ! Од тој ден па наваму, Водно-Матка премина во добро утро. Спиевме во планинарски дом Јелак а скијавме на Шапка. Кога ќе работеше „церипашино“, со скии до Јелак, беше како да одиме во хотел. Кој знаеше тогаш дека тоа се викало фрирајд скијање. Првиот маунт бајк ми го украдоа. Вториот, „маста“ му ја извадив на планина. Првите трки во спортска ориентација, моунт бајк и триатлон ги учествував за да пробам да се натпреварувам. Но, се натпреварував со самиот себе, не со другите.

Планината мотивираше. На Мон Блан бевме со жена ми, Виле. Спиењето во Валот, на 4400 метри ми е највисоко спиење (имаше невреме на спуштање). Методски постапивме, преноќивме, се засолнивме. Нешто се случува на висина. Можеби е до воздух, или едноставно напорот за до врвот, во комбинација со природата и  друштвото, но секако остава траги врз човекот. Така беше и тој пат на Мон Блан. Една заверка во нашиот животен тек се направи. Двајцата сме, (всушност сега сме тројца), сеуште со мислите кон планината.

И сега што. Следеше една мала пресвртница. Почнав да печалам плата на Факултет за физичко образование спорт и здравје (станав даскал на факс). Кога си платен/а да пренесеш информација од типот: на каков начин „другите“- а не јас (мислам на студентите, идните даскали), треба да ги доближат спортски активности, но и авантури во природа, кон деца и возрасните,  димензијата е четврта. Бара менување на аголот, на перцепција. Треба да мислиш 2 (најмалку) чекора, пред нештата да се појават. На 32 години, една од околностите беше таква, да мораше сам да водам група од 50тина студенти на настава по планинарење на Солунска глава. Четири дена, три вечери во шатори. Втората вечер на Горна Бабина. Редовна настава беше тоа, со години работена на факс. Претходно сум учествувал многу пати како коорганизатор. Но сега треба сам да бидам водач.- И? Ќе можеш сам? – Секако. Со возрасни, полнолетни студенти одам! НО, професијата вели, НЕ Е МЕТОДСКИ. Така и беше, поканив неколку професионални водачи во планина, и уште неколку приправници водачи. Имавме и лекар во тимот. Повеќе глави е еднакво на „тим“. Вистински одбран тим за тие 4 дена е еднакво на фамилија. Авантурата (обуката на студентите) може да почне.

Кога почнав да тренирам кошаркари, тенисери, фитнес ентузијасти, фудбалери, влегов како да сум лаик. Читав се од почеток, мантрав наутро, пред тренинг, попладне после тренинг, навечер пред спиење. – Ама чекај сега, ти како даскал на факс, треба да ги знаеш работите за тренинзиве, нели?- Секако, не! Ги дознавав кога почнав да работам. Формалното образование, прави да имаш основни познавања во тренирањето, но апликацијата на теоријата во пракса е нешто сосем друго. По 20тина години, како тренер, сеуште не ги знам вистинските рецепти за тренинг. Но, мислам дека знам каде да ги пронајдам, кога ќе затребаат. А не ги знам од причина, што процесите се во постојано менување. Секој клуб, секој спортист/ка, секоја индивидуа е независна, уникатна. Нема ист спортист/ка, нема ист пристап. Теоријата е само едната страна, од познавањето. Можеш да водиш тренинг и додека грицкаш семки, од џеб. Но не за долго. За подолго, останува оној тренер/даскал, кој се надоградува, за разлика од оној што знае се!- Ма дај…! Па каков опоравок е тоа? Опоравок на психата, на мислите. Опоравок на душата од постојаниот притисок и трчање кон топката. – Ама нели на фудбалерите тоа им е професија. – Точно, но моментално. Не забораравај дека и на фудбалерите првата професија, од раѓање, им е да се деца!

Искуствата се менуваа, особено кога на светов дојде Аја, ќерка ни. Незаменливо искуство. Сега не си даскал, платен за да сработиш, па можеш и на пауза да отидеш, ако треба. Сега си во супер мод на даскал – родител. Во тој период почнав повеќе да се дружам и соработувам со сноуборд клубот Полар (и сеуште, со ќеф, ептен). И сега спортистите се деца, но во услови и на -15 целзиусови, во услови кога треба да ги учиш да скијаат (или бордаат), а да ги пазиш од други скијачи на патеките. Па било заледено, па рабниците на скиите не биле наоштрени. Па им се јаде, па им се оди во тоалет. Ама на другите 5, им се скија, платиле бе за да скијаат! Па, правиш пауза, па маливе прво нарачуваат топло чоколадо, а ти менуваш кај келнерот за пилешка чорба. Па имаш лелекање, објаснување за нивните права, да јадат и пијат што сакаат и слични реални заклучоци. Но не попушташ, оти знаеш дека повеќе ќе заврши работа чорбата или пицата, од колку топлото чоколадо.  Па се прашуваш дали си тренер или родител, на 50 деца одеднаш. И после сето тоа, истите дечиња, први се запишуваат на следниот камп (зимски/летен) и нарачуваат чорба, бидејќи научија дека е убава (не заради тоа што е здрава).- Па, има уште, ама ај за следното кафе.

Текстов, (колку и да делува „форестгамповски“) го пишував со цел да се препознаат даскалите, тренерите, педагозите, они кои треба да ги заразат децата и младите со природата, со планината, морето, со реките или со рекреацијата (и спортот)…со авантурата (животот) која треба да е примамлива, достапна, полна со самоинцијатива, несекојдневна, исполнета со ендорфин, но најповеќе БЕЗБЕДНА. Безбедност од секој аспект, треба да е првата мисла за сите а особено за они кои водат групи или ја приближуваат природата до останатите. Оние кои имаат можност да тренираат други. Газењето по земјата, треба да биде преку авантура, но со почитување на системот! Системот кој како прво правило го има значењето на поимот „безбедност“. За да се воспостави овој систем, треба да се погледне и од другата страна на авантурата!


Автор: Владимир Вуксановиќ

Човек полн со живот / После сѐ постои утре – Петар Георгиевски – Камиказа

Во нашево секојдневие, многу ретко може да се наиде на луѓе кои се постојано насмеани и кои без оглед на случувањата од секојдневието, прават свесен избор да останат такви. Доколку сте некој кој трча и го правите тоа наутро – сигурно бар еднаш имате наидено на Петар Георгиевски – или Перо Камиказа. И сега, без да продолжам со објаснување во оваа реченица, сигурна сум дека повеќето од вас – бар оние кои се фанови на искрената позитивност, добија насмевка на лицата. Сите имаме различни задоволства. Ако гледаме површно, Перо има многу работи кои го прават среќен… Перо има колекција на гитари, Перо вози мотор, точаци, Перо е целосно посветен на спортот… но, како добар познавач на Перо ќе кажам едно – најголемото задоволство на Перо е животот. Кога денот ми почнува со случајна Перо-средба на Кеј, знам дека ќе биде добар ден во кој имам свртено бар еден значаен муабет. Во прилог, дел од од еден од нашите значајни муабети.

Статистика на истрчани трки: 75 полумаратони, 3 маратони, една 60 км ултра и уште неколку локални трејл и не-трејл трки. Во последно време – натпреварувач на локалниот дуатлон, со цел да се сврти кон триатлонот.

Никогаш не сум сакал да трчам должини, а не па маратони; да возам точак, а камо ли па да пливам. Сакав и уживав во практикување на брзински трки на 100 и 200 метри, скок во далечина, разни боречки вештини, кајак и што уште не. Никогаш не бев “дугопругаш”. Сѐ сакав одма и сега… арно ама… Им се смеев на Водно на типови облечени во велосипедска опрема и со тоа шпринтериците кога ќе влезеа во дом – пусти јас, сега исто изгледам. Е Перо бе, никад не реци никад. Уште па и шпринтериците ми се бели, ха, ха, ха. Сѐ што нејќев да правам ми се случи. И ај што се случи, него и убаво ми стана.

На 20-ти ноември лани бев физички мртов. Пред тоа, на 3-ти ноември ја завршив локалната дуатлон трка, која ми беше последна таа година. На дуатлонот телото ми ги покажа сите мани, но завршив! Осеќав немир – отидов на кардиолог. Одвај се качував по скали и осеќав огнена топка околу градите. Ми поставија дијагноза: пулмонална емболија со тромбофлебит. Дијагноза со 30% смртност. Во болница, поминав 17 дена од кои неколку дена со просечен пулс 128. Ноќта кога се случи одвојувањето на телото од душата некое време, мојата спортска форма ми го спаси животот – се разбира, со помош на горниот.

Многу често ме прашуваат како почнав со спорт – и се сведува баш на тоа, дека спортот неколку пати ми го спаси животот. Јоско, мојот тогашен доктор, кога влегов кај него ми рече, “Леле, како свиња си се направил”. А таму во чекалната, го слушнаа неколку госпоѓи – кога ме фати еден срам. Имав покачен холестерол поради лоша исхрана и генерална негрижа за себе – а и го враќав првиот голем кредит. Тие три месеци бев пред физички и психички колапс. Ми дадоа многу лекови. И така, полека почнав да пешачам на Кеј. Ме болеше секое мускулче и ковче на телото – секое сабајле и ручек пешачев помеѓу 3 и 5 км. Постепено, почнав и да трчам од канта до канта. Од 120 кг паднав на 99 кг. На втората контрола Јоско ми рече дека полека почнувам да личам на човек. Тогаш му ја вратив кесичката со лекови. Почнав да одам во теретана и тука почнав да ја гледам убавината на дружбата со луѓе во спортска средина. Иако тогаш, сѐ уште бев далеку од мојата 50-та година кога го истрчав првиот полумаратон. Скопски ми беше првиот полумаратон и од тогаш немам пропуштено ниту еден, освен тој што се откажа. Па дури и тогаш, собрав група луѓе и истрчавме полумаратон ревијално. Целата група помина од тогашниот студентски протест – каде ни се придружи и дел од нив. Снаодлив лик, нема што, ха, ха, ха.

Првиот маратон го трчав во Рим и преубаво си поминав. Како и секоја популарна трка, првите 2 км рипав преку луѓе. По неа, трчав во Њујорк – е оваа трка беше апсолутно најубава. Таму крахирав физички. Напорните тренинзи резултираа со стрес фракстура на сакрум. Ми викаа дека не треба да трчам но… без разлика на советите од докторите и со големи болки, сепак, го истрчав.

Откако поминав низ сѐ и сешто, годиниве се научив на понизност. Учам да одморам кога треба и учам да не одам со глава во ѕид. Научив и да уживам во дружбите и сега веќе знам дека дел од големината на сето ова што го правиме како рекреативци е во спортскиот дух и дружбата. Затоа и не слушам музика кога трчам. Сакам да бидам со луѓето, сакам да се поздравам со сите, сакам да споделам енергија. Сакам, доколку можам, на секој кој го поминува мојот пат од пред некоја година да му помогнам и да го охрабрам да си ја постигне целта. Телото што ми го дал Бог мора да го зачувам, бидејќи ќе ми треба за предизвиците – затоа што има уште многу работи што сакам да ги направам.

Тоа што го научив е дека не можеш да му земеш живот на човек полн со живот. И дека после сѐ постои утре.”

За наша среќа и за добрината во Универзумот да извојува уште една победа, остана жив и ни се врати со цело срце и душа. Како ништо да не било продолжи да спортува, советува и љуби. Перо е симбол за тоа колку далеку можеш да стигнеш со позитивен став и со малку повеќе грижа за сите околу тебе. Со Перо делиме слична историја на повреди, а делиме и пасија кон триатлонот и кон музиката… едно време викав дека се наоѓаме за сѐ освен во тоа дека тој многу повеќе од мене сака да вее знамиња. Дури и тука ме победи, бидејќи кога го прашав, со голема леснотија ми одговори: “Љубовта кон мојата земја ме учи да ги сакам и сите останати.”

Бидете како Перо.


Автор: Леана Таќи

Мемоари од Солунска – Дејан Крле

Climbing is a mental game. Your attitude and emotions act as allies or enemies when attempting a difficult route at the edge of your ability. The best climbers aren’t necessarily the fittest or the most skilled. Instead, elite climbers share a passion for climbing combined with the ability to exert their will and to pay attention to both internal and external conditions – Mark Twight

Воден од оваа мисла со големо задоволство ја прифатив поканата од Никола Андоноски повторно да ги посетиме Нежиловите спили на Солунска глава. Овојпат, за разлика од минатиот кога ја прелетавме Абзел линијата 2007, очекував дека ќе го качуваме Воскресението, со преспивање во Чеплес и ран старт низ изворите на Бабуна. Но, поради моите работни обврски, од Скопје тргнавме доцна после 20 часот и попатно се договоривме дека денот на независноста ќе го поминеме како прилега – независни од сите удобоности на планинарскиот живот. Моето мечтаење за качување во чист алпски стил конечно ќе се оствари!

Во Нежилово пристигнавме минути пред полноќ, небрзајќи, уживајќи во возењето и прекрасното кафе на бензиска во Велес, пропратено со исцрпни разговори за подемите на македонскиот алпинизам. Опремата за кусо време ја сортиравме и распределивме, го контактиравме Зоран Мајсторски кој со Маја Мухиќ веќе беа пристигнати во Чеплес и кроце тргнавме кон изворите на Бабуна. Времето поминуваше навистина бавно но забавно во детална анализа на сите производители на качувачка опрема и облека и нивните најдобри дела. 

Веќе во два часот по полноќ стигнавме на изворите кои беа повлечени низводно над водопадот: не фаќа мала криза за спиење (јас бев спиел само 3 часа претходната ноќ), правиме кафе и поткаснуваме – и тогаш ја кревам главата угоре – и магија се случува.

Глуво доба, црна темница, камена река, букова шума, опколени од надвиснатите карпи на кањонот, а над нив црните контури од борови и елки создаваат рамка во која трепераат милијарди светли точки на небото. Вонземски!

Со тоа уметничко дело над нас продолжуваме низ кањонот каде што сите скокови ги солираме со ранците и сета опрема на грб (четворка беше најтешкиот), освен најголемиот превисен и висок дваесетина метра кој го заобиколуваме низ шумата. Не раздени околу пет и пол со тоа што сонцето најќејфски и полека почнувајќи од источниот кон нејзиниот јужен дел, метар по метар, скоро цел час ја боеше темно-сината карпа со златно-бела боја.

Камената река ја оставивме зад себе и по еден многу стрмен тревнасто-карпест терен се качивме погоре кон местото каде што нашиот и Маино-Зокиниот пат се разидуваа. Прилегнавме на издигнатото сонце, во полу-сон го прегледавме детално кулоарот кој за некој час требаше да го искачиме. И само што бевме задремале, чекајќи ги Зоки и Маја да се појават – кои на моменти ги потслушнувавме како движат низ кањонот, одеднаш не разбудија неколку камени лавини отспротива во спилите. Слушаш течат камења но не можеш да ги видиш – кога одеднаш здогледавме една голема дива коза како се спушта по карпата: застана и гледа кон нас. Претпоставувам најверојатно не очекуваше никого да сретне ова утро, особено не човек, и со чудење си замина бркајќи си ја својата работа.

Пристигнувањето на мојот инструктор, му влеја дополнителна самодоверба и сигурност на мојот успан ум, и по краткото отпоздравување тргнавме кон почетокот на насоката. Го следевме белиот траг низ карпата создаден од истек на дождовница и ситни камења – карпата тука е релативно компактна, мазна и посеана со бела прашина од иситнетиот варовник, но добро трие. Иако во овој дел се вковани 14 алпинистички клинови, ние качувавме симул соло за 50тина минути, штедејќи го времето иако го имавме доволно.  Фррррр! Еден камен прелета надолу покрај нашите кациги! Фррррр! Уште еден го слушаш дека доаѓа!

Само што го поставивме првото сидриште на алпинистичките клинови, Нежиловите спили ни посакаа добредојде, едно пријателско предупредување за тоа што не чека погоре – во срцето на спилите. Никола, кој водеше осум од десетте цуга на ЦСК тргна в десно од сидриштето во првиот посериозен дел – кратка деликатност каде што фаќалиштата се мазни а клучното место по мене е едно стојалиште во кое го собира само големиот прст од десната нога и во кое упорно одбиваше да пенетрира мојата апроуч патика. Почетокот на вториот цуг пречи преку еден сипар и се влегува во лесен но раздробен дел преку која се доаѓа до третото сидриште сместено во едно мало кулоарче. И таму ново изненадување – Никола само што тргна и еден блок за кој се фати се скрши право кон мене. Мирисот на согорени минерали од распарчениот камен се измеша со загриженоста од ронливоста на теренот над нас. Голтка вода за да сето тоа го проголтам полесно.

Дополнителен немир ми создаваше и звукот од повеќекратниот прелет на јатото црни птици на кои им дојдовме на визита, а чиј дом беше отспротива во големата пештера со облик на срце. И така, цупкајќи си на неудобно сидриште, те лева нога погоре те десната малку полево – место не ме фаќаше – почнав да се чудам во себе зошто Никола толку многу пцуе и гласно се нервира веќе петнаесетина минути. Од минута во минута, помалку и помалку го дослушнувам но чувствувам дека има сериозни проблеми. Ослободи јажеее!!! Ослободувам јаже и го слушам како ми се дере со силен трепет во гласот: Дејан, шо че прајш прај, облакај пењачици и тргај највнимателно!

И тргнувам нагоре по кршлив терен по десниот крај на кулоарчето, газам како по јајца, и наидувам на мало каминче во кое едвај ми го собра газот, а не па стомакот со се ранецот на грб. Малку се подиздадов нанадвор в превис и чисто го поминав. Тоа малку ме подигна психички. И кога одеднаш го здогледав јажето како лази по еден благопревисен екстремно ронлив терен – на ништо друго не помислив освен тоа дека ова мора да е очекуваниот клуч на насоката. Го барам патот на Никола ни вертикалниот крш – секаде може да поминал – си велам интуицијата нека ме води. Ментално се подготвив и тргнав, полека, смирено и сигурно – но каква безбедност можеш да очекуваш од терен во кој секој камен што ќе го фатиш ти се вади како фиока? Рака по рака нога по нога искачив десетина метра – земам здив, се проверувам – спокоен сум, трезен, свесен, концентриран – нозете и рацете ми се најодморени, повторувам повеќе пати – физички добро се држам и стојам – продолжувам. Текот на качувањето ме внесе во еден вертикален жлеб исполнет со земја и треви – не смеам по лизгавово ми прелетува мислата – па се враќам влево нагоре преку тоа кршливото и само што искачив неколку метра – влегов во превис, изгубив рамнотежа и паднав 2 метра – само што си реков дека нема лесен начин во алпинизмот кога онака висејќи забележав една прекрасна линија над мене која ми изгледаше најпримамлива за моите качувачки способности.

Се вратив на карпата и охрабрен од падот продолжив да качувам, и тогаш кога гласот на Никола стануваше се поблизок, забележав дека во сите тие триесетина метра јака шестка, ненормалниов заковал за себе само еден единствен клин кој немаше ни да издржи едно гомце од птиците кои постојано надлетуваа додека качувавме. Покрај адреналинот кој максимално ме пукаше во целиот мозок пронајдов неколку незафатени мозочни синапси за да му се налутам поради тоа бидејќи во тој момент сватив поради што извираше сето негово пцуење. Трите метра до клинот, технички ми изгледаа невозможни, тргнав лево во диагонала под него па траверсирав в десно и со помош на затегнатото јаже и два удара со чеканот го извадив проклетиот клин (во тој момент повеќе сакав да поверувам во супериорните отковувачки способности на мојот нов алпинистички чекан отколку во слабоста на обезбедувањето). Стигнав на сидриште, се разбира Никола беше видно вознемирен не толку поради себе колку поради мене и моето (не)искуство на ваков терен, но јас го уверив дека ментално бев подготвен за вакво нешто.

Направивме мала пауза за да го разгледаме теренот пред нас. Никола касна малку од бурекот кој го носеше в ранец, колку да се смири – за да си дојде на себе.  Се наоѓавме отспротива големата пештера каде што ЦСК и Воскресение се раздвојуваат. Упорно не можевме да ги здогледаме двата бели камени блокови кои требаа да ни го откријат траверсот што водеше кон петтото сидриште, па Никола тргна угоре по Воскресение. Но се вративме на оригиналната идеја откако пристигнав и јас на една полица над која беа вковани два клинови на Зоран Мајсторски, и од каде што се гледаа тие блокови. Се симнав назад до четвртото сидриште, одново заковав клинови и Никола продолжи по траверсот. Тоа всушност беше најинтересниот дел од насоката оти одиш хоризонтално, газиш на едни израснати треви под кои камењата се ронат и едвај те задржуваат а фаќалиштата ги нема никаде – само една мазна плоча која всушност е и причината што траверсираш и која ти служи само како потпирач.

Тука ми се случи и вториот пад, каде што единственото место за држење/стоење беше една надвисната тревичка. Стапнувам со десното стапало на неа, а таа се клати не ме додржува, си велам набрзина ќе го искористам безтежинскиот момент – ќе ги заменам нозете и ќе се фрлам кон едни издадени блокови. Но, во таа блиц секунда, одеднаш сета земја во која се всадила тревичката ми се најде на лицето и во устата и сватив дека паѓам. Како што паѓав четири метра во превис се извртев и плеснав со ранецот во карпа и онака висејќи и треперејќи ми се отвори прекрасниот поглед кон Пелагонија. Се смирив неколку секунди, свикав дека сум добар повеќе пати и се вратив нагоре на траверсот и стигнав на петтото сидриште.

Подоцна-погоре свативме дека траверсот можеше да се избегне со тоа што од четвртото сидриште се продолжува нагоре по Воскресение и наместо в лево како што те носи насоката по кулоарот, продолжуваш нагоре уште дваесетина метра по ронлив терен и стигнуваш до една тревеста рампа која те спушта до петтото сидриште. Односно излегуваш над големата плоча која ние ја траверсиравме по нејзината основа. Оттаму продолживме по дијагонала по едно плоча со микро фаќалишта со што насоката не врати во оригиналниот централен солунски кулоар. Тогаш и заклучивме дека Никола направил нова варијанта на насоката т.е. ја увидовме нашата грешка при ориентацијата – поради комплексноста и ронливоста на теренот сметаме дека тој (клучен) дел беше со тежина 6+ по УИАА. Следните две должини на јаже се поминуваат низ кулоарот – терен нешто постабилен од претходниот.

Тука се наоѓа и друга вертикална пештера која се поминува расчекорен над нејзиниот отвор и каде што навистина доживеав несекојдневен страв. Цело време ги имав под контрола моите движења (има мали полички по рабовите на отворот каде што газиш како на скалички) но стравот од пад во непознатото во темнината беше преголем – искрено малку пуштив водичка. Седмото јаже и осмото јаже се поминуваат брзо низ главниот кулоар – во лесен жлебест терен исполнет со ситнеж од раздробените камења што се слеваат од големиот амфитеатар (низ кој поминува осмиот цуг). Тука многу внимателно водев бидејќи секое камче и камен кој ненамерно повеќе го нагазнував се тркалаше надолу директно кон Никола, а теренот е таков да немаш каде да се засолниш.

Во амфитеатарот се продолжува во десно по еден жлеб, низ кој по дваесетина метра се стигнува до претпоследното сидриште во насоката. Последниот цуг, иако јака четворка (можеби и детали петка) е најопасниот дел од ЦСК според мене, како поради неговата мината „тенденција да кине јажиња“ така и поради екстремната ронливост. Всушност, се качува не толку тешко – по еден од излезните жлебови – мешавина од лабави камења и тревнаста подлога – каде што си расчеречен постојано де со рацете де со нозете поради побезбедно движење. А особено поради безбедност на вториот качувач, кој мора постојано да биде на штрек зашто жлебот не е праволиниски и комуникацијата е отежната. На крај на последниот сантиметар од шеесетметарското јаже (јас од сидриштето се поткачив уште три метра) се наоѓаат двата експанзиони клина на самиот раб од карпата.

Презадоволни од постигнатото, се упативме кон домот Чеплес каде што малку каснавме и се одморивме половина час па продолживме по патот кон Нежилово и назад возење до Скопје. Точно 24 часа најќејфски и со големо уживање потрошивме за оваа авантура. Насоката ЦСК (варијанта) во должина од 450-500метра, шест плус по УИАА, со средна оценка петка, ронливоста на места голема, први ја искачиле В. Боцевски и неговите другари. Ние ја качувавме слободно 7 часа, не сметајќи ги 50тината минути солирање до првото сидриште, од 9:30 изутрината до 16:30 попладнето, во идеални временски услови, температура од околу 19-21 степен, со нежен ветер, претежно во сенка (некаде поради конфигурацијата на теренот а некаде поради облаците кои се појавија околу пладне накратко). Одмори практично и не правевме туку цела насока ја качивме во еден здив.

ЦСК е прекрасна насока за созревањето на еден алпинист, оставен целосно на своите способности, во принцип е лесна за ориентација но единствено треба да се внимава на ронливоста во поголемиот дел од истата (ова секако зависи од многу фактори, не секогаш се повторуваат истите услови). Пресреќен бев што успеавме да ја искачиме во чист алпски стил. Одбрав да ја споделам оваа животна епизода бидејќи предизвикот од планината, искуството од страв од непознато, приликата да ги поместам личните психофизички граници – силно влијаеја да ме обликуваат во она што сум денес. Сонот да качувам насекаде во Нежиловите спили стана реалност која и до ден-денес е обвиена со магична прашина во моите сеќавања. Тоа е мистично место вгнездено во срцето на нашата држава, недопрено од секаква цивилизација, неизгнасено од простота и суети, место каде што личните проблеми се неважни – место кое те открива до коска – до срж. Место кое е дел од моето срце.


Автор: Дејан Крле

„Пижон“ – Ване Наунов

Спортското качување ми беше љубов на прв поглед. Уште оддамна, на свои 8 години кога имав можност за прв пат да качувам, сфатив дека качувањето ќе стане составен дел од мојот живот. Така и се случи… Еве 16 години подоцна спортското качување сеуште ми е секојдневие, не поминува ден, а директно или индиректно да не e застапен спортов. Најпрво како натпреварувач, денес како инструктор и тренер во Болдер Бар и СКС Карпош.

Пред да пробам спортско качување променив доста спортови, некако чуствував како ниеден да не ми е доволно интересен, предизвикувачки. Вежбав карате, фудбал, но не се пронајдов себе си. Од дома беа прилично опуштени со мене, не ме форсираа за ништо но имаше едно правило, покрај училиштето мора да се избере и спорт, не битно кој, битно е да имам физичка активност. Еден ден, додека го чекав татко ми да заврши со фудбал, приметив луѓе кои се качуваат на импровизирана карпа. На мое големо задоволство, инструкторите таму беа многу љубезни, па веднаш ми овозможија да пробам. Иако можеби звучи клише, сепак уште од првиот ден сфатив дека сакам ова да го правам и во иднина. Тоа и се случи, се запишав во КК Астибо и таму ја започнав качувачката кариера. Како што растев, се зголемуваше бројот на натпревари, домашни и во странство, се интензивираше тренингот, а карпата во Штип остана иста, малечка. Постојано се одржуваа  неделни тренинзи во Скопје или Софија, имавме летни и зимски припреми, па ми стана доста напорно постојано да патувам и да изостанувам од училиште. Така се појави потребата да се преселам во Скопје. Иако уште малолетен, сепак се одлучив на тој чекор и се преселив, затоа што инфраструктурата и условите за тренинг тука беа неспоредливо подобри од сите останати градови. Нов град, нова карпа, ново качувачко друштво итн. Се беше максимално погодено. Мојот тренер Владимир Трповски беше неуморен, постојано со нас на тренинзи, натпревари, припреми кои траеа и по 30 дена некаде низ Европа. Кога ќе се присетам на тој период, посакувам и моите членови во детската школа за спортско качување да го доживеат истото, бесценето искуство.

Откако  се пронајдов во спортов, влегов „all in“. Заедно со училиштето спортот ми беше на прво место, се друго беше во подредена улога и беше зависно од качувањето. Не тренирав ништо друго, скоро и да немав друго хоби, чувајќи енергија само за качување и нормлано, да се заштитам од евентуални повреди. Моите летувања беа поинакви од тие на моите врсници. Најчесто нешто пред 10-ти јуни излегувавме од Македонија и заедно со целиот тим од репрезентацијата заминувавме на припреми, на познатите локалитети низ Европа. Тие припреми траеа и до триесет дена. Триесет денови само тренинзи, качување, друштво од репрезентација и далеку од дома. Колку и да беше напорно и тешко, сепак имаше своја убавина која не може да се спореди со ниедно регуларно патување. Покрај припремите бевме постојано присутни и на многу натпревари од Балканската и Европска Лига. Можеби ќе звучи нескромно, сепак во име на целата репрезентација од тоа време и на нашите тренери должен сум да кажам дека на Балкан доминиравме! Во сите категории и во сите дисциплини. Секаде на Балканските првенства. Покрај огромните успеси на репрезентацијата која во сите категории враќаше медал дома, ќе издвојам неколку од моите: Балканско првенство во Волос- Грција прво место во тежинско и брзинско, први место во тежинско и брзинско качување во Софија, Балканско првенство во Кутахија во Турција со огромна конкуренција од цел Балкан завршив прв во тежинско и брзинско качување. Тука и другарите од репрезентацијата се покажаа во најдобро светло и скоро во сите категории имавме медал. Бројни се Балканските купови и традиционални натпревари каде победував, а и целата репрезентација освојуваше медали.

Сепак, покрај натпреварите во сала, многу се посветуваше внимание и на качувањето во природа, на природни карпи. Нашиот тренер Владимир Трповски неуморно истражуваше нови локалитети и не носеше таму. Немаше крај на патувањата Метеори, Пили, Враца, Каланк, Шамони, Арко, Гејкбари, Хвар  и многу многу други. Екипата на овие патувањеа беше побројна, сите сакаа повеќе природа и опуштена атмосфера отколку брзањето, тензијата и тремата на натпреварите. Тука научив и што е предизвик, борба со карпата, со сам себе. Никој не ме форсираше, но сите ме подржуваа и ми овозможија одлични услови  да качувам. Само да качувам. Како прв посериозен предизвик сам си го поставив „Пижон“ насока со тежина 7ц+, која претходно во една сериозна работна акција за откривање на нов качувачки локалитет  – Зли Дол, нашите качувачи ја направија заедно со еден познат руски качувач. „Пижон“, ми беше желба уште од кога ја направија, околу 25м само плафон, во пештера. Впрочем, тоа беше и мојот омилен стил. Со мојот тренер Владимир и со уште неколку репрезентативци заминавме во Охрид на припреми. Јас уште претходно си имав поставено цел, која мојот тренер го израдува многу и тој секојдневно го жртвуваше своето време за качување за да ме обезбедува мене. По 5 дена секојдневно напорно качување, кога веќе бев уморен и на чекор да се откажам – успеав. Ја качив. На 13 години. Бев пресреќен и премногу мотивиран. Оваа насока ме научи да се борам до крај, иако е тешко и напорно сепак се исплати чуството на врв на насоката. Си ја победил карпата, болката од тешките движења и сам себе. Бесценето. Иако во иднина качив и потешки насоки од „Пижон“, сепак слободно можам да кажам дека ова беше мојот клучен момент кој уште подлабоко ме однесе во качувачките води.

Покрај бројните успеси кој ги имав јас и тимот околу мене, сепак имаше и доста разочарувања, повреди, неискачени насоки. Да дојдеа пред успесите веројатно ќе беа помалку болни. Но кога ќе навикнеш на победа, на искачени насоки и многу пофалби некако тешко е да прифатиш пораз. Скоро невозможно. Се нервирав, бев многу строг кон сам себе. Во такви моменти, кога ќе изгубев на натпревар или немаше да искачам насока станував друга личност. Како да е крај на свет. Но, после некое време научив да се носам и со тоа, сепак поразот е составен дел од играта. Не тера да научиме од нашите грешки и научив, после секој пораз како да станував повнимателен, пазев на се во качувањето. Сфатив дека моето качување на натпревар ги засега и другарите од репрезетацијата и тренерот и не беше баш едноставно да се носи тој терет, кој веројатно и сам си го направив.

Денес, иако активно не качувам и не се натпреварувам, сепак качувањето е составен дел од мојот живот. Слободно можам да кажам дека ме воспита и ме направи подобар човек и веќе 16 години е во центарот на моето живеење. Убаво е и на секој му посакувам кога пасијата ќе му прерасне во работа. Денес водам школа за спортско качување во склоп на СКК Карпош како инструктор и тренер и сум генерален секретар на Македонската Спортско Качувачка Федерација. Функција која ми носи огромно задоволство но и одговорност, затоа што ми дава можност да дадам свој допринос во спортот, да допринесам за масовност и своето искуство и знаење да го пренесам на помладите кои на мое големо задоволство се се побројни. Така и ден денес, после напорен ден ме смирува помислата дека ме чека тренинг со некоја од групите во Болдер Бар или на карпата на кеј.


Автор: Ване Наунов