42 лета и зими планетава ме трпи и помага да се најдам во прашањето што мајка барам кога газам врз неа и уште многу поинтересното: Како и зошто сум дошол? На страна oд тоа со биолошкиот процес на креирање и создавање. По убедување сум човек, а по професија дете (или обратно беше?). Со двете се гордеам. Моите пробуваа да ја доближат природата до мене, на многу начини. Секој викенд надвор, во природа. Секое лето на море, без телевизор, секако. Зимото беше за скијање-рекреативно.

Еден од моментите кои беа пресвртнина кај детево, нешто околу 16тото лето, беше Аеро Клуб-от. Денес пробувам да им доловам на студентите дека, со тие тукушто наполнети 16 лета на планетава, Ѓоре (инструкторот) нè пушти да „лашираме“ -прв самостален лет, без инструктор во кабината. За денешните родители, кои се (сме) резултат на блесавава транзиција на Балканов, не е баш сфатливо, дека на тие години, нивните деца можат сами да летаа. Нo, за воља на вистината, можат, само треба да им се побуди интересот, да им се дозволи и секако да се најде вистинскиот даскал, во кој ќе имаш доверба. Којзнае како му било на нашиот даскал, кој требаше да направи одлука за да летаме самостојно (сем, што косата му побелуваше се повеќе, со секоја група на обучени пилоти).

Аеро клубот беше, медиум кој ми дозволи да ја запознаам планината. Првото престојување на Чеплес, еден од моите денешни пријатели, ми посочи теорија: -„Бидејќи првпат доаѓаш на планинарење, една од двете опции ќе ти го насочат односот кон планината. Првата: нема повеќе никогаш да дојдеш на планина. Втората: планината ќе биде дел од тебе, засекогаш!“ Теоријава, премина во доказ! Од тој ден па наваму, Водно-Матка премина во добро утро. Спиевме во планинарски дом Јелак а скијавме на Шапка. Кога ќе работеше „церипашино“, со скии до Јелак, беше како да одиме во хотел. Кој знаеше тогаш дека тоа се викало фрирајд скијање. Првиот маунт бајк ми го украдоа. Вториот, „маста“ му ја извадив на планина. Првите трки во спортска ориентација, моунт бајк и триатлон ги учествував за да пробам да се натпреварувам. Но, се натпреварував со самиот себе, не со другите.
Планината мотивираше. На Мон Блан бевме со жена ми, Виле. Спиењето во Валот, на 4400 метри ми е највисоко спиење (имаше невреме на спуштање). Методски постапивме, преноќивме, се засолнивме. Нешто се случува на висина. Можеби е до воздух, или едноставно напорот за до врвот, во комбинација со природата и друштвото, но секако остава траги врз човекот. Така беше и тој пат на Мон Блан. Една заверка во нашиот животен тек се направи. Двајцата сме, (всушност сега сме тројца), сеуште со мислите кон планината.
И сега што. Следеше една мала пресвртница. Почнав да печалам плата на Факултет за физичко образование спорт и здравје (станав даскал на факс). Кога си платен/а да пренесеш информација од типот: на каков начин „другите“- а не јас (мислам на студентите, идните даскали), треба да ги доближат спортски активности, но и авантури во природа, кон деца и возрасните, димензијата е четврта. Бара менување на аголот, на перцепција. Треба да мислиш 2 (најмалку) чекора, пред нештата да се појават. На 32 години, една од околностите беше таква, да мораше сам да водам група од 50тина студенти на настава по планинарење на Солунска глава. Четири дена, три вечери во шатори. Втората вечер на Горна Бабина. Редовна настава беше тоа, со години работена на факс. Претходно сум учествувал многу пати како коорганизатор. Но сега треба сам да бидам водач.- И? Ќе можеш сам? – Секако. Со возрасни, полнолетни студенти одам! НО, професијата вели, НЕ Е МЕТОДСКИ. Така и беше, поканив неколку професионални водачи во планина, и уште неколку приправници водачи. Имавме и лекар во тимот. Повеќе глави е еднакво на „тим“. Вистински одбран тим за тие 4 дена е еднакво на фамилија. Авантурата (обуката на студентите) може да почне.
Кога почнав да тренирам кошаркари, тенисери, фитнес ентузијасти, фудбалери, влегов како да сум лаик. Читав се од почеток, мантрав наутро, пред тренинг, попладне после тренинг, навечер пред спиење. – Ама чекај сега, ти како даскал на факс, треба да ги знаеш работите за тренинзиве, нели?- Секако, не! Ги дознавав кога почнав да работам. Формалното образование, прави да имаш основни познавања во тренирањето, но апликацијата на теоријата во пракса е нешто сосем друго. По 20тина години, како тренер, сеуште не ги знам вистинските рецепти за тренинг. Но, мислам дека знам каде да ги пронајдам, кога ќе затребаат. А не ги знам од причина, што процесите се во постојано менување. Секој клуб, секој спортист/ка, секоја индивидуа е независна, уникатна. Нема ист спортист/ка, нема ист пристап. Теоријата е само едната страна, од познавањето. Можеш да водиш тренинг и додека грицкаш семки, од џеб. Но не за долго. За подолго, останува оној тренер/даскал, кој се надоградува, за разлика од оној што знае се!- Ма дај…! Па каков опоравок е тоа? Опоравок на психата, на мислите. Опоравок на душата од постојаниот притисок и трчање кон топката. – Ама нели на фудбалерите тоа им е професија. – Точно, но моментално. Не забораравај дека и на фудбалерите првата професија, од раѓање, им е да се деца!
Искуствата се менуваа, особено кога на светов дојде Аја, ќерка ни. Незаменливо искуство. Сега не си даскал, платен за да сработиш, па можеш и на пауза да отидеш, ако треба. Сега си во супер мод на даскал – родител. Во тој период почнав повеќе да се дружам и соработувам со сноуборд клубот Полар (и сеуште, со ќеф, ептен). И сега спортистите се деца, но во услови и на -15 целзиусови, во услови кога треба да ги учиш да скијаат (или бордаат), а да ги пазиш од други скијачи на патеките. Па било заледено, па рабниците на скиите не биле наоштрени. Па им се јаде, па им се оди во тоалет. Ама на другите 5, им се скија, платиле бе за да скијаат! Па, правиш пауза, па маливе прво нарачуваат топло чоколадо, а ти менуваш кај келнерот за пилешка чорба. Па имаш лелекање, објаснување за нивните права, да јадат и пијат што сакаат и слични реални заклучоци. Но не попушташ, оти знаеш дека повеќе ќе заврши работа чорбата или пицата, од колку топлото чоколадо. Па се прашуваш дали си тренер или родител, на 50 деца одеднаш. И после сето тоа, истите дечиња, први се запишуваат на следниот камп (зимски/летен) и нарачуваат чорба, бидејќи научија дека е убава (не заради тоа што е здрава).- Па, има уште, ама ај за следното кафе.
Текстов, (колку и да делува „форестгамповски“) го пишував со цел да се препознаат даскалите, тренерите, педагозите, они кои треба да ги заразат децата и младите со природата, со планината, морето, со реките или со рекреацијата (и спортот)…со авантурата (животот) која треба да е примамлива, достапна, полна со самоинцијатива, несекојдневна, исполнета со ендорфин, но најповеќе БЕЗБЕДНА. Безбедност од секој аспект, треба да е првата мисла за сите а особено за они кои водат групи или ја приближуваат природата до останатите. Оние кои имаат можност да тренираат други. Газењето по земјата, треба да биде преку авантура, но со почитување на системот! Системот кој како прво правило го има значењето на поимот „безбедност“. За да се воспостави овој систем, треба да се погледне и од другата страна на авантурата!

Автор: Владимир Вуксановиќ