„Себеобновување“ – Борјан Јованоски

Параглајдерството беше во мојот дофат уште од мали нозе. Наместо будење со цртани филмови, секое утро беа подготвени видео – касетите за параглајдинг. Мојот татко е причината параглајдерството да биде достапно за мене, а потоа и да стане мој начин на живот. Гледајќи како татко ми и брат ми ги достигнуваат небесните височини, ете, посакав и јас да ја почувствувам таа „слобода“ – да летам. Сѐ започна на мои шест години кога без директно да ми каже мојот татко, ме одведе на тандем летање заедно со него. Јас… пресреќен – веќе „летам“ од радост. Првиот мој лет со тандем го направивме од школскиот терен „Рибник“ во околината на Прилеп. Есенско време, облачно и ладно, но адреналинот во мене не допушташе да го почуствувам студот. Летот траеше околу триесетина минути, на дел од летот и јас го управував параглајдерот со помош на мојот родител (инструктор), а тој заборавил да стави ракавици и се криеше зад мене, бидејќи навистина беше ладно. Ова е начинот на кој јас се заљубив во параглајдингот.

На деветгодишна возраст го направив мојот прв самостоен лет со параглајдер, во стабилни временски услови, но бидејќи не ги исполнував тежинските граници за пилот на параглајдер, морав  да почекам, да ставам некое кило плус, па така од четиринаесет-годишна возраст започнав активно да учам, да се натпреварувам и занимавам со параглајдингот. Во сите приказни кои ми ги раскажуваа постарите, човековиот сон беше летањето, па и сѐуште е и во реалноста. Посакав тоа да е дел од мене, дел од моето секојдневие, дел од моето себеобновување од нормалниот свет.

Достигнувањето на второто место во светот зад себе крие многу нешта, многу вложен труд, љубов кон параглајдингот, одрекување од забави, дружби, летувања и зимувања, вложување голем напор истовремено и во образованието и во спортот. Како помлад бев многу нервозен и лесно се разочарував за сите неуспеси и лоши резултати пропратени со казнување на самиот себе за некои работи, но со текот на времето и зрелоста сфатив дека тоа што е наше ќе си дојде во свое време, a ние треба да го правиме тоа што е наша цел. Лошите резултати даваат разочарувања, но подлабоко сфатени тие се мотив за понатаму, ако тие не постојат нема да ги согледуваме своите грешки, па оттука произлегуваат можностите за напредок. Тие се поддршката за да се изградиме себе си во подобри битија. Но ништо не ќе успееме без поддршката што ја добиваме од нашето опкружување, семејството, пријателите и сл…

За ова второ место на светската ранг листа голема заслуга има и Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“.  Во периодот кога трошоците беа огромни, а јас на патот кон успехот, морав да одберам помеѓу факултетско образование или спортот. Овој универзитет ми помогна за можноста и да студирам, но и да напредувам во спортот. Опремата која ми беше неопхода во тој период, со која се достигнати сите овие големи резултати ми беше овозможена од истиот.

Параглајдерството како спорт е поразличен од сите други, едно од најпоставуваните новинарски прашање е: ,,какво е чувството да се лета?“ И да ги употребиме сите можни метафори, тие нема да го доловат тоа чувство, бидејќи летањето мора да се доживее. Знаете, после летање, ми се задаават многу прашања: за постењето на луѓето и на светот воопшто, за мистичноста и совршеноста на нештата… Себеобновувањето во природа не може со ништо да се долови. Сето ова ми дава мотивација за понатаму, за нови достигнувања на различни полиња. Секако дека сакам и да се искачам на првото место на светската ранг листа, но благодарен сум и со тоа што имам можност да го достигнам човечкиот сон – летањето.


Автор: Борјан Јованоски

Формата и суштината на себеспознавањето – Леана Таќи

Не знам како се почнува текст чија форма и должина, суштина и поента ти се токму ова: бел лист. Исто, не знам како се отвора душата до степен да успееш да му доловиш на секој поединечен читател токму она што сакаш – чисто добронамерно, така што тие би ги избегнале грешките кои ти си ги направил… Јасно ми е дека е скоро невозможна мисија, но ќе се обидам. Можеби ќе детектирате доза на тага во она што го пишувам – и таа се должи само на тоа што конечно си признав дека некои од работиве ги направив малку наопаку.

Сосема несакајќи, мојата вечна желба (како и на секое тинејџерско девојче) да бидам слаба – заврши со бесконечниот пат на себеспознавање. Најпрвин поминав неколку години во гладување и ненормални отскокнувања во килажата, а потоа го открив спортот. Одев на Водно, вежбав пилатес – а бидејќи не сум љубител на спортски активности во големи групи – најмногу вежбав дома. Во животот, знаев дека ме бива за музика… и математика и јазици. Никогаш за спорт. Цел живот ме убедуваа дека сум екстремен анти-талент за спорт. Кога бев на пост-дипломски во Амстердам, гледајќи дека сите трчаат и возат точак, решив дека можеби сакам да го пробам и тоа. И ми се допадна. Не само дека слабеев, туку и почнав да се чувствувам помалку меланхолично, па дури и весело. Се вратив во Скопје – и успевав и покрај ноќните свирки да станувам рано и да двојам бар еден час во денот, 3-4 пати во неделата за спорт.

Во кругот на моите блиски луѓе – не се сеќавам од колку одамна постоеше Дуци, Душко Величковски. Никоја приказна за спортот не може да ми помине без да го спомнам – бидејќи беше најдобриот другар и најдобриот тренер кој некогаш сум го имала. Тој беше мојата вечна инспирација и засекогаш човекот кој ме поттикна посериозно да се занимавам со спорт. Дуци беше првиот Македонски IronMan финишер и не сум сигурна за ова, но мислам дека сé уште го држи Македонскиот рекорд. Гледаше дека трчам и уживам во тоа, знаеше дека повремено знам да отидам на Водно со точак, знаеше дека обожувам пливање… и од време на време ќе ми кажеше: „лелеее ама би ти било лесно во триатлонов тебе, ти сакаш пливање, јас одвај се терам да пливам“. Ме натера 4 недели пред Скопски маратон 2010 да се пријавам на полумаратон, да го завршам солидно како за почетник и да не престанам секоја година да го трчам како мојот АПСОЛУТНО најголем празник во годината, до ден денес. Ме научи и околу тренинзите на сила (strength training, се извинувам за слободниот превод). Тој ме инспирираше и да станам првата жена во Македонија која има завршено 140.6 IronMan настан, во септември 2015 година, на прекрасната Mallorca, Шпанија. Годината пред тоа, завршив еден 70.3 настан во Zell am See, Австрија. Уште веднаш видов дека направив премногу, прескоро. И двата настани ги завршив со повреди кои ме оневозможија да тренирам некој период – па така некако прогресот ми одеше многу споро – а сакав да бидам побрза. Не знаев зошто, само знаев дека сакам. И правев сé повеќе, постојано. Заборавив да се забавувам, мислам дека ја изгубив по пат причината зошто почнав да спортувам. По големиот IronMan се стекнав со повреда на стапалото (3 во една) – и не можев да трчам скоро година и пол. Пливав и возев велосипед. Имав уште една незгода на велосипед. Бев нападната за време на една долга вожња… и веројатно тука некаде почнав да се соочувам со сите овие препреки кои ми доаѓаа на патот. Се сконцентрирав на теговите некој период. Едноставно чувствував потреба да се чувствувам посилно. Целиот овој период, Дуци работеше како тренер на Бали. Со постојани онлајн совети околу храна, тренирање, одмор… Не го слушав, продолжував тврдоглаво по свое. Кога се врати од Бали, почна да ме тренира. Генерално, работевме на сила бидејќи после 7-мата повреда признав дека веројатно тоа ми фали (тогаш сé уште не бев длабоко навлезена во спецификите на женското тело и нутриционизмот, посебно кај жени кои спортуваат).

Лани во мај, еден ден пред Скопскиот маратон, Дуци почина, оставајќи зад себе многу скршени луѓе на кои ќе им недостига засекогаш. Во тој период активно работевме на припреми за мојата следна трка. Бев пријавена на 70.3 IronMan во Словенија, во сетпември 2018 (прва спонзорирана трка во животот, како дел од мојата соработка со Пелистерка и календарот за 2018). Не си дозволив пауза. Поминав 2-3 месеци без ниту еден ден одмор, на диета со многу малку јаглехидрати и во состојба на постојана исцрпеност. Колку повеќе спортував, толку формата ми стануваше полоша. Ги препознавав симптомите на претренираност, но некако не можев да застанам. И веројатно погодувате што реши телото да ми приреди. Се повредив пак. Отидов во Словенија, стартував на трката – но дел од мене знаеше дека таа мисија е осудена на пропаст. Целиот период пред Словенија имав постојани болки. Едноставно почнав со сила да одам на тренинзи. Неколку пати ми се случи да стигнам на базен, да се паркирам, да поседам пола час и едноставно да не можам да влезам да пливам. Или да тргнам да возам точак и за 7 минути да се вратам назад. Или пак да поминам 100 км во болки и екстремно негативно расположение (подоцна сфатив дека ова се многу чести симптоми кај жени кои се бават со овој тип на спортови и се лишат од јаглехидрати во исхраната). Стартував, испливав супер… извозев подобро од претходната година – и не бев задоволна. Сакав повеќе. И во еден момент застанав и едноставно, не можев да почнам да трчам. Сфатив дека се измачувам, дека ја изгубив поентата и дека буквално на никој немам ништо да му докажам. Не можев да разберам зошто се борам со себе. И одеднаш почувствував сé: болката за Дуци, пропаднатата врска, стресот на редовниот живот, стресот околу музиката – во главно целиот стрес кој си го наметнував сама на себе – во постојана трка со тоа што сум и тоа што мислам дека сакам или треба да бидам.

Емотивната болка не се лечи со физички напор. Да, ти станува подобро моментално, но не ги решаваш проблемите. Женскиот организам функционира поинаку од машкиот – не сме послаби, едноставно сме поинакви и ни треба различен тип на тренинг во различни делови од месецот. Диетите се глупост. Секој може да заврши IronMan. Секој може да направи буквално сé што ќе науми. Воопшто не е тешко. Но треба посебна храброст за да си признаеш дека си згрешил и дека ќе треба да почнеш од ново. Потребна е ОГРОМНА храброст за да почнеш да живееш свесно и будно.

Спортот ме научи на БУКВАЛНО сé што сум во моментов. Освен она со себеспознавањето, ме научи на дисциплина, ме научи на здрава исхрана – дури и ме научи да можам да се спремам за излегување за 18 минути – со сé сушење коса, шминка и дотерување! И покрај тоа што сум примарно музичар и деновиве ја завршив за мене најважната трка – мојот прв студиски албум со АнтиарТ – ништо од ова немаше да се случи да не постоеше спортот.

И да, го сакам триатлонот – ги сакам и теговите. Сакам и јога. И планини. И кучиња. Сигурно ќе се тркам пак, веројатно поскоро отколку што ми изгледа во моментов. Чекам само да ми станат уште малку појасни – и формата и суштината.


Автор: Леана Таќи

Ултра-долги велосипедски трки без поддршка – Игор Талевски

Ова што го правам во моментов е дел од друмскиот велосипедизам и се чувствувам како да сум паднат од Марс во него. Буквално до пред година-година и пол, никако не се гледав себеси на друмски велосипед. Возењето по асфалт беше супер спротивно на мојот нешто повеќе од дводецениски порив да сум во природата и во планините – било тоа да е за шеткање, качување, скијање или возење планински велосипед. Еден ден во продавницата во која работам (outdoor.mk), ни дојде човек кој со својот физички изглед, но и преку погледот, оддаваше впечаток дека „поминал низ нешто“. Дојде на друмски велосипед со многу мали торби на него, купи уље за подмачкување, а во краткиот разговор кој го имавме, ни кажа дека вози од Белгија кон Истанбул во една трка – во која мора целосно да е сам на себе, не смее никој со ништо да му помогне, возел не знам 600км без да застане до тој момент итн итн. Ми остави силен впечаток со дивиот поглед во него: нешто му се случуваше – како на физички, така и на психички план. Морав да пробам! Така почна сè: купив друмски велосипед и од старт моите возења беа со таков фокус: да возам што подолго, сам и да почнам да поврзувам денови. Но – и да уживам (по можност), посетувајќи места кои до тогаш не сум ги видел. Мислам дека ваквите возења/трки се одлична комбинација од интензивен психо-физички напор и туризам.

Не сум сигурен од која граница некое велосипедско возење или трка станува „ултра-долго“, но во овој концепт на мене најважен момент ми беше тој другиот: „Без поддршка“, а тоа значи дека за време на возењето не смее да има тим кој со возило би ме следел или на било кој друг начин би ми овозожувал поддршка од секој аспект на логистика и за време на трката, секој возач треба сам да си организира сè и да се грижи сам за сè: храна, сместување, нега на велосипедот и своето здравје итн. Следејќи ги овие организирани трки, јас во последната година и половина одбрав три во кои концептот беше таков – целосно сам да се справуваш со сè и трите беа со различни должини: трката низ Хрватска со должина од околу 1450км, која ја завршив за скоро три и пол дена, трката од Италија до Норвешка со должина од околу 4350км која ја завршив за околу 12 и пол дена и овогодинешната трка околу Холандија со околу 1850км која ја завршив за нешто под 5 дена. Математиката кажува дека генерално на пократките две сум возел со некој просек од околу 380-390км/ден, а во таа подолгата околу 350км/ден, што беше доволно за да финиширам во првите 9-11 возачи во нив. Но, секако за време на возењето не се сведува сè на таква едноставна математика, бидејќи сите три трки, но секако и многу други низ светов – имаат многу различни профили (некои се порамни, а некои поридести), имаат различни временски услови (некои се во топли месеци од годината, некои се случуваат за време на лоши временски услови, изразено ветровити денови..) итн., итн. Така што секоја трка треба да се набљудува како сама за себе – па и од година во година. Едноставно подготовките треба да течат независно што би можело да се очекува за време на трката, а за време на нејзе пак – да се грижиш за себе да стигнеш до финишот жив и здрав во што пократок период: некоја година тоа ќе значи за 300км/ден, некоја друга пак можеби за 400км/ден. Тоа што сакам да го нагласам е дека никогаш не влегов во нив со цел да се тркам со другите учесници, туку да се обидам да го дадам максимумот за самиот себе и да се надминам самиот себе. Завршувањето во првите 10 беше чиста случајност.

За повеќе да уживам во трките се обидувам со чувствата и емоциите да расчистам до пред почетокот на трката/возењето. Се работи за некакво внатрешно програмирање: што и да се случува, доколку можам да го решам – да го решам, без посебно чувство кон него, туку што побрзо и поефикасно и да продолжам да возам. Ако се случил некаков дефект или сум имал пад – да го поправам, да се исправам и да продолжам. Нема потреба од чувства и емоции во такви моменти. Можат да бидат само контрапродуктивни. Мислам дека некои психо моменти кои сум ги имал при искачувањата по тоа карпите и мразевите во изминатите години, ми имаат многу помогнато на овој план. Многу често ми се случувало во некое подолго искачување, да почнам да разгледувам каде сум дури од втората половина нагоре и тоа само на моменти – останувајќи целосно фокусиран на тоа што го правам во моментот, додека не стигнам назад на безбедно. Така и при овие трки: од моментот на стартот до пристигнувањето на целта – ајде да не речам, не ме интересира ништо друго освен да ги вртам педалите, да си го слушам телото, да се грижам за основните работи за мазно работење на велосипедот. Сè  друго е одвишок.

За да успеам да стигнам до горенаведеното, имав среќа детството да ми се случува пред посилниот налет на компјутерите и другите тракатанци кои (барем таква е перцепцијата денес) ги држат далеку денешните деца од играњето криенка, сервис, фудбал пред зграда итн. Имав среќа детството да ми се случува во делот од Скопје – Кисела Вода, во дел од населбата кој е релативно блиску до Водно, а погледот од собата преку паркот пред зградата да ми е свртен кон планината – која пак често ја посетувавме трчајќи по патеките кон напишаното „Тито“ (се сеќава ли некој на ова?). Исто така, по таткова страна, моето потекло е од Богомила и моите ме носеле под Даутица и Јакупица уште како бебе. Од кога знам за себе – играм нешто т.е. спортувам и тоа е дел од мене толку што навистина одмор за мене претставува едноставно – промена на активноста. Нема застанување! Тоа што се случило само е тоа што влегов од изразено натпреварувачки спортови од периодот на средношколските денови (фудбал, одбојка..) во ненатпреварувачки спорт – алпинизмот, кој беше доминација во мојот живот во изминатите две децении и тоа веројатно се должи на љубовта кон природата која сум ја развил како дете – играјќи со другарите или на Водно или дружејќи се со дечињата од Богомила, низ планинските предели за време на моите посети таму. Алпинизмот го практикував токму така: учев да бидам што посамостоен во секаква планинска средина и во секакви временски услови и тоа верувам денес ми помага и за време на гореспоменатите трки.

Иако во моментов главниот фокус ми се ултра-долги велосипедски трки без поддршка, сепак најголемо влијание врз мене остави алпинизмот кој почнав да го работам во 1998мата. Среќен сум што луѓето од кои учев во овој ненатпреварувачки спорт, научив дека е многу поважно да правам побавни, а посигурни чекори отколку брзи, а со тоа можеби и избрзани чекори. Дека патот е многу поважен отколку стигнувањето до некој врв по секоја цена. Среќен сум што растев секојдневно водејќи се од важноста на етиката и стилот во качувањето и тоа остави неизбришлива трага врз мене во секој аспект од моето живеење, но и во начинот на кој практикувам било што друго понатаму во животот – како на пример еве сега и изборот на учество во овие трки. Тие почиваат на џентлменство и нема награда на крајот – ниту за првиот финишер. Тој не е ни „победник“, туку едноставно – „прв финишер“. „Победници“ се сите учесници кои ќе завршат, надминувајќи се себе си во условите, во кои ќе ги затекне трката. Себенадминување врз етика и стил – е нештото на што почива сè што работам во спортот во изминатите две децении и не ме интересира можноста да направам навидум подобар резултат на сметка на газење врз тие принципи. Неприфатливо ми е тоа „Целта ги оправдува средствата“ – бидејќи сакам мирно да си спијам навечер. Овие трки во голема мера го одвлекоа моето внимание кон било што друго еве веќе скоро година и половина, што е и логично, бидејќи требаше да се посветам на специфични подготовки за нешто што никогаш не сум го правел претходно. Сега веќе мислам дека би можел подобро да балансирам помеѓу алпинизмот и велосипедизмот и би сакал барем еднаш годишно да можам да извозам некоја ваква трка, а и да качувам. Во моментов немам цел: сакам да се вратам на качувањето полека и да направиме едно искачување со сопругата, која несебично ме поддржува во сите мои авантури, кое го мислиме долго време. Ништо тешко – едноставно бидување во прекрасна планинска средина. За нашите досегашни искачувања можете да читате на alpinizam.org, а за моите возења на cyclinginceleste.com – како на сајтовите, така и на соодветните платформи на ФБ и Инстаграм.


Автор: Игор Талевски

Ultragirl – Катерина Шиповиќ

Во моето детство никогаш не сум се занимавала со некој спорт. Започнав со рекреативно трчкање и тренирање во теретана релативно доцна, на 19-20 год. На тој начин се одржував во форма. Во тој период не знаев ништо за македонската атлетика, за трките кои се одржуваат,  ниту пак помислував дека некогаш ќе трчам на некоја трка. На 24 год. во Април, 2015 год. се пријавив на првиот полумаратон, воедно и моја прва трка воопшто. Тоа беше трката “Трчаме кон целта” каде истрчав за 1:51 мин. Не познавав никого, дојдов, истрчав и веднаш штом ја поминав целта си заминав. По неколку дена на социјалните мрежи прочитав дека ме бараат за да си ја подигнам наградата – сум завршила 5-та, а на трката имаше награда за девојќи до 5-то место. Се зачудив, мислев дека е некоја грешка бидејќи имаше доста девојќи кои беа пријавени на таа трка. Тоа ми даде мотивација да се пробам и на други трки. Многу брзо, во Ноември истата година го истрчав и мојот прв маратон на „Првиот Поштенски Маратон“ во Прилеп. Таму завршив 3-та и тоа беше едно прекрасно искуство за мене,  кога за прв пат ги истрчав тие 42 км. Сите чувства кои ги имав додека трчав, сите мисли кои ми се вртеа во глава… тоа е нешто што  се доживува само на маратон. Значи, дотогаш немав некој план и посебна подготовка за тој маратон ниту посерозни тренинзи. Трчав отприлика 4 пати во неделата, со темпо и должина кои ми одговараа во моментот кога ќе излезев да трчам. Уживав во трчањето и едноставно знаев дека можам да ја истрчам таа дистанца. Така и беше, ја истрчав без некои потешкотии и сфатив дека  долгите дистанци се дисциплини во кои се пронаоѓам.

Набргу забременив и не можев да го прифатам фактот дека „треба” да мирувам. Во текот на целата моја бременост не престанав да трчам и тоа беше причина плус да уживам во тие моменти уште повеќе. Морам да напоменам дека имав лесна бременост без никакви проблеми, па чуствував дека можам да продолжам со тренирање. Не сакам да дојде до недоразбирање дека им сугерирам на идните мајки да трчаат за време на бременост, но сакам да ги мотивирам да си го слушаат телото кое само си кажува што му е потребно. По раѓањето на мојот син почнав да правам посериозни тренинзи. Како прва цел ми беше „Скопски Маратон“ кој успеав  да го истрчам во време кое целев, со пласман 3-то место во македонска конкуренција. Тоа ми е еден од позначајните успеси. По него следеа неколку маратони (Атина, Врање, Охридски). Дознав за ултра треил трки. Имав голема желба да се подготвам и да завршам некоја таква трка. Така во 2017 год. се пријавив на 64 км на трката „Крали Марко” во Прилеп. Уживав во подготовките за таа трка, како и на самата трка. Планинските трки се многу поразлични од оние на асфалт. Таму прекрасен е секој момент, во текот на целата трка, колку и да е тешка. Сепак, природата си го прави своето. Пределите на кои се тренира и на кои се одржуваат треил трките се прекрасни, па не можеш да не се заљубиш во планинското трчање. Посериозна таква трка беше „Истра” во 2018 година каде учествував на трката од 110 км. Успешно завршена, знаев дека следуваат многу такви трки. И следеа…

Наредна желба ми беше ултра трка на асфалт. Ми се отвори прилика да се пријавам на трката „Маратон Маратона” на 24 часа. Знаев дека сум подготвена (физички и психички) и воопшто не размисмислував. Трката беше оваа година во Март. Воедно беше и наше државно првенство на 24 часа. Со истрчани 180 км, трката ја завршив прва во македонска конкуренција со нов национален рекорд и втора во генерален пласман. Искрено, целев на повеќе километри, но во тој период од 24 часа има многу работи кои не може да се предвидат. Имав и кризен период.  Во тие моменти кога ми беше најтешко ми помогнаа Дарко (my men), Виктор (еден е брат) и Сања (најјака снајка) кои не дозволија ни да помислам на откажување. Луѓето останаа цела трка со мене на стаза. Интересно беше дека сакав да се сокријам од нив некаде околу 3 часот по полноќ, да влезам во кафулето кое беше на стазата за да се стоплам и да поспијам без да ме видат – додека они се смрзнуваа надвор. Се плашев дека нема да ми дозволат да одморам. Ме фатија (Дарко и Пирко), хаха. Сега не можам да се изнасмеам, но тогаш веројатно веќе не сум била при здрав разум. Со оглед на тоа дека ми беше прва ваква трка на која не знаев што да очекувам презадоволна сум и со овие 180 км. Чудни се ваквите трки, кога ги гледаш учесниците околу себе дека се при крај со сите физички сили, со сите резерви – во буквална смисла, но сепак продолжуваат, не се откажуваат. На таква трка се бориш сам со себе и со сопствениот ум. По таа трка сфатив дека не сме ни свесни за нашата храброст, истрајност и моќ. Сфатив дека граници не постојат, границите си ги поставуваме самите.  Во текот на овие неколку изминати години запознав многу луѓе кои ми го потврдиле тоа, од дечиња на најмала возраст кои знаат да се борат на трка и да бидат поиздржливи од повеќе возрасни искусни спортисти, па до повозрасни луѓе кои во своите +60 години постигнуваат подобри резултати од многу млади трчачи.

Се радувам што и по таа трка успеав солидно да ги завршам трките кои следуваа, треил трката „Водно-Матка“ на која се пласирав трета, па повторно полумаратонот на кој започнав – „Трчаме кон целта” (личен рекорд) и уште еден „Скопски Маратон”, истрчан со личен рекорд од 3:20 мин и второ место во македонска конкуренција. Следуваат неколку треил трки и тренинзи како подготовка за трката „Лаваредо“ во Италија на крајот на Јуни. А по неа, се надевам уште многу МНОГУ ултри. Tренинзите морам да ги комбинирам со останатите секојдневни обврски. Реално, редовното работно време, семејството и трчањето го пополнуваат речиси цело мое време. Она малку што останува обично го трошам за по некое пивце и квалитетно поминато време со драги пријатели. Реалноста е таа, некогаш мораме и да се откажеме од помалку важни работи за да оставиме простор на нашите приоритети. Јас само се надевам дека ќе можам цел живот да уживам во трчањето бидејќи тоа е дел од мене, ме исполнува, ме ослободува од цела негативна енергија и ме прави подобра личност.


Автор: Катерина Шиповиќ

Матерхорн во три чина – Александар Кирковски

Месец јули, 2018-та година, во малечкото село Червинија под големиот Матерхорн. Ме испраќаат драги пријатели, продолжувам сам… треба да ја префрлам планината, да стигнам до планинарскиот дом “Хорнли“ на швајцарската страна. Тоа е појдовната точка за искачување на овој импозантен врв, круната на Алпите, логото на Тоблероне, сонот на илјадници планинари и вечно почивалиште на над шестотини од нив. Овојпат сум сам и имам многу време за размислување, чувствата се измешани, се сеќавам…

Есента 2005-та година еден викенд на домот Караџица ги слушав свежите приказни на Љупчо Дебарлиев за доживувањата на Алпите, како и детали од обидите на Цобе на Матерхорн. Бев тазе во планинарските води, сметав дека врвот Матерхорн е само за најхрабрите, најспремни, одважни планинари и алпинисти, веројатно ќе потпишев со двете раце дека јас никогаш не би заминал таму. Сликата и помислата на овој врв за мене беа страшни. Се сеќавам и на летото 2013-та година кога заедно со Бојан првпат го видовме Матерхорн во живо, не остави долго без зборови, стоиме долу, гледаме, се гледаме меѓусебе. Е ова треба да го качиме! Двајца солидни планинари, скромни качувачи, технички можеби најнеспремните Македонци кои заминале таму – победи срцето, волјата, храброста и искрениот пристап кон планината. На 21 јули застанавме на врвот! Се сеќавам и на летото 2016-та година, спремни како никогаш го искачивме од италијанската страна, а Матерхорн на слегување ни одржа лекција за тоа колку сме мали и безначајни оставајќи не да бивакуваме цела ноќ висејќи на неговите карпести страни…

Стигнувам пред домот Хорнли, веќе е попладне, се сместувам. Овојпат е поинаку, сам сум, чувството на возбуда и неизвесност е присутно. Како ли ќе биде утре, немам партнер, нема наврска, нема обезбедување, нема право на грешка… па нели е ова моментот кој долго го чекав!? Многу ноќи претходно заспивав со помислата на соло искачувањето на Матерхорн, многу години вложив за да дојдам до тоа ниво. Оваа ноќ за чудо заспав мирно. Будење, 3:45 часот, доручек колку да се касне нешто и тргнување. Сеуште е ноќ, поаѓаат доста наврски, единствен сум соло… доаѓам под карпата, вдишувам длабоко и ја пуштам штоперката. Да, имам и временски зацртана цел до врвот и назад за под 8 часа! Се движам во ноќта, ме разденува неколку стотини висински метри погоре, одлично ми оди. Имам чувство на смиреност дури и на најекспонираните секции, со планината сме едно и некоја енергија ми вели дека денес ќе биде наклонета кон мене. Планината е таа истата пирамида од карпи, но нашата психа и игрите во неа се чудо во вакви моменти… за среќа овојпат добро ја играм играта. Веќе сум над бивакот, стасувам и на ‘рамото’ на Матерхорн, уште неколку пострмни секции и остриот снежен гребен: 3 часа 24 минути вели мојот Гармин! ДА, на врвот сум, на металниот крст поставен во раните години на минатиот век, денес значајно обележје на Матерхорн. Голема среќа, но нема време за такво нешто, треба безбедно да се вратам назад. Во планините, а посебно на техничките врвови тоа е потешкиот дел. Но сите имаме денови кога речиси ништо не е тешко, слегувам истовремено брзо и внимателно, уживам. Го гледам местото каде цела ноќ бивакувавме пред три години, одминувам, пак сум пред домот Хорнли и часовникот вели 7 часа 01 минута. Втор Македонец сум што го солирал гребенот “Хорнли“, поставив и најдобро македонско време, а на крајот статистиките не се ни важни: СРЕЌЕН СУМ! Истиот ден се вратив назад во Червинија, ме пречекаа другарите на заслужено пиво. Среќните моменти се ништо ако немаш со кого да ги споделиш.

И додека седам дома и ја пишувам оваа кратка приказна ме обземаат позитивни емоции. Планината е ЧУДО! Понекогаш ме прашуваат што имам јас од сите овие планински авантури низ годините, но немам начин да им објаснам… тоа е оган што засекогаш ќе го имаме во себе, кој гори и во најтешките моменти, тоа е една од малкуте работи во денешниот свет која не се продава и купува со пари. Среќен сум што имав можност да видам и почувствувам многу во планините, а уште повеќе што како наставник по географија имав можност да им пренесам дел од таа енергија на младите. Тркалото се врти и ние со него, одиме напред!


Автор: Александар Кирковски

Верувај во себе – Миљана Ристиќ

Спортот е голем дел од мојот живот. Сите ме знаат како немирно девојче и машкоданкa. Секогаш повеќе се дружев со машки. Додека моите врснички излегуваа во град или си играа ластик, јас играв фудбал и кошарка. Кога бев трето одделение родителите ме запишаа  на танц и таму одев 10 години. Покрај тоа тренирав одбојка 3 години и играв кошарка и ракомет во школската лига. Кога се запишав на факултет прекинав и со танци и со одбојка. Поради факултетот морав да се преселам во Скопје и сето ова ми падна многу тешко, како и секој нов почеток, нови луѓе, друг јазик, други навики, па прекинав да го правам тоа што најмногу го сакав. Се посветив целосно на факултетот, не излегував, ретко кога спортував. Битни ми беа само предавањата и книгата, за друго не знаев и тоа не личеше на мене. Знаев така празнично кога ќе си отидев во Врање да одам на едно мало стадионче да си трчам 10-15 мин и да правам малце вежби, ништо повеќе

Еден викенд отидов во Врање, па ми беше досадно и одлучив да правам вежби и да трчам малку колку да се активирам. Тогаш го сретнав другар ми кој трча со години. Му се придружив на трчање, ама не можев секако да го следам неговото темпо. Тогаш ми спомна дека се подготвува за полумаратон „Трчаме кон целта“ којшто се одржува во Скопје. Ми кажа да сум се подготвела и да се пријавам за трка и дека верува дека ќе можам да го истрчам. Сето ова ми беше луда идеја, ама убаво ми звучеше. Се вратив во Скопје и почнав така да трчам по 3-4 пати неделно. Неверувајќи во идејата, се спремав, ама сеуште не бев пријавена. Се сеќавам на неговите зборови ако успееш да истрачаш 18км пред полумаратон ќе можеш и цел. Кога прв пат истрчав 10км бев пресреќна, иако цела недела не можев да станам од кревет. Секој нареден километар ми беше се потежок и потежок. Се пријавив за трка. Дојде и тој ден, денот кој го смени мојот живот за 360 степени. Кога отидов на трка ништо не ми беше јасно. Гледав многу луѓе во шарени бои, се загреваат, истегаат, не можев да верувам дека вакво нешто постои, ми беше чудно, но бев воодушевена. Го памтам секој истрчан километар на таа трка. Ни сама не знам како ја завршив, ама тоа што го почувствував тогаш го немам почувствувано никогаш во животот. Таа борба од километар до километар, тој жар, борбa за време, желба да стигнеш до крај, да ја оствариш целта и покрај јаката болка која ја чувствуваш продолжуваш понатаму, не ги чувствуваш нозете, ама во глава си повторуваш „уште малце“. Од тој ден почна се. На тој ден  го запознав и мојот прв тренер кој ме вовлече во оваа опсесија која не престанува, која од ден во ден станува се поголема. Од тогаш се роди мојата љубов кон овој спорт.

Трчањето мe направи да станам појака личност, ментално станав посилна, станав на некој начин самостојна, борбена, истрајна, упорна за работите кои ги сакам, да не се предавам! Секоја нова цел ми е нов предизвик, за кој во ниту еден момент во ниту една тешка ситуација, препрека, повреда не се откажувам. Трчањето стана дел од мене. Почнав да тренирам многу повеќе, многу повеќе да вложувам во трчањето, во сопственото тело, во исхраната, и сето тоа ме прави еден добар посветен аматер. Кога почнав да навлегувам во овој спорт многу посериозно, тука почнаа и многу посериозните тренинзи и подготовки за трките. Почнав да се натпреварувам, со што го развив мојот борбен дух. Полека но сигурно навлегував во тајните и светот на трчањето. Веќе во првата година од тренирањето, станав државна шампионка во крос-кантри на 6000м во категорија под 23 години, државна шампионка на 3000м. Во 2018 освоив  второ место на државно првенство на 10000м. За мене најголемо постигнување во 2018-та година беше победа на Скопскиот полумаратон, како и истрчаното најдобро време од 1:27:12 на Скопски маратон 2019-та. Исто така бев државна шампионка во крос-кантри на 8000м над 23 години. Ја преставував и Македонија на Европското првенство во планинско трчање во Камник и во Скопје.

Kако во секој спорт така и овој има успеси и падови. Но како велат, секое лошо е за добро. Бев наоштрена и мотивирана за новата сезона 2019. Но, не е лесно да се работи и тренира, па и покрај работата, цела зима се подготвував посветено за сезоната што следи. Имав големи цели. Се откажав од многу работи и верував во моите цели кога никој не веруваше. Често се будев во 5 часот наутро, трчав на минус, одев на работа, потоа продолжував право во теретана. Но кога го правиш она што го сакаш ништо не е тешко. Тоа ме движеше. Бев во најдбра форма додека не ми се случи изненадна повреда, две недели пред главната трка за која се спремав. Го поминав најтешкиот период во животот. Секој спортист знае што значи да бидеш повреден. Во тој период гледав само психички да останам стабилна. Спортував, правев се само да не мирувам. Одев во теретана, на пливање, возев велосипед и одев и на пилатес. Тоа е можеби совет за секој што поминува низ таков период, да остане физички активен и да ја прифати моменталната ситуација, дека тука не може ништо да се промени само да биде трпелив, бидејќи она кое не те убива те прави посилен. Кога ти фали нешто разбираш колку ти значи и колку не можеш без тоа! После еден месец без тренинг одлучив пак да трчам на Скопски, со ризик дали воопшто ќе ја завршам трката. Немав очекувања. Испадна подобро од што очекував. На самата трка имаше измешани емоции во мене, бев и бесна и среќна. Бесна затоа што не можев да го дадам тоа за што бев спремна, среќна што воопшто трчам. Времето беше одлично, само сакав  да го задржам пласманот тоа и го направив и го подобрив личниот рекорд. Сега продолжувам таму каде што застанав пред два месеци, додека не го исполнам она што го сакам.

На патот кон успехот ништо не е подмачкано. Потребна е целосна фокусираност, посветеност и истрајност! Се случуваат повреди, разочарувања, тешки моменти, но најважно од се е да знаеш како да ги надминеш пречките, да бидеш истраен, да продолжиш во остварување на своите цели и да веруваш во себе дека можеш! Многу е важна и мотивацијата и поддршката која ја имаш од страна, за мене најголемата мотивација, поддршка, сила во добри и лоши моменти кои се случуваат во овој ниту малку лесен спорт е моето семејство и моите пријатели без кои не би ни била тоа што сум денес. Но исто така, некој кој ми дава голема поддршка, совети и мотивација е мојот пред се добар пријател и тренер, Атанас Анчевски, кој е долго време во овој спорт. Без него можеби и не би имала ваков напредок и вакви резултати. Трчањето е зависност, кога еднаш ќе ти влезе под кожа, не излегува. За мене трчањето е двигател на многу работи, тоа е нешто што ме движи во животот. Ден без трчање за мене не е ден! Секоја нова трка е нов предизвик, во која имам цел да се надминам себе си и да станам подобра личност. Никогаш нема да престанам, ќе трчам и ќе спортувам се додека можам!


Автор: Миљана Ристиќ

Слобода на две тркала – Левент Рифат

Влегувањето во велосипедските води за мене беше сосема случајно и непланирано. Летото 2009 година  беше пресвртница во мојот однос кон овој спорт. До тогаш велосипедот го користев најчесто како превозно средство и понекогаш знаев да извозам некоја тура колку за разонода. Таа година се случи „кам бекот“ на легендата Ленс Армстронг на „Тур де Франс“ и се сеќавам дека 20 дена бев „залепен за телевизор“ гледајќи го како ги совладува легендарните алпски брда. Откако заврши трката, сеуште фасциниран од Ленс, ја здогледав Македонската репрезентација на тренинг камп во Охрид. Сето ова ми беше мотив сериозно да навлезам во круговите на велосипедизмот и некако станав зависен од „допаминот“ и „ендорфинот“ после секој добро одработен тренинг. Едноставно кажано велосипедизмот е еден вид на „дрога“, на која јас се навлеков.

Па така наредната година, решив да се пријавам на некоја официјална трка и се најдов на стартната линија на „Гази Баба“. Како секој млад човек (тогаш имав 15 години) бев полн со адреналин и едвај чекав судијата да го означи стартот и јас да се покажам во најдобро светло. Трката започна ама јас не успеав да ја завршам бидејќи имав проблеми со алергија на полен. Иако мојата кариера не започна најдобро си кажав самиот на себе дека ќе се вратам и ќе си докажам дека можам ова да го извозам. Уште на старт ја научив најтешката лекција дека не секогаш работите се одвиваат како што ние сакаме, секогаш постојат надворешни фактори на кои ние не можеме да влијаеме, и тоа не треба да не оптоварува. Гледајќи од денешна перспектива дури и се сметам за среќен што толку рано сфатив дека со истрајност и упорност ќе дојде трка на која се ќе биде како што треба и ќе го постигнеме најдоброто од себе.

Во текот на кариерата имав уште многу падови и разочарувања, дури и моменти кога сум рекол доста е, се откажувам. Се сеќавам дека требаше да учествувам на европско првенство, поминав низ макотрпна тренинг програма и на 20 – тина дена пред европското бев на планинска трка каде што имав пад и доживеав лоша повреда (искинати мускулни влакна). Неколку дена не сакав да зборам со никој и не сакав да се гледам со никој. Не можев да се помирам со фактот дека нема да учестувам и имав чувство дека целиот вложен труд бил за џабе. Нормално времето помина, мускулот заздраве, дојде наредна сезона, се објави распоредот за трките заедно со пропозициите и се разбира јас почнав да правам планови за тоа каде да учествувам, а со тоа и очекувањата се креваат за ниво погоре. Никогаш не сум тактизирал на трка, да се штедам, да возам повнимателно и слично. Не верувам во максимата „битно е да се учестува“, по мене секогаш треба се дава максимумот и да се цели на победа. Иако многупати луѓето ми велеле дека сум премногу строг кон себе, но јас некако се навикнав најдобро да функционирам под притисок. Најдобрите резултати сум ги постигнал кога напорно сум тренирал и 100% сум се посветувал на секој тренинг, а паралелно сум работел и студирал. Најверојатно поради тоа што сум немал време премногу да размислувам, туку сум бил 100% фокусиран на целта, а чуството на слобода на велосипедот ми помогнало да истраам во сето тоа. Па така успеав да станам државен првак во планински велосипедизам, државен првак во хронометар и како мој најголем успех можам да го издвојам 22-то место на европското првенство во велосипедизам.

После поминати речиси 10 години на велосипед сфатив дека велосипедизмот ми ја дава слободата и претставува еден вид на терапија од секојдневните стресови што ги носи животот. Јас по природа сум интровертна личност и тешко се справувам со секојдневните гужви на модерното време, токму затоа најубаво ми е кога ќе ги облечам велосипедските патики и ќе се најдам што подалеку од луѓето и бучавата. Знам дека поради ваквиот животен стил имам пропуштено многу работи што луѓето ги сметаат за „нормални“ како што се излегувања до доцна навечер, седење на плажа со друштво и слично, но од друга страна се стекнав со особини на дисциплина, ред и самостојност кои што и те како ми помагат во исполнувањето на секојдневните обврски. Можеби моите постигнување не значат ништо на светско ниво, сепак за мене преставуваат доказ дека со напорна работа и тренинг може да си ги поместите сопствените граници. Со оглед на тоа не сакам да ги откривам моите наредни планови и цели, само ќе кажам дека секогаш сметам дека може и треба подобро.


Автор: Левент Рифат

Сурова убавина – Мери Мирческа

Мери! Запри, па не си на тркa. Да не си го надминала водичот. На секое планинарење истиот муабет, како може да одат волку споро, си викав. Леле, пак ќе одмараат, ова повеќе не се трпи. Неколку години се занимавав со овие проблеми при планинарењето со тие прекрасни луѓе, ама сепак со нетрпение чекав да дојде следниот викенд за повторно да му ја киднам на планина. Колку долга ми се чинеше седмицата. Ех, како ли не одиме барем 5 пати неделно на планинарење. Ах…

Сама во планина?! Па ти си луда! Таму има диви живитни, страшно е! Не смееш да помислиш да одиш сама! Нешто страшно ќе ти се случи таму. Јас немав поим, идеја, претстава дека може и сама да си појдам во планина кога сакам и колку сакам. Моите другарки не се само планинарки, туку и полумаратончиња трчкаа. Ме пријавија и мене, а јас во животот немав никогаш трчано. Ниту пробано да трчам. Истрчав полумаратон од кај 10 часот до 12, потоа се пресоблеков и во 13.30 си појдов на работа. Па убаво и лесно било ова си реков, ама асфалтов ме нервира некако.

На тој маратон здогледав една симпатична пресериозна фаца. Сите пријатели стоевме во круг, а тој сам на страна. Се договаравме да сме почнеле да трчаме заедно ама на планина. “А може ли да се трча и на планина?!” Еј, супер така. Јупи. На трчанката еве го и тој , трча прв, па трча и на угорницата на Козјак. Леле, си помислив, ова можно ли е?! Почнавме да трчаме се почесто заедно со него. И се подолго. Трчавме од Прилеп до Велес, од Прилеп преку Козјак до Црна Река, од Прилеп преку Мукос, Десово, Дупјачани, Трескавец до Прилеп. Абе имало  трки во светов и по 160 км, се трчало и ноќе, нон стоп до финишот. Најпозната некоја светска трка била „UTMB“.

Од тогаш, па се до ден денес, овие зборови не ми дадоа мира во животов. Ноќта проверив на интернет што е тоа и останав цела ноќ да ги гледам видеата на „Youtube“ со снимки од трката. Тренинг. Тренинг. Тренинг наутро, навечер, на сонце, на пекол, на дожд, на грмотевици, во кал, во снег, на ветер. Пред работа, по работа. Не баш секој ден, ама 5-6 пати неделно. „Не бе, ти не си нормална како издржуваш“. „Прибери се дома.“ „Ќе настинеш.“„Ќе добиеш болест некоја“. Бла бла бла…

Трчам. Ноќ е. Прекрасно е. Дојде зора. Прекрасно е. Денот е прекрасен. Дојде ноќта повторно. Уште трчам. Вторава ноќ малку ми е потешко нешто. Што ми е?! Ама убаво е тука на врвов на планинава . Магично. Сами сме јас и планината. Што ако е во странство, непозната планина за мене, ја чувствувам толку блиска и искрена природава. Колку убаво мириса. Колку е убав ветров. Колку се убави небово и ѕвездиве. Трчам. Малку ми мириса на дивеч. Најдобро е да си пуштам музика гласна да не изненадам некоја мечка вака. Мислам дека музикава ќе помогне ни таа да се исплаши, ниту јас. Малку ми е страв па ќе си пеам. Ајде малку погласно да си пеам. Овај патов ретко оден, не е многу разгазен некако. Диво е овде, дивотија. Колку е сурово. Колку е убаво. Колку е неповторлив овој момент, јас, планинава и ноќва сами, се запознаваме, се осознаваме… Немам многу време, морам да брзам. Дојде ден пак. Не јадам повеќе. Не пијам. На секаде гледам мајмунчиња и верверички. Си скокаат. Гледам едни луѓе си седат на тераса и си пијат напитоци. Се смејат. Не, не. Нема такво нешто тука на планина. Халуцинирам. „Здраво“ – им велам. Веќе не ни одам. Закочив. Не телото, душата ме боли. Ме уби сонцево. Здогледувам крави кај што пасат под врв планина. Има таму едно изворче и вирче кај што пијаат вода кравите. Појдов таму, се наведнав, водата кафенка, но вода. Се изнапив. Се изладив. Оживеав. Продолжив. На 150 км конечно здогледувам мила позната фаца. „Ајде“ ми вика. Сакаш да полудиме од грижи. Ајде! Ма каде си ти?! Колку радост ми надојде и среќа ме облеа. Луѓето што ме поддржуваат. Моите мили и драги луѓе.


Автор: Мери Мирческа

Големата „шестка“ – Атанас Наумов

Да ми кажеше некој пред десетина години дека денес ќе трчам маратони, ќе му речев „Ти да не сонуваш“, а денес не можам да замислам ден без да истрчам неколку километри.

Додека бев дете постојано игравме на улица, бев активен се додека не се запишав на факултет.Во тој период не наоѓав доволно време за спорт. После моето вработување како софтверски инженер, и постојаното седење пред комјутер, почуствував потреба од спортска активност. Благодарение на мојот тогашен колега, а сега мој кум, Иле, почнав во теретана, трчање на кеј на Вардар, искачување на Водно, возење велосипед и се ова трае до ден денес. Но, морам да признаам дека најдолгото трчањето ми беше 5 километри, не верував дека можам повеќе, мислев дека сум премногу спор и не се пријавив на некоја трка. Се до 2014та година кога се пријавив на „Скопски маратон“ на трката од 5 километри. Тогаш срамежливо застанав во средина меѓу учесниците. Почна трката, почнав да трчам, и сфатив дека можам побрзо и така на крај завршив во првите 40-тина учесници. Тоа ми беше мотив да продолжам понатаму, не само на 5км, туку и на многу подолги дистанции.

Секогаш кога гледав на телевизија некој светски маратон, се чудев како трчаат 42 километри, како може да трчаат толку долго, и ми беше фасцинантно колку многу луѓе учествуваат на вакви настани. Почнав да пребарувам на интернет информации за маратон, за тренинг, и вооедно читав инспиративни искуства од маратонци. Сакам предизвици во животот, сакам себенадминување, а трчањето маратон и тоа како ми се виде како одличен и голем предизвик пред мене. Откако го истрчав мојот прв маратон во Љубљана во 2015, апетитите пораснаа за нешто поголемо, да истрчам некој од светските маратони. Прв од нив беше Њујорк во 2016, потоа Лондон, Берлин и Чикаго во 2017, Токио и Бостон во 2018, со тоа успеав да ги комплетирам сите шест големи маратони во 18 месеци.  

Во тие 18 месеци поминав низ многу тренинзи, тешкотии, откажуања, обезбедување учество (претешко се обезбедува учество на овие маратони, преку лотарија или хумантирана организација), визи, парични средства, но се некако чудно се средуваше како што треба. Некој од „горе“ ги редеше сите овие коцки, но знам дека ако нешто посакуваш многу искрено и силно, ќе се најде патот да стигнеш дотаму. Најтежок од сите овие шест маратони беше Бостон. Бостон е најстариот маратон, со најголема традиција, сон на секој маратонец да го истрча, така и за мене, плус последен од шестте, со што ќе успеам да ја комплетирам таа „шестка“ од истрчани најголемите маратони во светот. Дотогаш ниту еден од Македонија не успеал да го направи тој подвиг. За мене тоа беше мотив плус да го направам.

И кога требаше да уживам во сето тоа, на два дена пред маратонот, временските прогнози беа од лоши полоши, температура околу нула степени, силен ветар со дожд и снег. Утрото кога се разбудив, си реков тоа е, толкав пат изоди, време е денес да бидеш силен и да дадеш се од себе и да успееш да завршиш, без да гледаш за колку време, целта беше само да се заврши. Во шест часот наутро веќе на стартот, измрзнат, мокар, а имам уште 4 саати до стартот. Гледав да останам смирен и самата помисла дека го трчам шестиот маратон, Бостон маратонот, ми беше доволен мотив да останам смирен. Почна трката, и се беше како сон, трчав најдобро до тогаш. Се сеќавам на крај кога го здогледав нашето знаме, солзите сами си дојдоа. Кога завршив со одлично време од 3 часа, кога го добив медалот за шестте истрчани маратони, бев пресреќен, плачев од среќа, од возбуда, од неверување што направив , каде сум. И до ден денес кога ќе снемам мотивација, ќе ги изгледам фотографиите од маратонот и прочитам што сум напишал после маратонот.

Не е лесно да работиш, да спремаш маратон. Често се случува во 4 наутро да излезам од дома, да одам на трчање (комшиите да се враќаат од ноќното излегување), да истрчам 35 километри, потоа да се спремам и веќе во 8 часот да бидам на работа. Во текот на денот да имам по неколку состаноци, и вечерта да направам втор тренинг во теретана. Луѓето на почеток не ме разбираа многу, често се случуваше да си одам дома во Пепелиште, Неготино, да трчам по улиците рано наутро, а моите комшии да одат на нива и да ми се чудат како може толку рано да станам да трчам, а да не одам на лозјето да работам. Исто и јас неколку пати се чудам како рибарите стануваат толку рано да одат на кеј на Вардар да ловат риби, а верувам и тие се чудат кога ќе не видат нас. Но ако нешто правиш со многу желба, љубов тогаш не е ништо чудно и тешко. Во ова игра најважно е да останеш здрав,  мотивиран и сето ова да ни прави задоволство. Гледам секогаш да најдам мотивација во СЕ, во споделени искуства од останати маратонци, од луѓето околу мене, и нормално од целта што сум ја поставил.

Трчањето стана дел од мене. Почнав да тренирам многу повеќе, многу повеќе да вложувам во трчањето, во сопственото тело, во исхрана, во знаење, да ја подобрувам техниката на трчање, и сето тоа ме прави еден добар посветен аматер-маратонец. Почнав моето искуство да го споделувам и со неколку тркачи кои сакаа да го искусат маратонот, да постигнат подобро време, и морам да признаам, дека сум воодушевен од нив, од нивната посветеност, послушност, и тоа колку го почитуваат моето искуство и познавање во маратонското трчање. Според мене најдобро се учи од некој што го искусил тоа, некој што може да ти укаже на што да обрнeш повеќе внимание без да ги прави грешките низ кои си поминал ти. Мислам дека секој од нас треба да си постави некаква цел и да се стреми да ја реализира. Така ќе сме многу повеќе фокисирани на себе и нема да ја трошиме енергијата за непотребни работи и на крајот од денот ќе сме посреќни и позадоволни од себе!


Автор: Атанас Наумов

A life on the edge of pain and self-convenience – Stefan Trost [Part II]

Somewhere in May 2017 I started to think of beginning to swim. Even today if you ask me why I thought about it, I can’t give an answer. Anyway, on the 1st of July 2017 I jumped into the water for the first time to do some “swimming”. It was terrible… so terrible that when I returned home I immediately opened “YouTube” to look for videos about crawl swimming and improvement of technique. There I was now, cycling, running and swimming. What should be the next? Am I now a triathlete? To prove this I decided to participate in my first triathlon event. I signed up for Ironman 70.3 in Zell am See Austria. Happening by the end of August I had enough time to prepare myself and get better in swimming.  Starting and finishing in Zell am See got me into the triathlon sport. Here I’m today still active and improving my skills and pushing myself as much as I can.

Competing in triathlon is a really demanding. Having three completely different sports, all of them with their own specifics in technique, speed, training methods, to race and be at the front at races needs a lot of dedication towards all three disciplines. To achieve the best out of yourself you have to drive a “non-bullshit-route”. Your training should be treated as individual race, most of the time you’re alone – you against the training which is given by your coach. Every interval what awaits you is your own personal challenge. I think the most important thing is to start the session. Everything else, what awaits you during the training session has to be treated as a challenge, a new obstacle for your body, pushing your limits over an edge which he used to be prior.

The most important key to success (success doesn’t mean to win, success means for me to be the best bad ass you) for me is hard work. I think that talent doesn’t exist. There is only hard work. When you give  your body new challenges new impulses all the time, you will become a better you, push your limits further. This should be in the end of the day the motivation for your training. When you finish a session better than the last time (faster, stronger or even get a faster recovery then before) that is what you’re aiming for. There is one even more important message; the harder you go in your training, the easier the race will be. Your body is used to such kind of stress and in a race you can always remember in your mind what and how it was in some specific training session.

So how my day looks like in the moment: wake up at 5 am, start my first training session before 6 in the morning  finish and go to work at 8:30 am. Usually I work 10-12 hours a day which takes out everything from my body in mental aspect. So I really enjoy by the end of the day to hit the second training session. It feels very good to push yourself again to the edge of your possibilities and break new barriers in your body. It’s obvious that it requires more than just a training plan and a self-motivation to compete in high levels. I have to mention that a key factor is for sure a strong support and commitment in your environment. Family, friends or partners are those factors which aren’t visible in the first moment, but those are these magic factors which for sure can’t make you win a race, but they can contribute to it a lot. Contribution and support is highly needed. How would it be possible to train up to 25 hours per week when your family isn’t supporting and encouraging you to complete your goals faster and better. By the end of the season for 2018, I drafted with my coach my race plan for 2019. Clear focus should be on two major events. First I need to qualify for the Ironman 70.3 world championship in Nice (this you can only reach if you’re in the first three in your age-group in a race prior to the championship), second should be my first full distance event. It means a lot to me to be healthy and feel vital before starting any project like this. Therefore, I waited one full year with the first full distance. In my opinion one of the most crucial objectives in doing sport is the health. Everybody, starting from recreatives to top athletes should be aim for health and steady development.

When the year 2019 started, running through a good preparation with a lot of new training methods, I was prepared enough to accomplish my first milestone for this year; the qualification for the Ironman 70.3 World Championship in Nice. I reached this with a third place in Thailand at the Ironman 70.3 Bangsaen. One done, the next challenge is coming and my mind is planning the next… Never stop and go beyond…

Reaching this milestone that early in the season meant a lot to me. I can now fully concentrate for my first timer as full distance athlete. But of course, till then – beginning of July – there will be a lot of sweat, pain and the edge between success and threats.

Кликнете тука за МКД верзија.


Author: Stefan Trost