Уште од мал сакав да се занимавам со спорт, но ми требаше време и неколку промени за да решам сериозно да се бавам со пливање. На почеток, многу краток период ,започнав со пливање, потоа да се префрлам на гимнастика неколку години, за на крај повторно да се вратам на пливањето. Интересно е што мајка ми беше гимнастичарка, а татко ми пливач, па некако потсвесно може сум сакал да одам по нивните стапки, плус некако беше популарно во тоа време да се спортува нешто. Дури и групно се договаравме со другарите да почнеме спорт заедно. Така на почеток беше еден вид на хоби, дружба и водење на здрав живот, но полека станував се попосветен и почнав посериозно да тренирам, да се откажувам од другите хобија и слободните викенди. После некое време ми се појави желба да напредувам и натпреварувам па така полека, но сигурно пливањето стана мој стил на живот. Веќе на 11-12 годишна возраст 6 дена во неделата одев на базен, а за викенд и по два пати дневно. Некако ме привлече тој начин на живот, одењето на базен, натпреварите, начинот на тренирање и сфатив дека тоа ме прави среќен и дека пливањето е спортот со кој сакам да се занимавам.
Со секој натпревар, изминат тренинг циклус, покрај тоа што се стекнуваш со пливачко искуство, туку и созреваш како личност. Почнуваш да си ги препознаваш сопствените јаки страни, но и слаби, си го осознаваш сопственото тело како фунционира, што му одговара што не, кога треба да одмориш, а кога да додадеш „гас“. Така после многу трки и првенства сфатив дека маратонското пливање како дисциплина е нешто што ми одговара и во кое највеќе уживам. Токму затоа и победата на Охдирскиот маратон е нешто на кое сум посебно горд бидејќи тоа за мене е посебна трка пред домашна публика и чувството да се победи на трка која си ја гледал секоја година од дете на телевизија или на прситаниште е нешто посебно. Сепак секој резултат што ќе го постигнеш (без разлика дали е победа или не) си има посебно значење и носи посебни емоции.

Како одминуваа годините и градењето на кариера, така и целите што си ги поставував пред мене беа се поголеми и поголеми. Но и притисокот што самиот си го наметнувам станува исто така поголем, особено на трките на кои што ќе проценам дека имам големи шанси за победа. Ваквиот начин на фунционирање ми помага да останам фокусиран дури и тогаш кога работите не одат по планот. Сепак на маратоните претставуваат трки на долги патеки и има простор за корекција, но треба да се има ладна глава, да нема паника и полека да работиш на тоа да се вратиш во трката. Искуството ми покажало дека не секогаш ќе успееш во тоа, ќе има трки кога нема да можеш да го дадеш најдоброто од себе си и едноставно нема да успееш во она што си го планирал и очекувал. Секако ова знае да биде разочарувачко, особено ако се работи за маратон за кој е од голема важност и за кој си посветил многу тренинзи, но не смее да те исфрли од колосек. Затоа поддршката од најблиските и позитивното размслување ми помагаат да останам во „игра“.
Секогаш сум имал голема поддршка од моето семејство, и мислам дека тоа е една од најбитните работи за успешен спортист. Без нивна константна подршка од кога сум почнал да пливам (повеќе од 20 години) можеби не би бил каде што сум сега. Тешко е да се биде професионален спортист и да се биде посветен на сите обврски, бидејќи тренинзите одземаат од 6 до 7 часа на ден 6 дена во неделата, плус многубројни патувања, немање можност за одмори, дури и кога одиме на одмор мора да тренирам. Но секогаш се наоѓа баланс, со добра организација на денот и секако важно е разбирањето кое го имам од мојата фамилија. Откако сето тоа ќе стане навика, после лесно се остварува. Покрај намаленето време кое може да го поминам со семејството, пријателите и од пред година и пол ќерка ми, друго од што сум се откажал е стоматологијата. Тоа е мојата професија, но се надевам дека во иднина ќе надополнам се. Така да цената можеби изгледа голема, но лично сметам дека се исплати.

Повредите исто така се составен дел од спортот, тешко ми е да не мислам на тренинзите и натпреварите што ги пропуштам, едноставно имам грижа на совест, дури и ако е мала настинка. Чувството на беспомошност е многу фрустрирачко, но се фокусирам на оздравување и да не избрзам да се вратам на тренинзите, зашто тоа може да ја отежни ситуацијата и потоа да правам поголема пауза од тренинг.
Спортот има големо влијание врз мене поготово поради тоа што е мој начин ма живот повеќе од 20 години. Имам големи придобивки: создавање на здрави навики, дисциплина која ми помага и во секојдневните обврски надвор од пливањето, сум видел и прошетал многу места низ светот, различно познанства, мотивации, емоции, чуство на исполнетост …. се тоа го носи спортот и затоа сите го сакаме. Мислам дека спортот не прави подобри луѓе, поисполнети и со подобри навики. Тешко е да кажам како би ми бил животот без пливање но сигурен сум дека пливањето има позитивно влијание на мојот живот и на работите кои би можел да ги постигнам на професионално поле. Да се биде трикратен Гранд При севкупен победник и три години во први 6 на Светски Куп. Поготово што минатата година во иста сезона ги направив тие резултати во ГП и СК е голем успех за мене, но секако дека имам и поголеми цели и планови за следната сезона како Олимиските Игри. Годините полека ме газат и секако понекогаш и размислувам дека ќе дојде и тој ден да се пензионирам, но сеуште не сум решил кога ќе биде тоа. Уште чуствувам дека може силно да тренирам и сум уште жеден за високи спортски резултати и дека сеуште не сум го дал својот последен „збор“. Фокусот го барам во добриот резултат и промоција на мојата држава, кој преставува голема сатисфакција за самиот себе најпрво но и за блиските.
Кога почнав со овој спорт не знаев многу што да очекувам и до каде ќе стигнам. Примарно ми беше да спротувам и да се дружам, но како навлегував подлабоки во спортот апетите и мотивацијата ми растеа и со тоа и мојата посветеност. Не знаев отсекогаш дека ќе бидам маратонски пливач, но верував и работев да бидам добар пливач. Ако сакаш нешто да бидеш или да постигнеш мораш да веруваш во себе и да работиш на тоа напорно, обично треба многу време да се оствари но на крај се остварува.

Автор: Евгениј Поп Ацев
