Уште од дете спортував рекреативно, сакав да одам на тренинзи, да учам нови работи. На осумнаесет години почнав да возам велосипед на планина, возев скоро на секоја тура во Македонија, понекогаш се пријавував и на трки во хоби категорија. Прв пат почнав да трчам во 2015 година, прва трка на 5км – Скопски Маратон, пробував да изгубам некое кило. Во исто време колешка од факултет – Кате (тери) – ми кажуваше дека оди на планински трчанки, за мене тоа беше невозможно, тешко ми беше трчањето на кеј, не можев да замислам да трчам на планина. Полесно ми беше со велосипед, а и некако повеќе километри можев да поминам, повеќе места да видам.

Така мислев се додека еден пролетен ден на Водно во 2016 година ме сретнаа колешката која беше член на ТРЕКС и останатите девојки од тимот кои ме разубедуваа да се пријавам на Крали Марко Треилс – планинска трка која ја организира ТРЕКС во Прилеп. После некој месец решив дека сакам да пробам да се подготвам за трката која е во должина од 31км со 1850 D+ искачување, сакав да видам дали можам да издржам. Подготовките траеја отприлика три месеци, со дотогашното мое „искуство” во трчање сакав само да ја завршам трката. И успеав. Една година подоцна станав и член на клубот ТРЕКС. Со нив знаеме да си направиме убави заеднички дружби и тренинзи на Водно и планините во земјава па и надвор. Секогаш трчанките се полесни со друштво, иако има и денови кога сакаш да си ја избистриш главата и да трчаш сам, само ти и твоите мисли.
На почетоците на планинското трчање мотивацијата за тренинзи не беше на високо ниво, особено во зимските месеци. Најмногу трчав за да можам да јадам што сакам и кога сакам, на крајот на денот за пиво. Но, со тек на време како почнав да правам повеќе тренинзи на планина, најчесто на Водно, се повеќе се заљубував во овој спорт. Научив да уживам во сите временски прилики и неприлики, секако со голема почит кон планината, и со голема доза на внимание кога треба да се повлечам поради временските услови. Планинското трчање ми стана пасија, секојдневие. Чувството на слобода, детска радост и насмевка која ти ја дава планината е непроценливо. Можност да бидеш далеку од секојдневните обврски, а блиску до себе. Сакам да трчам на нови места и да откривам нови патеки. Уживам во деновите поминати во природа, на планина.
Бидејќи имам натпреварувачки дух, некако само по себе си дојде да се пријавувам на трки. Секоја планинска трка е посебна приказна. Најдраго ми е кога ќе се надминам себеси, кога сум подобра од претходниот ден. Ултра дистанците се многу интересни, тука не е важна само физичката туку големо влијание има и психичката спремност. На овие дистанци имаш време и да погрешиш и да се поправиш, да се мразиш и повторно да се засакаш, да патиш и да уживаш истовремено. Обично секој си има свое мото кое го води низ трките и животот. Моето мото е “GO BEYOND YOUR LIMITS”. Осознаваш работи кои не си ги знаел за себе, учиш за некои нови емоции, нови перспективи.
Запознаваш нови луѓе, со различни животни приказни, а сите на едно место, со иста цел, да ги поминеме сопствените лимити. Признанијата и резултатите се само дел кој го добиваш поради вложениот труд, време и тренинзи. Лесно е кога ќе ја исполниш зацртаната цел и мотивацијата расте, но има моменти кога едноставно не можеш да ја достигнеш целта, можеби желбата е поголема од моменталната спремност, можеби се уште не си дораснат за предизвикот или едноставно не бил твој ден. Наместо тоа да те уништи, треба да го разгледаш проблемот од сите страни, да ја согледаш грешката за нареден пат да не ја повториш. Со секој километар повеќе растеш како човек, расте издржливоста, желбата за успех и тоа се пресликува и во секојдневниот живот.
Пред трка фокусот секогаш е на храна, хидрирање и добар одмор (барем два, три дена). Значи или лесно трчање, возење велосипед, а некогаш и само лежење. Сепак јас не сум професионален спортист и секогаш претпочитам да си го слушам телото и моменталната желба за тренинг. Некогаш ако има договорено добра дружба и трчанка тоа не се одбива поради трка. Мојата професија е графички дизајнер во маркетинг агенцијата Априори Комуникации, така што првиот дел од денот го поминувам во канцеларија, а другиот дел го организирам според домашните обврски, спортот и дружбата со пријателите. Немам некоја тренинг програма, повеќе сум “go with the flow”, во зависност од тоа колку доцна ми завршил претходниот ден, некогаш трчам/возам пред работа, но најчесто тоа го правам после работниот ден. Иако за време на карантинските денови трчав на изгрејсонце и сфатив колку е поубаво будењето во раните утрински часови, со трчање и со тишината на планината. Денот ти започнува со повеќе енергија и позитивна мисла, посталожено можеш да се справиш со предизвиците кои ги носи истиот.

За секој спорт, а особено за планинското трчање и ултра дистанците, каде што е потребно повеќе одвојување на време во текот на денот за тренинг, многу е важна и поддршката од дома, од најблиските, особено партнерот. Важно е тие да ја сфатат вашата пасија кон спортот и што тој значи за вас. Со добро менаџирање на време и силна волја се може да се постигне без многу откажувања, се разбира постојат приоритети за кои сами одлучуваме.
За најголем успех до сега би издвоила најверојатно првиот маратон 42,2 км Скопски Маратон 2016 година, првата планинска трка Крали Марко Треилс 31 км, најдолгата дистанца за мене Ултра маратонот на Истра 110 км со 4400 D+, Триатлонот во Белград ТРИ каде што има пливање 1,9 км; возење велосипед 90 км и трчање 21 км, трка на асфалт 6h – 63,5 km (државен рекорд), минатогодишното 1-во место на Водно-Матка треил маратонот 42 км со 3200 D+ и Еверестингот годинава. Оваа година имав и обид за трчање на Западната Македонска Трансверзала како предизвик кој за жал не го исполнив, дел поради недоволна спремност, дел поради насобран умор. Се надевам ќе се има време и сила за уште многу наредни проби. Следна цел се Пелистер Ултра-Tреил на средина од август и Охрид Ултра-Треил на средина од септември. А понатака еден ден можеби и UTMB. Тоа е планински ултра маратон, треил настан на кој учествуваат многу светски тркачи. Се одржува на Алпите и поминува низ Франција, Италија и Швајцарија. Најдолгата трка на овој настан е 171км со 10 000 D+. Успешно ја имаат завршено веќе неколку наши тркачи.
Низ животот секој човек е инспирација на свој начин. Инспирација ми се сите кои имаат истрајност, љубов, страст кон нешто. За да успееш треба да се вложиш, но и да уживаш во процесот. Секој ден труди се да бидеш подобар од претходниот, прави го она што го сакаш и уживај во секој момент кој ти го пружа планината.
Најважно е што планината не учи на многу работи кои ни помагаат низ животот, не учи да бидеме подобри луѓе, погрижливи еден за друг, почовечни.
Останете во добро здравје, чувајте се, уживајте во спортот и природата, трчајте со сопствено темпо низ животот, не се споредувајте со останатите и одете го вашиот пат. Секој се соочува со различни предизвици и различни животни ситуации, не се потценувајте и не ги потценувајте другите. Трчајте, планината ве чека, БЕЗ ОТКАЖУВАЊЕ

Автор: Сања Николовска Најдовски
