finish-line-biking-winner

После дождот доаѓа сонце – Никола Лефков

Спортот е моја пасија уште од детството. Како и секое второ дете, мојот прв спорт со кој се занимавав беше фудбалот. Дедо ми беше возач на комбето на играчите кои не живееа блиску до Илинден. Тој ме мотивираше да почнам да тренирам, а исто така и другарите од школо, бидејќи сите тренираа фудбал во тој момент. Убаво беше додека траеше, сеуште имам убави спомени и другари од тие денови. Но, тоа не беше за мене. По ова искуство, ми се пружи шанса да останам во фудбалот. Имав 14 години и имаше отворен конкурс за фудбалски судии. Ги положив сите тестови, физички и теоретски, а со тоа добив категорија на фудбалски судија. Тогаш почнав да заработувам и ми беше супер. Еден ден, татко ми во двор паркираше велосипед. Кога ми ја кажа цената, мислев дека не вреди да се потрошат толку пари за еден велосипед.

Во маало сите зборуваа колку им се допаѓа велосипедот, а јас заборавив дека воопшто го имам. Не го ни пробав. По неколку дена решив да возам до Ајватовски рид, инаку место за рекреација во Илинден. Почуствував нешто што дотогаш не ми се случило. Не можев да се качам на угорнината. Морав да туркам за да успеам да се качам. Тоа ме предизвика и започнав секој ден да тренирам заедно со тако ми. Возевме од дома до манастирски комплекс во Дељадровци и назад по угорнините. Некогаш сакав да скратиме, да се вратиме по рамниот дел назад, но татко ми беше многу строг и не ми дозволуваше да го фатиме полесниот пат. Еден ден, случајно го испуштив глицеринот на предната кочница. Тогаш се јави првата моја потреба да барам сервис. Побарав на интернет и го најдов сервисот „Бајкстоп“. Кога отидовме со татко ми да го оставиме точакот на сервис, татко ми и Џими се препознаа. Работеле заедно во некоја фирма. Џими ни посвети време и почна да ми раскажува како постојат трки, како тие имаат свој тим и дека доколку сум заинтересиран можам да се приклучам. Во тој момент не бев заинтересиран но помина некој период и јас повеќе навлегов во велосипедизмот и почнав да се интересирам за трки. Тогаш го побаравме Џими, кој не упати во „Енерџи“ и така јас со уште двајца велосипедисти, станавме нова група која сака да се зачлени во клубот. Во првата година кога сакав да се тркам, не ја добив својата шанса во вистинско светло. Во тој момент во поискусните членови проценија дека треба да се натпреварувам во категорија хоби, иако според годините требаше да се натпреварувам во категорија јуниори. Цела 2015 година ја поминав во хоби. На првата трка не се покажав многу добро, но се покажав најдобро од сите нови членови. Со текот на времето, го променив велосипедот и ги следев трендовите што се важни за да напредувам. До крајот на годината неколку пати успеав да се качам на подиумот, но морам да напоменам дека на последната трка во Гази Баба успеав да го детронизирам најдобриот хобист на сите времиња во Македонија. Тоа беше клучниот момент кога го видоа мојот потенцијал. Во текот на зимата, се организираа групни тренинзи во мојот клуб „Енерџи“, јас таму возев со мојот планински велосипед. Во тој момент, клубот ми излезе во пресрет и ми понудија друмски велосипед за подобро се подготвам за наредната сезона. Додека тренирав во текот на зимата, друмскиот велосипед ми ја врати гладта за напредок. Се чуствував многу побезбедно, возев многу побрзо, истражив нови предели за тренинг што претходно не ги знаев. Се најдов во една ситуација каде што не знаев кој пат да го фатам. Дали да продолжам со планински велосипедизам, а друмскиот велосипед да го користам за тренинг или да биде обратно. Сезоната почна и јас почнав паралелно да се тркам и во планински и во друмски. Иако инвестирав пари и труд во планински велосипедизам, бев повеќе среќен додека поминував време на друмскиот велосипед. Во еден момент, бев прво пласиран на ранг листата на друмски велосипедизам и на планински велосипедизам. Дојде трката државно друмско ридско првенство. Во тој момент клубот „Вело М“ беа непобедливи, а на таа трка јас успеав да ги победам и да станам државен ридски првак во категорија сениори. Тука ја направив одлуката да продолжам само со друмски велосипедизам.

По оваа трка, работите за мене стануваа се подобри во поглед на велосипедизмот. Победував трки, имав самодоверба, но се јави и потребата од подобра конкуренција. Во тој момент ме побараа на позајмица за трка со повеќе етапи надвор од државава. Од клубот „Енерџи“ ми дозволија да заминам на трката и да се натпреварувам за друг клуб, со цел да напредувам. Тоа беше одлично искуство за мене и научив многу. Дури и два пати успеав да завршам трето место на етапите. Годината ја завршив и како победник на ранг листата во нашата држава, односно на 18 годишна возраст успеав да ги победам искусните сениори, иако ова за мене беше прва сезона во друмски, а и прва сезона во сениори. Тогаш добив понуда од клубот „Вело М“ да продолжам да се натпреварувам во нивниот клуб и ми пружија шанса да се натпреварувам повеќе на меѓународни трки. Во тој момент ништо друго не ми беше важно, само сакав да возам што повеќе трки. Во договор со претходниот клуб, на смирен и културен начин одлучивме дека за моја подобра иднина подобро е да најдам клуб што повеќе ќе се натпреварува на меѓународно ниво.

Започна сезоната 2017 и во февруари заминавме на една од подобрите трки на кои сум учествувал „Tour of North Cyprus“. Тогаш за првпат се почуствував како вистински професионалец, имаше многу екипи од повеќе држави, прејака конкуренција, нешто што дотогаш го имав видено само на „Eurosport“, сега го гледам во живо и уште подобро, јас учествувам. По три незаборавни етапи, успеав да се пласирам на 44то место во генерален пласман. Искуството што го стекнав таму и ден денес ми користи. По неколку победени трки во Македонија, добив повик од репрезентацијата да учествувам на трка „Белград – Бања Лука“. Многу добра трка, моментално најдобро категоризирана на Балканот. Бидејќи трката се одржуваше почеток на мај сите бевме прилично летно облечени, но таков студ и дожд имаше, што до ден денес повеќе не сум измрзнал. Беше супер трка, се чуствував многу добро, имав доста искуство за да знам дека треба да се возам напред. Знаев дека можам да направам најдобар резултат што дотогаш го имав направено и се случи пад во кој за жал учествував и јас. Во тој пад скршив клучна коска, но кога отидов во болница во Теслич ми рекоа дека се е во ред. По 1 недела сеуште имав оток и деформитет на рамото. Не обрнував внимание и заминав на следните трки „Tour of Albania UCI 2.2“ и „Tour de Serbia UCI“. Едвај ги завршив трките. Исто така се чуствував и на државните првенства. Во тој момент иако никој не ми веруваше на болката што ја чуствував, заминав на испитувања и имав што да слушнам. Морав итно да направам операција за да не ми се исушат лигаментите. По операцијата, еден месец бев надвор од тренинг. Во тој период Александар Панов ми помогна многу, ми ја врати мотивацијата за натпреварување и тренинг преку сите делови што ми ги подари. Посилен од кога и да е, заминав на трка во Грција. На финалниот спринт завршив на 7мото место што во тој момент, за мене тоа не беше максимум, но се задоволив од ситуацијата. До крајот на годината ги победив сите трки во Македонија. Интересен е фактот што таа година победив трка во Косово баш на денот на мојот роденден. Сезоната помина и почнаа подготовки за нова.

Во наредната сезона, почнавме исто од „Tour of North Cyprus“, па навака се одеше по планот, напредокот беше видлив. Во тој момент дури и станав подобар и работата стана посериозна отколку што замислував дека ќе биде. Она што ми остави впечаток во тој момент е што бев голем тимски играч, односно на поголемиот дел од трките работев за тимот и возев за друг. Мојот успех не ми беше во план туку ми беше важен тимскиот успех. Добив шанса да учествувам на Европско првенство во Чешка. Тоа беше големо искуство за мене кое ми предочи дека за светски успех, мора многу работа и разбрав дека ниту јас, ниту некој што го познавам не е блиску до тоа. По европското првенство, се случи несакан пад на тренинг и јас повторно се здобив со повреда. Втор пат скршив клучна коска. Поучен од претходниот пат, не чекав воопшто и уште истиот ден закажав операција, но бидејќи докторите не ја сфаќаат оваа повреда како итен случај, не ме оперираа веднаш. За мене сезоната беше готова, но јас си имав обезбедено прво место на ранг листата заради добро извозената сезона пред падот.

Сезона 2019 е мојата најлоша сезона. Пред да почнам со подготовките, размислував дали воопшто вреди да продолжам да се уништувам себе си, бидејќи ова го правам исклучиво заради лично задоволство. Се што досега сум потрошил во велосипедизмот, опрема, припреми е платено од страна на моите родители, а не е малку. Во тој момент и добив понуда за работа кај мој другар. Започнав да работам, но неможев да се пронајдам себе си. Тоа не бев јас, едвај тренирав по 5-10 часа неделно бидејќи паралелно на работата и тренингот, бев редовен студент. Пред почетокот на сезоната, престанав да работам и решив дека ќе се натпреварувам и понатаму, бидејќи тоа ме прави среќен. Продолжив да возам заради себе, едноставно тоа сум јас. Џина, мојата девојка, исто така одигра клучна улога во останувањето на велосипед со поддршка и мотивација од нејзина страна. Секако успеав да победам повеќе трки во Македонија, а имав и неколку подиуми во Бугарија. Исто така, повторно успеав да станам победник на ранг-листата во Македонија. Сепак не сум задоволен како се одвиваше оваа сезона, но морав да се посветам и на други работи во животот. Веќе  не ми се допаѓаше атмосферата во клубот. Многу работи ми се разјаснија, пробав неколку пати да го сменам нивниот став и да ги променам работите, но не успеав. Тие јасно ми дадоа до знаење, дека не се плашат доколку престанам да се натпреварувам и дека не сум возач само јас. Тоа за мене беше доволно и решив да си ја побарам среќата на друго место, и покрај тоа што не успеав лесно да ја добијам исписницата и да станам слободен возач.

Сега, кога веќе подготовките за 2020 се во тек, би ми било чест да споделам дека мојот прогрес ќе го продолжам во „ВК Оксижен“ од Скопје. Во моментов имам најдобри услови за тренинг и за прв пат во мојот живот имам личен тренер кој се грижи за мојот напредок. Се надевам дека ова ќе биде мојата најдобра сезона до сега, бидејќи после дождот доаѓа сонце. Благодарам на сите оние кои што имаат било каков удел во моите досегашни успеси, а благодарам и на оние кои ми правеле пречки, бидејќи без нив немаше да научам дека нешто можам и да направам сам.


Автор: Никола Лефков

Човек полн со живот / После сѐ постои утре – Петар Георгиевски – Камиказа

Во нашево секојдневие, многу ретко може да се наиде на луѓе кои се постојано насмеани и кои без оглед на случувањата од секојдневието, прават свесен избор да останат такви. Доколку сте некој кој трча и го правите тоа наутро – сигурно бар еднаш имате наидено на Петар Георгиевски – или Перо Камиказа. И сега, без да продолжам со објаснување во оваа реченица, сигурна сум дека повеќето од вас – бар оние кои се фанови на искрената позитивност, добија насмевка на лицата. Сите имаме различни задоволства. Ако гледаме површно, Перо има многу работи кои го прават среќен… Перо има колекција на гитари, Перо вози мотор, точаци, Перо е целосно посветен на спортот… но, како добар познавач на Перо ќе кажам едно – најголемото задоволство на Перо е животот. Кога денот ми почнува со случајна Перо-средба на Кеј, знам дека ќе биде добар ден во кој имам свртено бар еден значаен муабет. Во прилог, дел од од еден од нашите значајни муабети.

Статистика на истрчани трки: 75 полумаратони, 3 маратони, една 60 км ултра и уште неколку локални трејл и не-трејл трки. Во последно време – натпреварувач на локалниот дуатлон, со цел да се сврти кон триатлонот.

Никогаш не сум сакал да трчам должини, а не па маратони; да возам точак, а камо ли па да пливам. Сакав и уживав во практикување на брзински трки на 100 и 200 метри, скок во далечина, разни боречки вештини, кајак и што уште не. Никогаш не бев “дугопругаш”. Сѐ сакав одма и сега… арно ама… Им се смеев на Водно на типови облечени во велосипедска опрема и со тоа шпринтериците кога ќе влезеа во дом – пусти јас, сега исто изгледам. Е Перо бе, никад не реци никад. Уште па и шпринтериците ми се бели, ха, ха, ха. Сѐ што нејќев да правам ми се случи. И ај што се случи, него и убаво ми стана.

На 20-ти ноември лани бев физички мртов. Пред тоа, на 3-ти ноември ја завршив локалната дуатлон трка, која ми беше последна таа година. На дуатлонот телото ми ги покажа сите мани, но завршив! Осеќав немир – отидов на кардиолог. Одвај се качував по скали и осеќав огнена топка околу градите. Ми поставија дијагноза: пулмонална емболија со тромбофлебит. Дијагноза со 30% смртност. Во болница, поминав 17 дена од кои неколку дена со просечен пулс 128. Ноќта кога се случи одвојувањето на телото од душата некое време, мојата спортска форма ми го спаси животот – се разбира, со помош на горниот.

Многу често ме прашуваат како почнав со спорт – и се сведува баш на тоа, дека спортот неколку пати ми го спаси животот. Јоско, мојот тогашен доктор, кога влегов кај него ми рече, “Леле, како свиња си се направил”. А таму во чекалната, го слушнаа неколку госпоѓи – кога ме фати еден срам. Имав покачен холестерол поради лоша исхрана и генерална негрижа за себе – а и го враќав првиот голем кредит. Тие три месеци бев пред физички и психички колапс. Ми дадоа многу лекови. И така, полека почнав да пешачам на Кеј. Ме болеше секое мускулче и ковче на телото – секое сабајле и ручек пешачев помеѓу 3 и 5 км. Постепено, почнав и да трчам од канта до канта. Од 120 кг паднав на 99 кг. На втората контрола Јоско ми рече дека полека почнувам да личам на човек. Тогаш му ја вратив кесичката со лекови. Почнав да одам во теретана и тука почнав да ја гледам убавината на дружбата со луѓе во спортска средина. Иако тогаш, сѐ уште бев далеку од мојата 50-та година кога го истрчав првиот полумаратон. Скопски ми беше првиот полумаратон и од тогаш немам пропуштено ниту еден, освен тој што се откажа. Па дури и тогаш, собрав група луѓе и истрчавме полумаратон ревијално. Целата група помина од тогашниот студентски протест – каде ни се придружи и дел од нив. Снаодлив лик, нема што, ха, ха, ха.

Првиот маратон го трчав во Рим и преубаво си поминав. Како и секоја популарна трка, првите 2 км рипав преку луѓе. По неа, трчав во Њујорк – е оваа трка беше апсолутно најубава. Таму крахирав физички. Напорните тренинзи резултираа со стрес фракстура на сакрум. Ми викаа дека не треба да трчам но… без разлика на советите од докторите и со големи болки, сепак, го истрчав.

Откако поминав низ сѐ и сешто, годиниве се научив на понизност. Учам да одморам кога треба и учам да не одам со глава во ѕид. Научив и да уживам во дружбите и сега веќе знам дека дел од големината на сето ова што го правиме како рекреативци е во спортскиот дух и дружбата. Затоа и не слушам музика кога трчам. Сакам да бидам со луѓето, сакам да се поздравам со сите, сакам да споделам енергија. Сакам, доколку можам, на секој кој го поминува мојот пат од пред некоја година да му помогнам и да го охрабрам да си ја постигне целта. Телото што ми го дал Бог мора да го зачувам, бидејќи ќе ми треба за предизвиците – затоа што има уште многу работи што сакам да ги направам.

Тоа што го научив е дека не можеш да му земеш живот на човек полн со живот. И дека после сѐ постои утре.”

За наша среќа и за добрината во Универзумот да извојува уште една победа, остана жив и ни се врати со цело срце и душа. Како ништо да не било продолжи да спортува, советува и љуби. Перо е симбол за тоа колку далеку можеш да стигнеш со позитивен став и со малку повеќе грижа за сите околу тебе. Со Перо делиме слична историја на повреди, а делиме и пасија кон триатлонот и кон музиката… едно време викав дека се наоѓаме за сѐ освен во тоа дека тој многу повеќе од мене сака да вее знамиња. Дури и тука ме победи, бидејќи кога го прашав, со голема леснотија ми одговори: “Љубовта кон мојата земја ме учи да ги сакам и сите останати.”

Бидете како Перо.


Автор: Леана Таќи

Слобода на две тркала – Левент Рифат

Влегувањето во велосипедските води за мене беше сосема случајно и непланирано. Летото 2009 година  беше пресвртница во мојот однос кон овој спорт. До тогаш велосипедот го користев најчесто како превозно средство и понекогаш знаев да извозам некоја тура колку за разонода. Таа година се случи „кам бекот“ на легендата Ленс Армстронг на „Тур де Франс“ и се сеќавам дека 20 дена бев „залепен за телевизор“ гледајќи го како ги совладува легендарните алпски брда. Откако заврши трката, сеуште фасциниран од Ленс, ја здогледав Македонската репрезентација на тренинг камп во Охрид. Сето ова ми беше мотив сериозно да навлезам во круговите на велосипедизмот и некако станав зависен од „допаминот“ и „ендорфинот“ после секој добро одработен тренинг. Едноставно кажано велосипедизмот е еден вид на „дрога“, на која јас се навлеков.

Па така наредната година, решив да се пријавам на некоја официјална трка и се најдов на стартната линија на „Гази Баба“. Како секој млад човек (тогаш имав 15 години) бев полн со адреналин и едвај чекав судијата да го означи стартот и јас да се покажам во најдобро светло. Трката започна ама јас не успеав да ја завршам бидејќи имав проблеми со алергија на полен. Иако мојата кариера не започна најдобро си кажав самиот на себе дека ќе се вратам и ќе си докажам дека можам ова да го извозам. Уште на старт ја научив најтешката лекција дека не секогаш работите се одвиваат како што ние сакаме, секогаш постојат надворешни фактори на кои ние не можеме да влијаеме, и тоа не треба да не оптоварува. Гледајќи од денешна перспектива дури и се сметам за среќен што толку рано сфатив дека со истрајност и упорност ќе дојде трка на која се ќе биде како што треба и ќе го постигнеме најдоброто од себе.

Во текот на кариерата имав уште многу падови и разочарувања, дури и моменти кога сум рекол доста е, се откажувам. Се сеќавам дека требаше да учествувам на европско првенство, поминав низ макотрпна тренинг програма и на 20 – тина дена пред европското бев на планинска трка каде што имав пад и доживеав лоша повреда (искинати мускулни влакна). Неколку дена не сакав да зборам со никој и не сакав да се гледам со никој. Не можев да се помирам со фактот дека нема да учестувам и имав чувство дека целиот вложен труд бил за џабе. Нормално времето помина, мускулот заздраве, дојде наредна сезона, се објави распоредот за трките заедно со пропозициите и се разбира јас почнав да правам планови за тоа каде да учествувам, а со тоа и очекувањата се креваат за ниво погоре. Никогаш не сум тактизирал на трка, да се штедам, да возам повнимателно и слично. Не верувам во максимата „битно е да се учестува“, по мене секогаш треба се дава максимумот и да се цели на победа. Иако многупати луѓето ми велеле дека сум премногу строг кон себе, но јас некако се навикнав најдобро да функционирам под притисок. Најдобрите резултати сум ги постигнал кога напорно сум тренирал и 100% сум се посветувал на секој тренинг, а паралелно сум работел и студирал. Најверојатно поради тоа што сум немал време премногу да размислувам, туку сум бил 100% фокусиран на целта, а чуството на слобода на велосипедот ми помогнало да истраам во сето тоа. Па така успеав да станам државен првак во планински велосипедизам, државен првак во хронометар и како мој најголем успех можам да го издвојам 22-то место на европското првенство во велосипедизам.

После поминати речиси 10 години на велосипед сфатив дека велосипедизмот ми ја дава слободата и претставува еден вид на терапија од секојдневните стресови што ги носи животот. Јас по природа сум интровертна личност и тешко се справувам со секојдневните гужви на модерното време, токму затоа најубаво ми е кога ќе ги облечам велосипедските патики и ќе се најдам што подалеку од луѓето и бучавата. Знам дека поради ваквиот животен стил имам пропуштено многу работи што луѓето ги сметаат за „нормални“ како што се излегувања до доцна навечер, седење на плажа со друштво и слично, но од друга страна се стекнав со особини на дисциплина, ред и самостојност кои што и те како ми помагат во исполнувањето на секојдневните обврски. Можеби моите постигнување не значат ништо на светско ниво, сепак за мене преставуваат доказ дека со напорна работа и тренинг може да си ги поместите сопствените граници. Со оглед на тоа не сакам да ги откривам моите наредни планови и цели, само ќе кажам дека секогаш сметам дека може и треба подобро.


Автор: Левент Рифат

Љубов на прв тренинг – Дарко Симоновски

Љубовта кон бициклизмот започна сосема случајно и непланирано. Во тој период доста бев „заразен“ со вежбање во теретана, одев барем 6 пати неделно, и решив да си купам велосипед што ќе го користам само како транспортно средство. Како одминуваше времето, во глава се повеќе ми се вртеше идејата кардио вежбите што ги правам во тератана да ги заменам со возење точак на отворено.  Нормално како секој жител од Скопје, првиот обид беше искачувањето на Водно, до Пантелејмон. Уште понормално беше тоа што овој обид беше релативно неуспешен, меѓутоа го разбуди инаетот во мене и решив дека ќе се „одмаздам“. Токму ова беше тригер да почнам да возам се повеќе и повеќе и некако почнав повеќе да уживам во овие мои кардио тренинзи.

Додека се „одмаздував“ запознав доста пријатели кои веќе активно возеа и кои ме упатија дека постојат и се организираат вожњи и на подалечни места како Скопска Црна гора, Караџица, Шапка, Св. Николе, па така од кардио надвор од теретана, се најдов на многу нови неистражени места. Тие вожњи не беа само онака „лабаво“ да се возикаш и сликаш, туку на одредени успони и делови од вожњата имаше трки меѓу нас, па се гледаше кој колку е добар и физички спремен. Со текот на времето станував се подобар и подобар, дури почнав да уживам да „страдам“ на велосипедот и да уживам во „болката“ на велосипедизмот.

На една од тие тури случајно го запознав Лазо Миновски, претседател на велосипедскиот клуб ЕБТС, каде што ми беше и првото зачленување во велосипедски клуб. Нормално кога веќе ќе се зачлениш во клуб почнуваш да размислуваш на едно повисоко ниво, постои една здрава конкуренција помеѓу членовите, кој е подобар, побрз и веќе сакаш да почнеш да се натпреваруваш на официјални трки. Со ЕБТС ги имав и првите натпревари во категорија сениори во планински велосипедизам. Купив подобар бајк, се редеа многу трки, дури и учествував на неколку балканијади. Во тоа време Лазе многу ме упати во натпреварувачкиот велосипедизам и сите тие трки имаа посебна енергија донесена од него, кој го познава ќе знае за што зборувам.

Со преминот во клубот „Енерџи“, работите почнаа да стануваат многу посериозни, почнав да тренирам според програма, да имам посебен режим на исхрана и сето тоа под менторство на Љубиша Кондев, кој е денешен селектор во велосипедската федерација во планински велосипедизам. Во Енерџи добив клубски роуд бајк за тренинг и уште на првите тренинг сесии увидов дека ова е дисциплината која ми одговара. Го имав она чуство како цел живот да имам возено роуд и како тренинг од 150 километри да е најприродното нешто. Токму чуството на исполнетост и пронаѓање себе си ми беше мотив да се посветам уште повеќе, бидејќи знаев дека можам да ги поместам сопствените граници и дека можам да напредувам во велосипедизмот. На почетокот возев МТБ и роуд, меѓутоа како поминуваше времето сфаќав дека е многу тешко да возиш и да се натпреваруваш во двете дисциплини. Едноставно ти треба многу време, многу тренинг, време потребно за адаптација од еден велосипед на друг и дека ако сакам да бидам стварно добар треба да се одлучам за едното или другото. Најтешкото нешто за еден спортист е кога треба своеволно да се откаже од одредено натпреварување. Го сфаќаш како предавање без борба, секогаш во глава ти се врти дека си можел на сите фронтови само требало подобра организација на време, малце повеќе ако тренирам ќе успеам и слично. Друг е моментот да паднеш, да изгубиш на трка, тогаш си свесен дека си направил грешка или едноставно не си доволно спремен и единствено нешто што ти преостанува е да се подобриш за наредната. Вака имаш грижа на совест дека не си направил се за да успееш. И покрај овие дилеми, се одлучив да се посветам само на друмскиот велосипедизам и целиот мој фокус да го насочам кон тоа. Кулминацијата на сиот мој труд, на сите тренинзи, сите пропуштени семејни викенди беше сезоната во 2016 година кога станав шампион во хронометар на Македонија. Тоа беше момент во кој си докажуваш себе си дека сите „страдања“ и „болки“ сепак се исплателе и дека си успеал да ги надминеш сопствените ментални и физички бариери. Секако дека победата на конкуренцијата е слатка, но сепак чуството на себенадминување е вистинската награда и доказ дека со напорна работа и вложениот труд се се исплати.

Велосипедизмот ми покажа дека најголемиот успех во живот не се наградите или првите места, туку карактерните особини на упорност, принципиелност и дисциплина што се стекнуваат во целиот тој процес се вистинските вредности за кои вреди да се вложиш максимално. Нема ништо подобро од чуството на духовна исполнетост и смиреност што ја добиваш после долг тренинг или завршена трка. Исто така со текот на годините сфатив дека мотивацијата е добра но променлива работа, некогаш ја имаш некогаш ја немаш. Она што вистински те одржува е да си поставиш цел (како на пример да бидам шампион во хронометар за 2019 година) и да бидеш дисциплиниран во нејзиното исполнување. Знам дека ќе биде тешко, дека ќе има успони и падови и нема да оди се по планот, но со напорна работа ниту една цел не е недостижна. Секако тука е битна и поддршката од најблиските, бидејќи они се еден вид на потпора и без нив сето ова би било залудно. Јас ја имам таа среќа што мојата сопруга, воедно и мајка на моите прекрасни две деца, потекнува од спортска фамилија и порано самата се има занимавано на професионално ниво со спорт, па точно знае што е потребно за да се успее и имам комплетно разбирање и поддршка од нејзина страна.


Автор: Дарко Симоновски