Трнливиот пат – Игор Димовски

“Животот е канвас платно, се што ќе насликате на него ќе биде рефлексија на делата што сте ги оставиле”

Почетоците со пливање ги направив во 1984 година. Тогаш всушност секое дете беше „приморано“ да излезе надвор да игра, да се дружи, спортува или да се занимава со уметност, не како денеска затворени дома, дигитализација, деформитети. Близината на базенот Карпош до домот, мојата мајка Љиљана, се главните причини да се запишам на часови по пливање. И почнав, научив да пливам (да плутам над водата). На шест години не само што научив да пливам, туку почнав да учествувам и на натпревари. Тоа беа повеќе детски трки, кои сепак за мене беа многу значајни. Во нив ги стекнав првите искуства, кои подоцна ми беа од голема корист за оние вистински пионерски трки во кои се тркавме за медали и дипломи. И токму кога на почетокот помислив дека ова може да биде старт на една успешна кариера, доживеав малер. На скијање на Пониква ја скршив ногата и беше од типот на повредата, за моја несреќа, да морам подолг период да паузирам и да останам на „суво“. Но сето тоа не ме обесхрабри, а влегувањето во вода откако го извадив гипсот ми дојде како корисна рехабилитација. По извесно време заборавив на повредата и влегов во полн тренажен процес, ја подигнав формата и продолжив да се натпреварувам.

Специјалност ми беше грбниот стил, во кој бев побрз од некој пливачи кој се натпреваруваа во слободен стил. Инаку од двете дисциплини во грбна техника на 100 и 200 метри, подобри пласмани имав на подолгите патеки (уште оттогаш како да се назираше мојата перспектива како пливач на долги патеки), иако меѓу моите другари и тренери бев претпознатлив како „Иџе Брзиот“. Успесите и пиедесталите во грбниот стил се редеа, покрај соборување на републичките рекорди во пионерска категорија, бев државен шампион во пионерска категорија на територијата на Југославија 1990/91 година. По осамостојувањето на Македонија, како по ред ги соборував рекордите во истата техника и во двете делници, како во кадетска категорија така и во постара категорија (младинска и сениорска), и тоа ме однесе на првите позначајни натпревари балкански првенства од каде се враќам со медал, европските првенства во Прага и Женева, каде го подобрив времето на националниот младински и сениорски рекорд и резерва во Б-финале. 1997 година бев единствеиот универзитетски претставник на Универзијадата во Сицилија, Италија, и кога се беше како по книга и ветувањето за испливано време на 200 метри грбно под 2 минути и 10 секунди, дека ќе ме однесе на престојното светско првество во Шведска, се соочив со најголемата препрека. Испливав време кое беше за неколку стотинки од олимписката норма 2.07.53, но не бев во тимот од сеуште неразјаснети причини за мене (дури сега сфаќам, немаше кој да ме потурне, како што всушност функционира системот и до ден денешен, за жал). И така, семејство како за невоља се растури, незаитересираност на клубот (од финансиски аспект) и многу други причини ме натераа да се најдам во голема дилема што всушност понатаму. Тотално надвор од спортската магија беше тоа период на животна егзистенција, брачни води, основање на семејство…Снежана, Иво-Јован и Матео.

2004-та година, на својот 26-ти роденден си посакав, да се вратам на спортските навики, натпревари, победи. Толку ми фалеше сите тие години, и на големо изненадување се појавив на стартот во Свети Наум (Охридскиот маратон). Запливав, ги минував километрите и не само што допливав до целта туку и бев осмопласиран. Така моето име не само по таа 2004-та година, туку беше на списокот помеѓу многу  врвни учесници маратони од целиот свет и во следните неколку години на Охридскиот маратон, маратоните во Аргентина (Најдолгиот маратон во светот 88 км. Таму водата е црвеникава и едноставо не можеш да видиш што се има во неа. Само од кажувањата на оние пливачи кој веќе имаа искуство и настапиле на оваа трка, можеше да се заклучи дека се наоѓам пред големо искушение. Иако се чувствував некако исплашено, сепак во мене се роди вера и некоја сила кои ме тераа храбро да влезам во неизвесата трка и да ги совладам сите стапици на реката Парана, а колку е таа полна со чуда најубаво зборуваа предупредувањата од домаќините, кои ни порачуваа не сега, туку по трката да го посетиме познатиот музеј на флора и фауна во реката Парана), Италија (монденскиот Капри – Наполи), Грција, Бугарија, Србија, Хрватска…

Желба на секој пливачки маратонец е еден ден да го преплива Ла Манш. Каналот што го дели југот на Англија со северот на Франција. Уште многу одамна тој е предизвик за стотици маратонци ширум светот да дојдат и да се впуштат во борбата со брановите и непредвидливите студени како мраз водени струи кои некогаш можат да бидат и фатални. Затоа секој кој ќе се осмели да дојде на Ла Манш и да му се спротивстави на неговата неверојата сила, заслужува огромна почит. Голема благодарност до Општина Карпош со која успешно се реализираше овој прескап проект. Датумот 02.08.2010 вечно ќе ме потсеќа на тоа големо животно искуство, победата над водата која ви ја заледува крвта, сопствената психа која сака да ги урне соништата во тој момент, струењата кој доаѓаат буквално од сите страни, плимата која ве запира и ве остава да пливате вечност во едно исто место. Какви и да беа препреките, колку и да беше силна водената струја, јас бев сигурен во себе и никогаш не се предадов, не се откажав од тој сон и го препливав Ла Манш. Искуство кое е незаборавно, подвиг кој ми ја отвори вратата на Клубот на Македонските Спортски Легенди (благодарност до Зоран Михајлов легендарниот спортски новинар, кој за сето време ја известуваше македонската јавност од прва рака). По ова и со поголема самодоверба и желба, се редеа победи на маратоните во Грција, учество на светските маратонски купови итн.

Во 2015 година за жал бев приморан да работам и егзистирам надвор од границите на својата татковина, во Обидинетите Арапски Емирати, Дубаи. Се најдов пред момент на отварање на непознатата дотогаш за мене врата на ново спортско доживување. Телефонскиот повик во раните утрински часови од постариот син Иво-Јован дека ќе почне да се занимава со триатлон. Пријатно ме изненади и некако ме натера да се замислам и да ја отворам и таа врата на непознато дотогаш за мене. Но, дека се работеше за спорт кој е олимписки уште веднаш љубопитно почав да се информирам се повеќе. Па така и овојпат се нафатив напорно да работам, тренирам и натпреварувам. Како и во пливањето, така и во триатлонот го правам тоа со огромна љубов и желба за стопроцентен успех. Бев сигурен во себе, не се плашам повеќе од предизвиците и препреките, гордо и успешо се соочувам. Но, и овојпат не поминуваше без препрека, сакав да бидам триатлонец, но немав велосипед, па морав да позајмувам само за да можам да се натпреварувам (благодарност до Иван Михајловски и Петар Георгиевски-Камиказа). И така 2019-та година станав државен шампион оставајќи ги зад себе многу поискусните и помладите натпреварувачи. Учествував на балканскиот шампионат во Истанбул каде го зазедов можеби и највисокото 5 место во историјата на триатлонот во Македонија.

Како годините минуваат, се поголема желба ми е да го споделам целото мое искуство на помладите генерации, да ги научам и стекнам со вештини, со кој не само ќе ме наследат, туку и да бидат во најмал случај многу подобри од мене. Мојата желба не е само да бидам најуспешен македонски спортист со титула државен шампион во два олимписки спорта, пливање и триатлон. Туку ќе се потрудам мојата колекција на медали, трофеи и награди да ја збогатам за уште еден медал и тоа од Балканското триатлон првенство (исто како и во пливањето), токму таа боја и недостасува на моето канвас платно.


Автор: Игор Димовски

logo-beyond-the-results

Човек полн со живот / После сѐ постои утре – Петар Георгиевски – Камиказа

Во нашево секојдневие, многу ретко може да се наиде на луѓе кои се постојано насмеани и кои без оглед на случувањата од секојдневието, прават свесен избор да останат такви. Доколку сте некој кој трча и го правите тоа наутро – сигурно бар еднаш имате наидено на Петар Георгиевски – или Перо Камиказа. И сега, без да продолжам со објаснување во оваа реченица, сигурна сум дека повеќето од вас – бар оние кои се фанови на искрената позитивност, добија насмевка на лицата. Сите имаме различни задоволства. Ако гледаме површно, Перо има многу работи кои го прават среќен… Перо има колекција на гитари, Перо вози мотор, точаци, Перо е целосно посветен на спортот… но, како добар познавач на Перо ќе кажам едно – најголемото задоволство на Перо е животот. Кога денот ми почнува со случајна Перо-средба на Кеј, знам дека ќе биде добар ден во кој имам свртено бар еден значаен муабет. Во прилог, дел од од еден од нашите значајни муабети.

Статистика на истрчани трки: 75 полумаратони, 3 маратони, една 60 км ултра и уште неколку локални трејл и не-трејл трки. Во последно време – натпреварувач на локалниот дуатлон, со цел да се сврти кон триатлонот.

Никогаш не сум сакал да трчам должини, а не па маратони; да возам точак, а камо ли па да пливам. Сакав и уживав во практикување на брзински трки на 100 и 200 метри, скок во далечина, разни боречки вештини, кајак и што уште не. Никогаш не бев “дугопругаш”. Сѐ сакав одма и сега… арно ама… Им се смеев на Водно на типови облечени во велосипедска опрема и со тоа шпринтериците кога ќе влезеа во дом – пусти јас, сега исто изгледам. Е Перо бе, никад не реци никад. Уште па и шпринтериците ми се бели, ха, ха, ха. Сѐ што нејќев да правам ми се случи. И ај што се случи, него и убаво ми стана.

На 20-ти ноември лани бев физички мртов. Пред тоа, на 3-ти ноември ја завршив локалната дуатлон трка, која ми беше последна таа година. На дуатлонот телото ми ги покажа сите мани, но завршив! Осеќав немир – отидов на кардиолог. Одвај се качував по скали и осеќав огнена топка околу градите. Ми поставија дијагноза: пулмонална емболија со тромбофлебит. Дијагноза со 30% смртност. Во болница, поминав 17 дена од кои неколку дена со просечен пулс 128. Ноќта кога се случи одвојувањето на телото од душата некое време, мојата спортска форма ми го спаси животот – се разбира, со помош на горниот.

Многу често ме прашуваат како почнав со спорт – и се сведува баш на тоа, дека спортот неколку пати ми го спаси животот. Јоско, мојот тогашен доктор, кога влегов кај него ми рече, “Леле, како свиња си се направил”. А таму во чекалната, го слушнаа неколку госпоѓи – кога ме фати еден срам. Имав покачен холестерол поради лоша исхрана и генерална негрижа за себе – а и го враќав првиот голем кредит. Тие три месеци бев пред физички и психички колапс. Ми дадоа многу лекови. И така, полека почнав да пешачам на Кеј. Ме болеше секое мускулче и ковче на телото – секое сабајле и ручек пешачев помеѓу 3 и 5 км. Постепено, почнав и да трчам од канта до канта. Од 120 кг паднав на 99 кг. На втората контрола Јоско ми рече дека полека почнувам да личам на човек. Тогаш му ја вратив кесичката со лекови. Почнав да одам во теретана и тука почнав да ја гледам убавината на дружбата со луѓе во спортска средина. Иако тогаш, сѐ уште бев далеку од мојата 50-та година кога го истрчав првиот полумаратон. Скопски ми беше првиот полумаратон и од тогаш немам пропуштено ниту еден, освен тој што се откажа. Па дури и тогаш, собрав група луѓе и истрчавме полумаратон ревијално. Целата група помина од тогашниот студентски протест – каде ни се придружи и дел од нив. Снаодлив лик, нема што, ха, ха, ха.

Првиот маратон го трчав во Рим и преубаво си поминав. Како и секоја популарна трка, првите 2 км рипав преку луѓе. По неа, трчав во Њујорк – е оваа трка беше апсолутно најубава. Таму крахирав физички. Напорните тренинзи резултираа со стрес фракстура на сакрум. Ми викаа дека не треба да трчам но… без разлика на советите од докторите и со големи болки, сепак, го истрчав.

Откако поминав низ сѐ и сешто, годиниве се научив на понизност. Учам да одморам кога треба и учам да не одам со глава во ѕид. Научив и да уживам во дружбите и сега веќе знам дека дел од големината на сето ова што го правиме како рекреативци е во спортскиот дух и дружбата. Затоа и не слушам музика кога трчам. Сакам да бидам со луѓето, сакам да се поздравам со сите, сакам да споделам енергија. Сакам, доколку можам, на секој кој го поминува мојот пат од пред некоја година да му помогнам и да го охрабрам да си ја постигне целта. Телото што ми го дал Бог мора да го зачувам, бидејќи ќе ми треба за предизвиците – затоа што има уште многу работи што сакам да ги направам.

Тоа што го научив е дека не можеш да му земеш живот на човек полн со живот. И дека после сѐ постои утре.”

За наша среќа и за добрината во Универзумот да извојува уште една победа, остана жив и ни се врати со цело срце и душа. Како ништо да не било продолжи да спортува, советува и љуби. Перо е симбол за тоа колку далеку можеш да стигнеш со позитивен став и со малку повеќе грижа за сите околу тебе. Со Перо делиме слична историја на повреди, а делиме и пасија кон триатлонот и кон музиката… едно време викав дека се наоѓаме за сѐ освен во тоа дека тој многу повеќе од мене сака да вее знамиња. Дури и тука ме победи, бидејќи кога го прашав, со голема леснотија ми одговори: “Љубовта кон мојата земја ме учи да ги сакам и сите останати.”

Бидете како Перо.


Автор: Леана Таќи

Ultragirl – Катерина Шиповиќ

Во моето детство никогаш не сум се занимавала со некој спорт. Започнав со рекреативно трчкање и тренирање во теретана релативно доцна, на 19-20 год. На тој начин се одржував во форма. Во тој период не знаев ништо за македонската атлетика, за трките кои се одржуваат,  ниту пак помислував дека некогаш ќе трчам на некоја трка. На 24 год. во Април, 2015 год. се пријавив на првиот полумаратон, воедно и моја прва трка воопшто. Тоа беше трката “Трчаме кон целта” каде истрчав за 1:51 мин. Не познавав никого, дојдов, истрчав и веднаш штом ја поминав целта си заминав. По неколку дена на социјалните мрежи прочитав дека ме бараат за да си ја подигнам наградата – сум завршила 5-та, а на трката имаше награда за девојќи до 5-то место. Се зачудив, мислев дека е некоја грешка бидејќи имаше доста девојќи кои беа пријавени на таа трка. Тоа ми даде мотивација да се пробам и на други трки. Многу брзо, во Ноември истата година го истрчав и мојот прв маратон на „Првиот Поштенски Маратон“ во Прилеп. Таму завршив 3-та и тоа беше едно прекрасно искуство за мене,  кога за прв пат ги истрчав тие 42 км. Сите чувства кои ги имав додека трчав, сите мисли кои ми се вртеа во глава… тоа е нешто што  се доживува само на маратон. Значи, дотогаш немав некој план и посебна подготовка за тој маратон ниту посерозни тренинзи. Трчав отприлика 4 пати во неделата, со темпо и должина кои ми одговараа во моментот кога ќе излезев да трчам. Уживав во трчањето и едноставно знаев дека можам да ја истрчам таа дистанца. Така и беше, ја истрчав без некои потешкотии и сфатив дека  долгите дистанци се дисциплини во кои се пронаоѓам.

Набргу забременив и не можев да го прифатам фактот дека „треба” да мирувам. Во текот на целата моја бременост не престанав да трчам и тоа беше причина плус да уживам во тие моменти уште повеќе. Морам да напоменам дека имав лесна бременост без никакви проблеми, па чуствував дека можам да продолжам со тренирање. Не сакам да дојде до недоразбирање дека им сугерирам на идните мајки да трчаат за време на бременост, но сакам да ги мотивирам да си го слушаат телото кое само си кажува што му е потребно. По раѓањето на мојот син почнав да правам посериозни тренинзи. Како прва цел ми беше „Скопски Маратон“ кој успеав  да го истрчам во време кое целев, со пласман 3-то место во македонска конкуренција. Тоа ми е еден од позначајните успеси. По него следеа неколку маратони (Атина, Врање, Охридски). Дознав за ултра треил трки. Имав голема желба да се подготвам и да завршам некоја таква трка. Така во 2017 год. се пријавив на 64 км на трката „Крали Марко” во Прилеп. Уживав во подготовките за таа трка, како и на самата трка. Планинските трки се многу поразлични од оние на асфалт. Таму прекрасен е секој момент, во текот на целата трка, колку и да е тешка. Сепак, природата си го прави своето. Пределите на кои се тренира и на кои се одржуваат треил трките се прекрасни, па не можеш да не се заљубиш во планинското трчање. Посериозна таква трка беше „Истра” во 2018 година каде учествував на трката од 110 км. Успешно завршена, знаев дека следуваат многу такви трки. И следеа…

Наредна желба ми беше ултра трка на асфалт. Ми се отвори прилика да се пријавам на трката „Маратон Маратона” на 24 часа. Знаев дека сум подготвена (физички и психички) и воопшто не размисмислував. Трката беше оваа година во Март. Воедно беше и наше државно првенство на 24 часа. Со истрчани 180 км, трката ја завршив прва во македонска конкуренција со нов национален рекорд и втора во генерален пласман. Искрено, целев на повеќе километри, но во тој период од 24 часа има многу работи кои не може да се предвидат. Имав и кризен период.  Во тие моменти кога ми беше најтешко ми помогнаа Дарко (my men), Виктор (еден е брат) и Сања (најјака снајка) кои не дозволија ни да помислам на откажување. Луѓето останаа цела трка со мене на стаза. Интересно беше дека сакав да се сокријам од нив некаде околу 3 часот по полноќ, да влезам во кафулето кое беше на стазата за да се стоплам и да поспијам без да ме видат – додека они се смрзнуваа надвор. Се плашев дека нема да ми дозволат да одморам. Ме фатија (Дарко и Пирко), хаха. Сега не можам да се изнасмеам, но тогаш веројатно веќе не сум била при здрав разум. Со оглед на тоа дека ми беше прва ваква трка на која не знаев што да очекувам презадоволна сум и со овие 180 км. Чудни се ваквите трки, кога ги гледаш учесниците околу себе дека се при крај со сите физички сили, со сите резерви – во буквална смисла, но сепак продолжуваат, не се откажуваат. На таква трка се бориш сам со себе и со сопствениот ум. По таа трка сфатив дека не сме ни свесни за нашата храброст, истрајност и моќ. Сфатив дека граници не постојат, границите си ги поставуваме самите.  Во текот на овие неколку изминати години запознав многу луѓе кои ми го потврдиле тоа, од дечиња на најмала возраст кои знаат да се борат на трка и да бидат поиздржливи од повеќе возрасни искусни спортисти, па до повозрасни луѓе кои во своите +60 години постигнуваат подобри резултати од многу млади трчачи.

Се радувам што и по таа трка успеав солидно да ги завршам трките кои следуваа, треил трката „Водно-Матка“ на која се пласирав трета, па повторно полумаратонот на кој започнав – „Трчаме кон целта” (личен рекорд) и уште еден „Скопски Маратон”, истрчан со личен рекорд од 3:20 мин и второ место во македонска конкуренција. Следуваат неколку треил трки и тренинзи како подготовка за трката „Лаваредо“ во Италија на крајот на Јуни. А по неа, се надевам уште многу МНОГУ ултри. Tренинзите морам да ги комбинирам со останатите секојдневни обврски. Реално, редовното работно време, семејството и трчањето го пополнуваат речиси цело мое време. Она малку што останува обично го трошам за по некое пивце и квалитетно поминато време со драги пријатели. Реалноста е таа, некогаш мораме и да се откажеме од помалку важни работи за да оставиме простор на нашите приоритети. Јас само се надевам дека ќе можам цел живот да уживам во трчањето бидејќи тоа е дел од мене, ме исполнува, ме ослободува од цела негативна енергија и ме прави подобра личност.


Автор: Катерина Шиповиќ

Големата „шестка“ – Атанас Наумов

Да ми кажеше некој пред десетина години дека денес ќе трчам маратони, ќе му речев „Ти да не сонуваш“, а денес не можам да замислам ден без да истрчам неколку километри.

Додека бев дете постојано игравме на улица, бев активен се додека не се запишав на факултет.Во тој период не наоѓав доволно време за спорт. После моето вработување како софтверски инженер, и постојаното седење пред комјутер, почуствував потреба од спортска активност. Благодарение на мојот тогашен колега, а сега мој кум, Иле, почнав во теретана, трчање на кеј на Вардар, искачување на Водно, возење велосипед и се ова трае до ден денес. Но, морам да признаам дека најдолгото трчањето ми беше 5 километри, не верував дека можам повеќе, мислев дека сум премногу спор и не се пријавив на некоја трка. Се до 2014та година кога се пријавив на „Скопски маратон“ на трката од 5 километри. Тогаш срамежливо застанав во средина меѓу учесниците. Почна трката, почнав да трчам, и сфатив дека можам побрзо и така на крај завршив во првите 40-тина учесници. Тоа ми беше мотив да продолжам понатаму, не само на 5км, туку и на многу подолги дистанции.

Секогаш кога гледав на телевизија некој светски маратон, се чудев како трчаат 42 километри, како може да трчаат толку долго, и ми беше фасцинантно колку многу луѓе учествуваат на вакви настани. Почнав да пребарувам на интернет информации за маратон, за тренинг, и вооедно читав инспиративни искуства од маратонци. Сакам предизвици во животот, сакам себенадминување, а трчањето маратон и тоа како ми се виде како одличен и голем предизвик пред мене. Откако го истрчав мојот прв маратон во Љубљана во 2015, апетитите пораснаа за нешто поголемо, да истрчам некој од светските маратони. Прв од нив беше Њујорк во 2016, потоа Лондон, Берлин и Чикаго во 2017, Токио и Бостон во 2018, со тоа успеав да ги комплетирам сите шест големи маратони во 18 месеци.  

Во тие 18 месеци поминав низ многу тренинзи, тешкотии, откажуања, обезбедување учество (претешко се обезбедува учество на овие маратони, преку лотарија или хумантирана организација), визи, парични средства, но се некако чудно се средуваше како што треба. Некој од „горе“ ги редеше сите овие коцки, но знам дека ако нешто посакуваш многу искрено и силно, ќе се најде патот да стигнеш дотаму. Најтежок од сите овие шест маратони беше Бостон. Бостон е најстариот маратон, со најголема традиција, сон на секој маратонец да го истрча, така и за мене, плус последен од шестте, со што ќе успеам да ја комплетирам таа „шестка“ од истрчани најголемите маратони во светот. Дотогаш ниту еден од Македонија не успеал да го направи тој подвиг. За мене тоа беше мотив плус да го направам.

И кога требаше да уживам во сето тоа, на два дена пред маратонот, временските прогнози беа од лоши полоши, температура околу нула степени, силен ветар со дожд и снег. Утрото кога се разбудив, си реков тоа е, толкав пат изоди, време е денес да бидеш силен и да дадеш се од себе и да успееш да завршиш, без да гледаш за колку време, целта беше само да се заврши. Во шест часот наутро веќе на стартот, измрзнат, мокар, а имам уште 4 саати до стартот. Гледав да останам смирен и самата помисла дека го трчам шестиот маратон, Бостон маратонот, ми беше доволен мотив да останам смирен. Почна трката, и се беше како сон, трчав најдобро до тогаш. Се сеќавам на крај кога го здогледав нашето знаме, солзите сами си дојдоа. Кога завршив со одлично време од 3 часа, кога го добив медалот за шестте истрчани маратони, бев пресреќен, плачев од среќа, од возбуда, од неверување што направив , каде сум. И до ден денес кога ќе снемам мотивација, ќе ги изгледам фотографиите од маратонот и прочитам што сум напишал после маратонот.

Не е лесно да работиш, да спремаш маратон. Често се случува во 4 наутро да излезам од дома, да одам на трчање (комшиите да се враќаат од ноќното излегување), да истрчам 35 километри, потоа да се спремам и веќе во 8 часот да бидам на работа. Во текот на денот да имам по неколку состаноци, и вечерта да направам втор тренинг во теретана. Луѓето на почеток не ме разбираа многу, често се случуваше да си одам дома во Пепелиште, Неготино, да трчам по улиците рано наутро, а моите комшии да одат на нива и да ми се чудат како може толку рано да станам да трчам, а да не одам на лозјето да работам. Исто и јас неколку пати се чудам како рибарите стануваат толку рано да одат на кеј на Вардар да ловат риби, а верувам и тие се чудат кога ќе не видат нас. Но ако нешто правиш со многу желба, љубов тогаш не е ништо чудно и тешко. Во ова игра најважно е да останеш здрав,  мотивиран и сето ова да ни прави задоволство. Гледам секогаш да најдам мотивација во СЕ, во споделени искуства од останати маратонци, од луѓето околу мене, и нормално од целта што сум ја поставил.

Трчањето стана дел од мене. Почнав да тренирам многу повеќе, многу повеќе да вложувам во трчањето, во сопственото тело, во исхрана, во знаење, да ја подобрувам техниката на трчање, и сето тоа ме прави еден добар посветен аматер-маратонец. Почнав моето искуство да го споделувам и со неколку тркачи кои сакаа да го искусат маратонот, да постигнат подобро време, и морам да признаам, дека сум воодушевен од нив, од нивната посветеност, послушност, и тоа колку го почитуваат моето искуство и познавање во маратонското трчање. Според мене најдобро се учи од некој што го искусил тоа, некој што може да ти укаже на што да обрнeш повеќе внимание без да ги прави грешките низ кои си поминал ти. Мислам дека секој од нас треба да си постави некаква цел и да се стреми да ја реализира. Така ќе сме многу повеќе фокисирани на себе и нема да ја трошиме енергијата за непотребни работи и на крајот од денот ќе сме посреќни и позадоволни од себе!


Автор: Атанас Наумов

Живеејќи го сонот – Кокан Ајановски

Секогаш кажувам дека спортувам од кога знам за себе. Од најмала возраст научив дека спортот е спротивност на пороците, дека спортот е доброто, а пороците се лошото. Тоа си го сфатив здраво за готово и затоа, уште од раните денови во основното училиште, започнав да спортувам. На почетокот тоа не беше нешто посебно, туку повремено играње со другарите во маало. Најголемо влијание да почнам редовно да тренирам имаше мојот брат Горан, кој ми ја воведе дисциплината во спортот и ме научи да бидам истраен и да не се откажувам. Тоа беше некаде во 5-то одделение кога почнав редовно да правам склекови и стомачни под негова контрола, затоа што јас сакав да се откажам уште во првиот момент кога ми стануваше тешко. Првите насочени почетоци во спортот беа во кошарката и уличниот баскет во маало. Играв буквално секој ден, а настапував и за најдобрата кошаркарска селекција во основното училиште и во 7-мо или 8-мо одделение почнав да тренирам во кошаркарскиот клуб ‘’11 Октомври’’. За жал, не продолжив и во средно училиште да тренирам за некој кошаркарски клуб, затоа што околината ми наметна дека спортот е само изгубено време, па се посветив многу на училиштето, но никогаш не престанав со мојата тогаш најголема љубов, кошарката и продолжив редовно да вежбам со тегови во домашната теретана. Во средно училиште, само ми се потврди девизата дека без оглед на било што, јас ќе спортувам цел живот, најдобро што можам и умеам. Уште од мал, спортот стана мој начин на живот и правев сѐ што знам, за секој ден да се подобрам во спортските активности. Почнав да пливам, да одам на планина, да играм фудбал, да возам велосипед, но сѐ беше во функција да се подобрам во кошарката и баскетот во маало. Мојот предизвик беше да продолжам да спортувам во секоја фаза од животот и никогаш да не се откажам. Многу се жртвував за да бидам успешен во спортот и иако никогаш не тренирав професионално за некој клуб, сите ме знаеја дека сакам да спортувам и секогаш ме повикуваа кога требаше да се спортува или да се организира некој спортски настан.

Веќе на факултет, полека почнав да се насочувам кон индивидуалните спортови, затоа што тешко беше да најдам 6 луѓе за баскет, а уште потешко 10-12 за фудбал. Не сакав да зависам од други, па затоа тоа беше главната причина што почнав се повеќе да возам велосипед на Водно, да вежбам фитнес, да трчам понекогаш… Кога почнав да работам, 90% од луѓето со кои спортував порано, веќе се имаа откажано и тогаш, со тешко срце, прифатив дека ако сакам да спортувам целиот живот, тоа ќе треба да го правам индивидуално. Во 2008 година случајно го истрчав мојот прв полумаратон (21,1км) и од тогаш започна мојата љубов со трчањето која трае и денес. Продолжив да трчам затоа што ми беше интересно да патувам и да спортувам, нешто што сум посакувал од секогаш. Во 2009 година одлучив да се посветам најдобро што можам на трчањето. Престанав да играм баскет, за да не се повредам и да можам да се фокусирам 100% на трчањето. Намалив околу 10 килограми и целиот мој фокус го насочив кон трчањето на долги патеки. Полека, но сигурно, навлегував во тајните на трчањето и веќе во 2010 година, на 28 години станав шампион на Македонија. Она што никогаш не го реализирав како дете во спортот, успеав да го реализирам релативно доцна. На среќата и немаше крај. Тренирав со ентузијазам и мотивација како да имам 10 години. Победив на многу трки и станав македонски репрезентативец. Низ годините успеав да бидам повеќе од 20 пати македонски атлетски шампион во различни дисциплини, а имам и повеќе од 30 настапи за репрезентацијата на Македонија. Како македонски репрезентативец сум трчал на улични, планински, крос кантри и трки на атлетски стадион. Сум ја претставувал Македонија на многу балкански, европски и светски натпреварувања, а бев дел и од првите европски олимписки игри. Убавото во сето ова е што и денес јас се уште активно трчам и сѐ што набројав погоре е актуелно. Сите победи на трките во нашата земја и големиот број на себенадминувања се секогаш моја мотивација да продолжам со она што знам најдобро да го правам – да трчам и да спортувам. Мојата љубов кон спортот, од хоби и лично задоволство прерасна во моја професија и најголема пасија во животот. Денес, имам свој атлетски клуб и школа за трчање, „Nike школа за трчање“ , преку кои се обидувам позитивно да влијаам на луѓето околу мене да го изберат спортот како опција број еден во своите животи и секогаш да се грижат и да внимаваат на најскапоценото нешто – своето здравје. Тоа е една убава приказна во која има многу дружење, забава, позитивна енергија и се разбира, многу истрчани километри и насмевки.

Јас преку трчањето и спортот воопшто, го живеам својот сон. Многу сум среќен и благодарен за тоа и затоа тоа е нешто кое секогаш ме води напред  да не се откажам, да истраам кога е најтешко,  да покажам со личен пример,  да се борам до крај. Сите победи и учества на трки ми го продолжуваат животот и ми даваат нова енергија и сила за нови успеси и себенадминувања. Чувството по реализација на нашите цели за кои се подготвуваме и тренираме со месеци е неописливо и може да го почувствуваат само оние кои се во оваа „игра“. За успех во спортот потребна е целосна фокусираност и посветеност буквално секој ден од животот. Ништо нема идеално и подмачкано и на патот до успехот, се случуваат повреди, тешки моменти и разочарувања, но најважно е никогаш да не се откажеме и со позитивна мисла и ведар дух да продолжиме до остварување на целите. Колку и да се недостижни и тешки нашите цели, ние можеме да ги оствариме само ако навистина го посакуваме тоа! На секој тренинг јас си визуелизирам како ја остварувам својата цел и самиот тренинг го доживувам како вистинска трка или натпревар. Искрената љубов кон трчањето е клучниот фактор секогаш да можам да чекорам по патот на успехот. Високите цели се секогаш поголеми и од најголемите изговори. Вербата во себе треба да биде толку многу голема, за да не може никој да нѐ поколеба во своите цели.  За да можам денес да го живеам својот сон и трчањето да биде мој живот како приватно, така и професионално, се откажав од многу работи во животот и верував во моите цели кога никој не веруваше. Но, тоа е процес кој нема крај и трае постојано, па затоа секојдневно размислувам како да го продолжам ова, како да направам нешто ново и подобро, да бидам подобра личност итн.

Спортот е мојот живот. Напорно се борев за да успеам во ова и не планирам никогаш да се откажам. Нема нешто поубаво на светот човек да е психо-физички здрав и да биде позитивен пример за општеството во кое живееме. Нема ништо поубаво од тоа да бидеме инспирација и мотивација за другите и преку личен пример да го покажеме најдоброто што го имаме во нас и тоа да трае постојано, од ден во ден. Мојата цел и во иднина е да останам вистински спортист и заедно со сите љубители на спортот да придонесеме во реализација на квалитетен и исполнет живот.


Автор: Кокан Ајановски

© 2019 Beyondtheresults