Проектот „7 summits“- Илина Арсова

Три недели по враќањето од студениот Антарктик, веќе нестрпливо размислувам и планирам за следна цел и дестинација. Веројатно споменот на неизмерна среќа која ја доживувам секојпат на висина, во опкружување на пејзаж од кој запира здивот, е она што постојано ме тера да го правам ова дотолку што сите останати животни работи, навики и потреби се помалку битни и второстепени. Многумина ми велат „Ајде сега доста е“, „Одмори малку“, „Ги искачи сите планини“ и т.н., но сега е моментот на најголема мотивација што треба да се искористи ако сакаме да се надградуваме. Сега е моментот кога човек може да напредне наспроти рекреативното одржување на исто ниво со години. Среќна сум со постигнатото, што конечно заокружив една мисија која ми била предизвик веќе десетина години, но мислам дека можам да постигнам повеќе во поглед на сопствените можности. 

Сепак реалноста  е малку поинаква. По враќањето од искачувањето на врвот Винсон, како и после секоја поголема планина, веднаш ме навасаа болките во колена со кои си имам мака години наназад. Имам пад на слухот и зуење во ушите кое по секоја експедиција се зголемува. Тоа е нешто како расипан фрижидер кој постојано и без престан ви бучи во ушите. Условите на кои го изложуваме нашето тело, со денови и ноќи на студ, ветер и редок воздух, полека но сигурно се одразуваат врз општата здравствена состојба. Тоа е сметка која доаѓа со камата после повеќе од две децении (и повеќе од пола живот) посветен на авантуристичките и екстремни спортови. Свесна сум дека треба време за опоравок, а потоа од ново спремање за што и да следи. Трпението игра огромна улога и е многукратно решение.   

Овие ситуации не се добредојдени во процесот на себе – мотивација. Излегувам на јавни средби, со мојата приказна успевам да инспирирам и мотивирам многубројна публика, додека потоа поминувам низ сешто за да себеси се мотивирам и да се вратам во колосек. Веќе трета година не можам да скијам, а богами ни да одам без потребните инекции и нтервенции. Докторот беше скептичен и дали дотука ќе можам да истраам и да ја комплетирам мисијата за 7-те врвови. 

Но, веќе сме големи и размислуваме по рационално (барем понекојпат). Како да најдеме најбезболно решение за да постигнеме резултат, а притоа да заштедиме енергија и најбитно да ја подобриме физичката кондиција и состојбата на телото. Кога сфатив дека на колената повеќе им прија пливање и точак, целосно ја искористив својата позиција во Охрид и предизвикот за тренинг го насочив кон триатлонот кој секоја година се случува токму во Охрид. Тоа беше добар момент за мене да најдам мотив и да тренирам во деновите кога сум презафатена со работа. Толку се вљубив во новиот спорт што продолжив да тренирам и по завршување на триатлонот. Го избегнував трчањето, а се задржав на останатите две дисциплини. Тоа верувам до некаде ми помогна за да закрепнам и да го вратам фокусот кон „7 врвови“. Пливачката сезона наменски ја продолжив, верувајќи дека студената вода ќе ми помогне подобро да го поддржам студот кој ме очекува на Антарктикот. Во 2019 та пливав некаде од Март до Ноември, со тоа што во постудените месеци не се задржував предолго во вода. Во редовните летни месеци гледав да пливам барем по 2 км во денот. Внимавав на исхраната и одев на вежби за дишење, со мојата учителка од „Арт оф Ливинг“. Есента веќе многу подобро се чувствував и заминав на подготовки во Италија каде работев како волонтер, качував и планинарев. Знаев дека сум подготвена за да заминам на Анатрктикот сепак остана мала доза на неизвеснот од акумулираниот страв од студот, бидејќи ми требаа речиси три години да се опоравам од смрзнатините добиени на Аљаска во 2016-та година. Сето тоа исчезна кога со рускиот Иљушн слетавме на поларното копно. Веднаш се вљубив во новото сценарио и сите сомнежи исчезнаа. 

Велат дека Антарктикот е еден вид снежна пустина. Тоа е и најсувиот континент со многу мала влажност и количество на врнежи. Но, оваа година ги почувствувавме климатските промени. Заврна многу снег што предизвика и огромни лавини. Постоеше можност експедицијата вондредно да заврши без успех, заради голема опасност од лавини. Врвот Винсон технички не е многу сложен, но е доста оддалечен и суров заради својата изолираност.  И покрај тоа што Винсон го нарекуваат помалото братче на Денали, од претходно си имав научено дека не смеам да потценам ниту една планина, така и овојпат и пристапив со голема почит. Бевме мал тим од вкупно шест души. Секој учествува во транспорт на опремата, храната, шаторите и кујнската опрема. Дел од теретот е распределен во ранци, а дел влечеме на санки. За разлика од Хималаите или Андите, овдека немаме помош од носачи и целата опрема ја транспортираме сами. Навикната сум да носам товар бидејќи уште од мала го правам тоа. Кога имав 14 години со сестра ми се тркавме на Водно. Татко ми еден ден ни стави по 7-8 големи камења во ранецот и ни рече: „Ај сега да видам како ќе трчате“. Тоа ми стана навика и почнав да го носам ранецот полн со камења секој ден кога одев на Водно. Грешката што ја направивме бидејќи тогаш не знаевме, е дека подобро ќе беше само нагоре да тренирав со терет, а надолу да одев со празен ранец. Барем тоа коленава ми го велат денес.  

Искачувањето на највисоките врвови на сите 7 континенти се смета за светски високогорски предизвик. Од аспект на високогорско достигнување и во рамки на овој проект постои натпревар и тоа: кој бил најмлад, кој најстар, кој најбрзо ги искачил и т.н. А, според мене најголемо достигнување имаат оние  десетина луѓе, кои се искачиле без користење на додатен кислород на Монт Еверест.

Мојата приказна за 7-те врвови е малку поинаква бидејќи како еден ликовен уметник во секој еден од тие врвови јас наоѓав инспирација да создавам и творам, а потоа и да споделам разни креативни проекти кои непрестано извираа од мене. Таму некаде меѓу врвовите се роди идејата за хостелчето „IKAR Hut“ во кое денес живеам и со голема љубов споделувам дел од моите искуства, таму добивав енергија за кога ќе се вратам да се расправам со властите и да го поддржувам еколошкиот активизам за зачувување на Охридско. А секако дека таму некаде, односно  токму по симнувањето од Чимборацо, се роди и идејата за документарниот серијал Herstory.pro, мојот последен проект посветен на жените во спортот. Како спортско достигнување среќна сум што половина од овие врвови успеав да ги реализирам во своја организација и без водич, што е многу почист пристап во планинарењето.   

Оваа мисија траеше нешто подолго време од предвиденото и токму затоа беше вистински предизвик да се истрае до крајот. Имено Аконкагва ја искачив соло, во 2011-та година, кога сеуште не размислував дека еден ден ќе ги качам сите 7. Истата година со партнерот Илија го искачивме Ама Даблам, за мене една од најубавите планини во светот. Тоа беше можеби и првиот крстопат дали ќе го одберам патот на 7-те континенти или пак ќе се насочам кон искачување на по технички врвови кои особено ме привлекуваа (Матерхорн 2010, Ама Даблам 2011 и повеќе долги насоки во Казахстан и Азија во 2009). Таа желба сеуште тлее и истата потреба ја задоволувам со редовно тренирање и качување карпи дома и во околните земји. Качував спортски насоки секаде каде што можев, но качував и долги, класични алпинистички насоки на Матка, Демир Капија и на Доломити. Во 2012-та година организирав мала група на Килиманџаро (во чест на мојата мајка која беше доктор на нашиот тим), истовремено се борев да ги обезбедам потребните средства за искачувањето на Монт Еверест кој дотогаш беше и главната цел. Монт Еверест конечно се случи во 2013-та година и тоа беше прекрасно чувство, достигнување на еден сон, национален успех и себенадминување. Се вљубив во височините каде се чувствував сосема комотно. Но веднаш по искачувањето се родија нови цели, а една од нив беше и да ги завршам  7 те врвови бидејќи веќе бев речиси на „пола пат“. Така продолжив по патот на 7-те континенти, во 2014-та следеше Елбрус, каде повторно заминав сосема сама и како новитет за македонското високогорско скијање се спуштив на скии во телемарк стил. Во 2015 – та со мојот другар Филип Василески заминавме на подготовки на Хималаите и самостојно во алпски стил го искачивме врвот Мера од 6476 м. каде јас повторно се искачив и спуштив во телемарк стил и со тоа го поместив личниот рекорд во високогорско скијање. Ова беше всушност и подготовка за Денали, што следеше во 2016 та година. Во иста комбинација со Филип, јас на скии (до 5000 м), потоа заедно во наврска, во сурови услови успеавме да го качиме врвот од 6195 м, како највисок на северно американскиот континент. Можам да го издвојам Денали како еден од потешките, особено заради тоа што бевме во самостојна режија и без никаква логистичка поддршка освен нашиот пријател метеролог кој постојано не снабдуваше со добра прогноза преку пораки на сателитскиот телефон. Денали е и единствениот врв во низата од 7, кој го искачив од втор пат после обидот со Надир и Иле во 2012 кога достигнавме висина од околу 5100м. 

2017 и 2018 година излегов од континуитет со 7-те врвови најмногу заради немањето на средства за последните два кои беа и финансиски нај предизвикувачки. Тие години тренирав на други планини кои можев да си ги дозволам во сопствениот буџет. Искачив уште неколку 6000-ки во Перу и Еквадор каде работев како волонтер, но и се насочив кон мојата друга љубов, спортското качување и се трудев да ја подобрам техниката и нивото на карпата. 

Конечно во текот на 2018 година, Агенцијата за Млади и спорт ги препозна напорите на Федерацијата за планинарски спортови како и моите лични заложби кон проектот 7 врвови, и одлучи да не поддржи. Така, крајот на 2018 година заминав во Западна Папуа, и точно на почетокот на 2019 година го искачив врвот Пунџак Џаја, 4884 метри, највисок врв на Австралија и Океанија.  Благодарение на поддршката од АМС, ФПСМ, мојот клуб Трансверзалец, Спортско качувачката федерација, но и многу други анонимни спонзори, 2019-та година, започна и заврши со добри вести од планините и конечно нашата земја доби свој прв женски претставник на 7-те врвови на сите континенти. А сега да качиме нешто за душа, или евентуално да го препливаме Охридско… Како и да е сонувајте и патувајте, животот е авантура!


Автор: Илина Арсова

logo-beyond-the-results