Матерхорн во три чина – Александар Кирковски

Месец јули, 2018-та година, во малечкото село Червинија под големиот Матерхорн. Ме испраќаат драги пријатели, продолжувам сам… треба да ја префрлам планината, да стигнам до планинарскиот дом “Хорнли“ на швајцарската страна. Тоа е појдовната точка за искачување на овој импозантен врв, круната на Алпите, логото на Тоблероне, сонот на илјадници планинари и вечно почивалиште на над шестотини од нив. Овојпат сум сам и имам многу време за размислување, чувствата се измешани, се сеќавам…

Есента 2005-та година еден викенд на домот Караџица ги слушав свежите приказни на Љупчо Дебарлиев за доживувањата на Алпите, како и детали од обидите на Цобе на Матерхорн. Бев тазе во планинарските води, сметав дека врвот Матерхорн е само за најхрабрите, најспремни, одважни планинари и алпинисти, веројатно ќе потпишев со двете раце дека јас никогаш не би заминал таму. Сликата и помислата на овој врв за мене беа страшни. Се сеќавам и на летото 2013-та година кога заедно со Бојан првпат го видовме Матерхорн во живо, не остави долго без зборови, стоиме долу, гледаме, се гледаме меѓусебе. Е ова треба да го качиме! Двајца солидни планинари, скромни качувачи, технички можеби најнеспремните Македонци кои заминале таму – победи срцето, волјата, храброста и искрениот пристап кон планината. На 21 јули застанавме на врвот! Се сеќавам и на летото 2016-та година, спремни како никогаш го искачивме од италијанската страна, а Матерхорн на слегување ни одржа лекција за тоа колку сме мали и безначајни оставајќи не да бивакуваме цела ноќ висејќи на неговите карпести страни…

Стигнувам пред домот Хорнли, веќе е попладне, се сместувам. Овојпат е поинаку, сам сум, чувството на возбуда и неизвесност е присутно. Како ли ќе биде утре, немам партнер, нема наврска, нема обезбедување, нема право на грешка… па нели е ова моментот кој долго го чекав!? Многу ноќи претходно заспивав со помислата на соло искачувањето на Матерхорн, многу години вложив за да дојдам до тоа ниво. Оваа ноќ за чудо заспав мирно. Будење, 3:45 часот, доручек колку да се касне нешто и тргнување. Сеуште е ноќ, поаѓаат доста наврски, единствен сум соло… доаѓам под карпата, вдишувам длабоко и ја пуштам штоперката. Да, имам и временски зацртана цел до врвот и назад за под 8 часа! Се движам во ноќта, ме разденува неколку стотини висински метри погоре, одлично ми оди. Имам чувство на смиреност дури и на најекспонираните секции, со планината сме едно и некоја енергија ми вели дека денес ќе биде наклонета кон мене. Планината е таа истата пирамида од карпи, но нашата психа и игрите во неа се чудо во вакви моменти… за среќа овојпат добро ја играм играта. Веќе сум над бивакот, стасувам и на ‘рамото’ на Матерхорн, уште неколку пострмни секции и остриот снежен гребен: 3 часа 24 минути вели мојот Гармин! ДА, на врвот сум, на металниот крст поставен во раните години на минатиот век, денес значајно обележје на Матерхорн. Голема среќа, но нема време за такво нешто, треба безбедно да се вратам назад. Во планините, а посебно на техничките врвови тоа е потешкиот дел. Но сите имаме денови кога речиси ништо не е тешко, слегувам истовремено брзо и внимателно, уживам. Го гледам местото каде цела ноќ бивакувавме пред три години, одминувам, пак сум пред домот Хорнли и часовникот вели 7 часа 01 минута. Втор Македонец сум што го солирал гребенот “Хорнли“, поставив и најдобро македонско време, а на крајот статистиките не се ни важни: СРЕЌЕН СУМ! Истиот ден се вратив назад во Червинија, ме пречекаа другарите на заслужено пиво. Среќните моменти се ништо ако немаш со кого да ги споделиш.

И додека седам дома и ја пишувам оваа кратка приказна ме обземаат позитивни емоции. Планината е ЧУДО! Понекогаш ме прашуваат што имам јас од сите овие планински авантури низ годините, но немам начин да им објаснам… тоа е оган што засекогаш ќе го имаме во себе, кој гори и во најтешките моменти, тоа е една од малкуте работи во денешниот свет која не се продава и купува со пари. Среќен сум што имав можност да видам и почувствувам многу во планините, а уште повеќе што како наставник по географија имав можност да им пренесам дел од таа енергија на младите. Тркалото се врти и ние со него, одиме напред!


Автор: Александар Кирковски